Неодамна германската влада соопшти дека ја разгледува можноста за раздвојување на пазарите на гас и електрична енергија, како начин на зауздување на растот на цените на електричната енергија во Европа, повик на кој му се придружија Брисел и Виена, пишува Николаус Курмајер од „Еурактив“
Има ли излез од паралелната криза со високите цени на гасот и на струјата?
Европската Унија (ЕУ) се наоѓа среде „паралелна криза“, додека астрономските цени на гасот ја зголемуваат цената на електричната енергија до невидено високи нивоа, изјави портпаролот на германската влада. Според податоците на Европската енергетска берза, цените на киловат-час во Германија достигнаа едно евро, додека во Франција цените на електричната енергија се искачија на 1.130 евра за мегават-час. За да најде решение за овој проблем, германската влада сака да ги раздвои пазарите на гас и електрична енергија.
Портпаролот на германското министерство за економија и климатска акција потврди дека министерството работи на фундаментална реформа и решение за контрола на растечките малопродажни цени за потрошувачите на електрична енергија. Тој додаде дека цел на реформата е да се раздвои развојот на цените на електричната енергија за крајните потрошувачи од растечката цена на гасот.
Причини за раст на цените
Цените на струјата во ЕУ се поттикнати од „маргиналниот“ производствен капацитет на гасните централи, кои во краток рок би можеле да се стават во погон заради задоволување на максималната побарувачка. Растот на цените на гасот, како последица на конфликтот во Украина, ги „турка нагоре“ и цените на електричната енергија.
Сепак, цената на обновливата електрична енергија остана ниска, додаде портпаролот, навраќајќи се на минатогодишните забелешки од страна на Шпанија, Франција и другите европски земји, кои побараа раздвојување на пазарите на гас и електрична енергија. Германскиот портпарол објасни дека целта е потрошувачите и индустријата да имаат поголема корист во однос на плаќањето струја поради фактот што обновливите извори на енергија произведуваат многу евтино. За да го финансира ова, Берлин сака да „упати“ на неочекуваните профити што ги остварија компаниите за производство на електрична енергија од зголемувањето на нејзините цени.
Овие повици гласно одекнаа во објавата на социјалните мрежи од страна на белгиската министерка за енергетика, Тине ван дер Стратен. Таа на Твитер напиша дека струјата се произведува по цена многу пониска од онаа по која се продаваат струјата и гасот. Веќе не постои никаква врска помеѓу производствените трошоци и продажната цена. Стратен апелираше дека овој европски систем за формирање цени на електричната енергија треба да биде ревидиран. Исто така, по итната седница на Владата, австрискиот канцелар Карл Нехамер побара раздвојување на цените на гасот и електричната енергија.
Од друга страна, енергетските експерти покажаа скептицизам, велејќи дека пазарот функционира според предвиденото. Во својата реакција, Берлин се обиде да ги успокои критичарите, истакнувајќи дека е важно е да се обезбедат стабилно функционирање на европскиот пазар и гарантирано снабдување со електрична енергија. Оттаму и беше кажано дека одредбата за квалитет останува, но ќе се менуваат проблематичните ефекти врз корисниците на електрична енергија, а и дека процесот на реформи е во својата рана фаза.
Чешка, која во моментов претседава со ЕУ, ќе свика итен состанок со министрите за енергетика, за да се дискутира за конкретни вонредни мерки за справување со енергетската состојба, како што соопшти чешкиот премиер. Министерот за енергетика на Чешка, Јозеф Сикела, рече дека Европа е во „енергетска војна со Русија“.
Грчкиот предлог беше одбиен
Апетитот за реформи порасна откако минатата есен почнаа да растат цените на гасот. Франција и Шпанија беа првите што повикаа на радикална ревизија на актуелниот систем на маргинални цени за електрична енергија, при што Мадрид побара „структурни решенија“ на европско ниво за поделба на пазарите на гас и електрична енергија. Тие беа поддржани од челниците на Италија, Португалија и Грција, која побара од извршните органи на ЕУ да се позанимаваат со „заразниот ефект“ на високите цени на гасот на пазарите на електрична енергија.
Сепак, германскиот план значи отфрлање на грчкиот предлог, кој беше објавен летово. Имено, во јули грчката влада излезе со предлог за поделба на пазарот на електрична енергија на два дела, при што едниот пазар би бил за „скапо“ фосилно производство, а другиот само за „поевтини“ обновливи извори на енергија. Атинскиот предлог беше позитивно примен од страна на Италија, Кипар и Франција, но тој наиде на скептицизам во Луксембург и Данска, кои ја бранеа актуелната пазарна структура. Европската комисија ја призна потребата од реформи, истакнувајќи дека актуелниот пазарен систем „веќе не функционира“.