Американскиот војник што работел како пешадиски офицер во КФОР од јули 1999 година и бил главно во подрачјето на Гњилане, во мисијата на Обединетите нации одговорна за одржување на редот, остана доследен на сето она што претходно го кажа во писменото сведочење во обвинителството, па одбраната на водачот на ОВК, Хашим Тачи, побара од него да ги објасни своите ставови
Американскиот офицер на КФОР, Стивен Расел, сведочеше на судењето на Хашим Тачи во Хаг:
По летната пауза на Специјалниот суд на Косово во Хаг, судењето на водачите на таканаречената ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото од почетокот на 1998 година до крајот на 1999 година во Косово, продолжи со сведочењето на американскиот војник Стивен Расел. Тој работел како пешадиски офицер во КФОР од јули 1999 година и бил главно во подрачјето на Гњилане, во мисијата на Обединетите нации одговорна за одржување на редот.
Расел остана доследен на писменото сведочење
Расел остана доследен на сето она што претходно го кажа во писменото сведочење во обвинителството, па одбраната на Тачи побара од него да ги објасни своите ставови, во рамките на кои тој рече дека интервенцијата на НАТО во Косово немала мирољубива цел, туку цел да наметне резултат, како и дека Америка во таа војна зазела страна со својата интервенција.
– Отидовме таму да ја имплементираме Резолуцијата 1244, која е резултат на интервенцијата во суверенитетот на Србија во име на насилството предизвикано во покраината Косово, и мислев дека во тој контекст се мешаме во суверенитетот на Србија, за да се ублажат страдањата на луѓето во покраината Косово. Мислам дека е тешко воздухопловните сили да испорачаат резултат без да бидат на терен – рече Расел.
Адвокатот на Тачи на сведокот му го претстави говорот на тогашниот американски претседател Бил Клинтон, во кој тој изјави дека интервенцијата на НАТО има мирна цел, за да го заштити цивилното население, на што Расел одговори: „Верувам дека тогаш сите мислевме така“.
И покрај полемиката со адвокатот на Тачи, Стивен Расел остана на ставот дека Хашим Тачи не сака мултиетничко Косово и дека Србите не се добредојдени таму.
– Имаше изјави за Косово без Србија, но Косово без Србија е во спротивност со статутот според кој ние тогаш влеговме во Косово – рече Расел.
КФОР пронашол заробеници во зграда на ОВК
Сведокот од Америка рече и дека на 9 август 1999 година влегле во зграда што ја користела ОВК и во подрумот нашле тројца притвореници.
– Решивме да ги пуштиме, им дадовме вода, топло беше. Беа свесни. Колку што се сеќавам, кога влеговме во подрумот, имаше нешто како посебно место од десната страна, каде што имаше столче и некои остри предмети. На подот имаше дамки од крв. Сето тоа беше во еден изолиран ќош. Сета таа крв изгледаше свежа. Претресени беа сите простории и пронајдени се документи и оружје, кои беа одземени. Кога започна операцијата, очекувавме дека нема да најдеме ништо, бидејќи припадниците на ОВК ни рекоа да провериме што сакаме. Американските војници имаа впечаток дека припадниците на ОВК се обидуваат да купат време – изјави Расел.
На сведокот потоа му беа покажани два документа на ОБСЕ, од кои едниот е неделен извештај за периодот од 11 до 17 август 1999 година, во кој се наведува дека секојдневните судири во Гњилане не престанале по упадот и заземањето на зградата што ја користела ОВК и пронаоѓање на она што беше опишано како комора за мачење. Според документот, трупите на КФОР биле опколени од гневни толпи, а КФОР привел само девет од 30-те лица што биле цел на апсење. Се наведува дека следниот ден биле организирани и други албански протести против мировниците во обид да се ослободат приведените.
Откриени незаконски документи кај косовските Албанци
За овие случувања, Расел рече дека се уапсени десет лица и оти не се сеќава на ништо конкретно што направила ОВК во врска со злосторството што тогаш го открил КФОР.
Тој рече дека на терен сретнале луѓе што вршеле полициска работа, иако го немале потребното овластување што го давале само ОН.
Обвинителот му достави документ, кој всушност е полициско овластување и во кој стои дека имателот на таа службена книшка има право да носи огнено оружје и да го употребува во случаите предвидени со закон, има право да идентификува лица и да ги донесе до полициските органи, да влезе во туѓо место на живеење без да добие дозвола, да одземе возило и телефон. Расел одговорил дека не само што виделе такви документи туку и дека секојпат ги одземале од луѓе што неовластено вршеле полициски работи, бидејќи тоа го правеле незаконски.
Нему му била дадена и картичка на која пишува „Министерство за јавен ред – службена лична карта на Селим Красниќи“ и документот „Министер за јавен ред, Реџеп Селими“. Обвинителот го праша дали видел такви картички во рацете на ОВК.
– Не знаевме кои се многумина членови на Владата тогаш, но видовме лични карти од ваков карактер, видовме и незаконски документи на Владата, незаконски легитимации што не беа одобрени од надлежните органи – рече сведокот.
Овие документи се вклучени во материјалните докази и се класифицирани како доверливи.