Тутунот, алкохолот и канабисот се консумираат многу помалку од француската младина од почетокот на пандемијата во март 2020 година, иако карантините не беа единствената причина за овој надолен тренд, се вели во една неодамнешна студија на Светската здравствена организација
Забележано намалување на штетните навики кај европските тинејџери
Светската здравствена организација (СЗО) спроведе студија во партнерство со „ЕнКЛАС“, а резултатите беа објавени неодамна. Тие покажуваат дека пандемијата го забрзала трендот на намалување на употребата на алкохол, тутун и канабис кај француската младина“, според Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, во соопштението за печатот.
Земјите, вклучувајќи ја и Франција, одлучија да ги затворат училиштата за да го ограничат ширењето на вирусот за време на пандемијата, што доведе до нарушување на студиите и социјалните животи на тинејџерите. Една последица од тоа е значителниот пад на употребата на тутун, алкохол и канабис, според истражувањето на „ЕнКЛАС“, спроведено на 2.000 ученици на возраст од 14 години во 2021 година. На пример, потрошувачката на алкохол кај младите бележи надолен тренд, со тоа што во 2021 година беа на најниско ниво од 2010 година, а најголем дел од намалувањето (60 отсто) се случило меѓу 2018 и 2021 година. Сепак, студијата исто така покажа дека алкохолот останува најпопуларната штетна супстанција кај младите Французи, со тоа што двајца од тројца ученици на 14-годишна возраст ја консумирале оваа супстанција до 2021 година.
Карантините што беа воведени во пандемијата не се единствената причина зад овој тренд, бидејќи тоа може да се објасни и со „успешните јавни политики и стратегии, вклучувајќи ја и борбата против нормализацијата на употребата на тутун“, се посочува во соопштението за печатот на СЗО.
Употреба на цигари и алкохол
Иако е намалена употребата на канабис и алкохол кај младите, бројките се најзначајни кога станува збор за консумацијата на тутун. Во 2021 година, само 30 отсто од француските тинејџери пробале да пушат цигари, споредено со 37,5 отсто во 2018 година и речиси 52 отсто во 2010 година, според истражувањето. Меѓу тинејџерите, процентот на пушачи, односно оние што пушеле барем една цигара во последните 30 дена, исто така паднал од 13,6 отсто во 2018 година на 10,2 отсто во 2021 година.
Употребата на електронски цигари, сепак, остана стабилна за време на пандемијата, според студијата, која смета дека нивната зголемената популарност меѓу француските тинејџери е „загрижувачки“ тренд. Процентот на доживотна употреба на електронски цигари сега е поголем од доживотната употреба на тутун, покажа студијата.
Намалена употреба и на канабисот
Употребата на канабис исто така се намалува, при што само 9,1 отсто од 14-годишните ученици го пробале до 2021 година, што е речиси трипати помалку отколку во 2010 година (23,9 отсто). Клуге тврди дека резултатите од истражувањето ја покажуваат „значајноста на паметните политики и влијанието на околината врз однесувањето“.
Иако намалувањето на потрошувачката на опојни супстанции кај младите луѓе во Франција делумно се припишува на мерките за заштита од ковид-19, како што се карантините, тие исто така имаа посериозни последици што може да се покажат како уште поштетни за нивното здравје. Според извештајот изгласан од Европскиот парламент во септември, децата и младите се особено погодени од оваа појава. Помеѓу 10 и 20 отсто од децата и младите имале проблеми со менталното здравје пред пандемијата и повеќекратните карантини, а таа бројка сега е искачена на околу 20-25 отсто.
Во своето годишно обраќање пред Европската Унија (ЕУ), претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, најави дека стратегијата на ЕУ за ментално здравје ќе биде претставена во втората половина на 2023 година.