Кога станува збор за идните родители, новата низа на погодности ја прави групацијата „Да беи нонг“ најдарежлив кинески работодавец. Локалните влади исто така нудат стимулации, бидејќи Кина прави обиди да ја спречи заканувачката демографска криза на стареење
Кинески бебешки бонус
Дали се надевате на бонуси и подобро платено отсуство од работа? Една компанија во северна Кина ги нуди и двете погодности за сите вработени што имаат новороденче.
Најдарежливиот кинески работодавец
„Нешнал бизнис дејли“ во понеделникот објави дека групацијата „Да беи нонг“, компанија за земјоделска технологија во Пекинг, нуди 90.000 јуани (14.124 американски долари) во готовина и дополнително породилно отсуство во траење до 12 месеци за женскиот персонал, како и дополнителни девет дена за мажите што очекуваат бебе.
Кога се работи за поттикнување на наталитетот, компанијата стана најдарежливиот кинески работодавец досега, додека локалните власти нудат стимулации во согласност со кинеската политика за три деца, обидувајќи се на тој начин да ја спречат заканувачката демографска криза на стареење, пишува „Саут чајна морнинг пост“.
Според планот објавен неодамна, вработените во оваа компанија ќе бидат наградени со 30.000 јуани (4.708 американски долари) за раѓање прво дете, а сумата ќе биде двојна за второ и тројна за трето. Истовремено, врз основа на државните стандарди, породилното отсуство ќе се зголеми за еден, три, односно 12 месеци, додека татковското отсуство ќе се зголеми за девет дена, без разлика на бројот на деца.
Кинеската национална политика нуди породилно отсуство во траење од 98 дена за мајките, но ниту еден за татковците. Законската регулатива во локалните самоуправи вообичаено нуди дополнително отсуство за вработените жени и татковско отсуство во должина од една недела до еден месец.
– Од една страна, го развивме и претставивме планот, бидејќи Владата го охрабрува наталитетот. Од друга страна, многу од провинциите имаат ниска стапка на наталитет, на што Владата посветува големо внимание. Веруваме дека раководителите на одделите би требало да дадат личен пример за раѓање повеќе деца. Тие треба да играат водечка улога, сè додека возраста и здравствената состојба им го дозволуваат тоа – изјави секретарот на управниот одбор на компанијата, Чен Жонгхенг, додавајќи дека ова на вработените би им дало чувство на сигурност и би ја зголемило нивната мотивација.
Компанијата, која е основана во 1993 година и има седиште во Пекинг, во првите три квартали од 2021 година оствари вкупен приход од 23,4 милијарди јуани (3,6 милијарди американски долари).
Туѓите искуства велат дека финансиските стимулации имаат лимитирано влијание
Добро е што претпријатијата преземаат општествена одговорност со поттикнување на наталитетот, но поентата е во тоа дали се работи само за краткорочни мерки за привлекување на вниманието на јавноста во однос на демографските проблеми, или, пак, станува збор за одржливи придобивки на подолг рок – вели професорот Ху Жан, демографски експерт од универзитетот „Фудан“.
Жан истакна и дека, што се однесува до владините политики, искуствата од Јапонија, Јужна Кореја и од Европа укажуваат на тоа дека финансиските стимулации имаат лимитирано влијание врз подготвеноста на луѓето за одгледување деца.
Одгледувањето деца е долготраен систематски процес и подготвеноста да се има дете не може да се промени за кратко време. Претераното нагласување на финансиската поддршка истовремено може да доведе до континуиран пораст на владините трошоци, па дури да резултира и со „бумеранг- реакција“ откако субвенциите ќе се намалат – рече Жан.
Според професорот, наместо тоа, воведувањето услуги за ублажување на притисокот од одгледувањето деца и подобрувањето на балансот помеѓу семејството и работата, би претставувало ефикасно решение како за владата, така и за работодавците.
Откако во текот на изминатата деценија Кина ја смени политиката за контрола на наталитетот, наводно, и некои други компании понудиле финансиски стимулации за раѓање деца, но ниту една од нив не се покажала толку дарежлива како „Да беи нонг“.
Исто така, откако во мај 2021 година централната влада објави дека дозволува секое семејство да има три деца, во последниве неколку месеци и локалните самоуправи излегоа со повластени политики во однос на оваа проблематика.
Провинцијата Џилин, која има втора најниска стапка на наталитет во Кина, минатиот месец објави дека ќе обезбеди кредити до 200.000 јуани (31.400 американски долари) за брачните двојки што планираат да имаат деца – со намалена каматна стапка, во зависност од бројот на деца што ги имаат.
Од 2016 година, четири години по ред, бројот на новороденчиња во Кина континуирано опаѓа. Во 2020 година беше забележано рекордно ниско ниво на новородени бебиња – 12 милиони, во споредба со 14,65 милиони во 2019 година.
Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска