Лансирањето претставува прв придонес на Европа во програмата предводена од САД – Заедничкиот поларен сателитски систем (ЈПСС), нова сателитска констелација што орбитира меѓу Северниот и Јужниот Пол

Ракетата „Аријане 6“ носејќи го европскиот сателит од следната генерација за предупредување од екстремни временски настани беше лансирана од европскиот космодром во Француска Гвајана во средата. Додека многу европски земји се „крчкаат“ во екстремниот топлотен бран, Европската организација за експлоатација на метеоролошки сателити (ЕУМЕТСАТ) соопшти дека нејзиниот сателит „МетОп-СГА 1“ ќе дава „рани предупредувања за да помогне во заштитата на животите и имотот од екстремни временски услови“.
– Набљудувањата на „МетОп-СГА 1“ ќе им помогнат на метеоролозите да ги подобрат краткорочните и среднорочните временски модели што можат да спасат животи со овозможување рано предупредување за бури, топлотни бранови и други катастрофи, и да им помогнат на земјоделците да ги заштитат посевите, на операторите да управуваат со снабдувањето со енергија, а на пилотите и морнарите да се движат безбедно – додаде агенцијата.

Ракетата што го носи сателитот од четири тони полета од вселенската база „Куру“ во Француска Гвајана. „МетОп-СГА 1“ требаше да биде поставен во орбита висока 800 километри. Тоа ќе биде првиот придонес на Европа во програмата предводена од САД, Заедничкиот поларен сателитски систем, со која се поставуваат сателити што орбитираат меѓу Северниот и Јужниот Пол. Шесте инструменти за следење на сателитот се двојно попрецизни од постојниот сателит на агенцијата, ИАСИ. Преку него ќе се следат температурите на океанот и копното, водената пареа и стакленичките гасови во атмосферата, количеството пустинска прашина и облачноста.
– Екстремните временски услови ја чинеа Европа стотици милијарди евра и десетици илјади животи во текот на изминатите 40 години – бури како Борис, Даниел и Ханс, рекордни топлотни бранови и жестоки пожари се само најновите потсетници. Лансирањето на „МетОп-СГА1“ е голем чекор напред во обезбедувањето попрецизни алатки за националните метеоролошки служби во нашите земји членки, за спасување животи, заштита на имотот и градење отпорност кон климатската криза – порача Фил Еванс, генерален директор на ЕУМЕТСАТ, во ситуација кога повеќе од половина Европа и од медитеранскиот басен веќе четврти месец во низа се соочуваат со суша.
Лансирањето беше трета целокупна и втора комерцијална мисија на „Аријане 6“ од неговиот одложен прв лет во јули минатата година. Компанијата „Аријане“ соопшти дека планиран 32 лансирања од Куру во наредните години и оти има цел да извршува девет или 10 лансирања секоја година.