Два дена по постигнувањето нов колективен договор за вработените во „Дојче пост“, компанијата најави големи кратења – и ги оправда токму со колективниот договор: 8.000 работни места ќе бидат укинати
Германската пошта („Дојче пост“) објави дека има намера да укине 8.000 работни места во Германија за да ги намали трошоците. „Дојче пост“ вработува 187.000 луѓе во Германија, а вкупно 600.000 луѓе работат за ДХЛ низ светот.
ДХЛ, логистичка фирма што е дел од „Дојче пост“, претходно најави дека сака да заштеди една милијарда евра на структурни трошоци.
„Дојче пост“ соопшти дека намалувањата ќе бидат спроведени на општествено одговорен начин и дека се дел од пошироката програма за намалување на трошоците што го вклучува логистичкиот гигант „ДХЛ груп“, кој вработува околу 600.000 луѓе низ светот.
– Намалувањето на работните места ќе дојде поради природни флуктуации – изјави Тобијас Мајер, извршен директор на групацијата ДХЛ.
Овој потег следува откако компанијата објави дека приходите се зголемиле за 3 отсто, на 84,2 милијарди евра (91,1 милијарда долари), а оперативниот профит паднал за 7,2 отсто, на 5,9 милијарди евра.
Долгорочниот пад на обемот на писмата придонесе одделот на компанијата „Пошта и пакети“ во Германија да пријави пад на оперативната добивка од 5,6 отсто, на 821 милион евра, иако прометот се зголеми за 2,7 отсто, на 17,3 милијарди евра.
Укинувањето на работните места дојде откако работниците неделава постигнаа договор за нов колективен договор со кој платите на вработените ќе се зголемат за 2 отсто во април годинава и уште 3 отсто во април 2026 година.
Освен тоа, сите вработени добиваат дополнителен ден за одмор, а долгогодишните вработени добиваат втор дополнителен ден за одмор.
Мајер го посочи овој колективен договор како еден од двигателите за кратењето на работните места.
– Договорот го зголемува притисокот на трошоците. Овој колективен договор ќе нѐ чини околу 360 милиони евра до крајот на 2026 година. Ова се случува во пазарно опкружување во кое гледаме значително забрзан пад на обемот на писма – рече Мајер.