Рекорден број изложувачи од светот на најголемиот саем за увоз во Кина
- Меѓународниот саем за увоз на Кина, кој годинава го имаше своето осмо издание, редовно се одржува во Шангај, еден од најживите градови во Кина и економски и финансиски центар на земјата, кој нуди неверојатни можности за изложувачите од целиот свет, поради што тие токму тука ги лансираат своите најнови производи
Сè повеќе странски компании се присутни на кинескиот пазар и заеднички напредуваат во светски рамки. Ова го покажа и осмиот Кинески меѓународен саем за увоз Експо (China International Import Expo – CIIE), кој се одржа во Шангај од 5 до 10 ноември, во организација на Министерството за трговија, Општинската народна влада на Шангај, како и Бирото за Меѓународниот саем за увоз на Кина и Националниот центар за конвенции и изложби (Шангај). Показател за тоа беше и годинашното рекордно учество на странски компании на саемот. На вкупна изложбена површина од 420.000 квадратни метри се претставија 3.466 странски компании и делегации од 152 земји, региони и меѓународни организации, меѓу кои и 297 од 500-те водечки светски компании, што е рекордна бројка досега.
Меѓународниот саем за увоз на Кина, кој годинава го имаше своето осмо издание, редовно се одржува во Шангај, еден од најживите градови во Кина и економски и финансиски центар на земјата, кој нуди неверојатни можности за изложувачите од целиот свет, поради што тие токму тука ги лансираат своите најнови производи. Многу компании одлучуваат премиерно да се претстават на овој светски трговски настан затоа што се надеваат на побрз пробив до огромниот кинески пазар.
Околу 1.500 учесници присуствуваа на церемонијата на отворање, вклучувајќи претставници на светските влади, деловните заедници и академските кругови од 155 земји, региони и меѓународни организации. Над 700 подделегации и речиси 450.000 професионални посетители го направија ЦИИЕ водечка платформа за глобалните компании да ги прикажат своите напредни технологии.
Од 2018 година до денес Кина успешно организираше повеќе изданија на ЦИИЕ, а квалитетот на изложбата продолжи да расте и да добива сѐ поголемо меѓународното значење и влијание.
Кинескиот премиер Ли Кијанг, кој го отвори Експо, во своето обраќање вети раст со висок квалитет, подлабоко отворање на изложбата, зголемување на светската доверба и соработка и рече дека земјата ќе продолжи да се стреми кон раст со висок квалитет и непоколебливо ќе промовира отворање на земјата со високи стандарди и поголем придонес во светската економија.
– Кина ќе продолжи да го проширува институционалното отворање и ќе понуди сеопфатни пилот-програми за забрзување на отворањето на секторот услуги. Оваа година на годинашниот Експо беше забележан рекорден број учесници, што целосно ја демонстрира виталноста на суперголемиот кинески пазар – рече премиерот Ли Кијанг, додавајќи дека Кина сигурно ќе донесе повеќе стабилност и позитивна енергија во светот.
На отворањето се обратија и претседателот на Националниот совет на Словенија, Марко Лотрич, претседателот на Претставничкиот дом на Нигерија, Аббас Таџудин, и Ребека Гринспан, генерална секретарка на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој, и премиерот на Грузија, Иракли Кобахидзе,
ЦИИЕ како прозорец за Кина за изградба на нова развојна парадигма и платформа за промовирање високо ниво на отвореност, може да се каже дека е не само влезна точка за странските компании во кинеската економија туку и важен мост што ја поврзува Кина со светот.

Странските учесници ја истакнаа важната улога на саемот во промовирањето на отвореноста, соработката и поттикнувањето на глобалниот економски раст.
Некои од заклучоците на говорниците на настанот се дека продолжените напори на земјата да промовира високо ниво на отвореност и подобрување на деловната средина дополнително ќе создадат пошироки можности за мултинационалните компании што работат во Кина и ќе придонесат за просперитет на светската економија. Нагласено беше и водството на Кина во области како што се електричните возила, дронови, телекомуникации и фармација. Лидерите на глобални компании и експерти исто така ги споделија своите увиди и покажаа позитивен став кон развивање идни бизниси во Кина. Тие ги истакнаа напредокот на Кина и направените реформи во изминатите години и посочија дека кинескиот пазар нуди стабилност, голем обем, брза иновација и визионерски фокус на одржливост.

ЦИИЕ се одржа во Националниот изложбен и конгресен центар во Шангај, кој претставува најголема единствена градба и изложбен комплекс во светот. Со вкупна индустриска површина од речиси 1,5 милион квадратни метри, објектите вклучуваат изложбени хали, трговски центар, деловни згради и хотел. Овие четири целини се поврзани со издигнат изложбен булевар со висина од осум метри, што им овозможува на посетителите лесно движење помеѓу различните функционални области. Една од халите е резервирана за националните павилјони, а на самиот влез се наоѓа кинескиот павилјон, најголемиот и највпечатлив на целата изложба, во кој можеа да се погледнат технолошките изуми на Кина со кои го заслужи приматот на најбрзорастечка економија во светот. Тука беа и павилјоните на голем број држави – од Африка, преку Јужна Америка и Азија, па сѐ до Океанија… Во големиот „Медиа центар“, стотици новинари од сите краишта на светот ги испраќаа своите обраќања, интервјуа и извештаи споделувајќи ги впечатоците од еден од најголемите економски настани во Кина.
Експо-Шангај е замислен како кинеска иницијатива за меѓународна трговија и обид за поврзување различни земји, поради што сè повеќе странски компании сакаат да дојдат во Кина. Преку зајакнување на соработката, земјите можат заедно да работат на соочување со глобалните предизвици.
Весна Дамчевска, наша известувачка од Кина



































