Критичарите велат дека преголемата помпа што се крена за проектот на Европската Унија за вложувања во нова инфраструктура во земјите во развој е само старо вино во нови шишиња
Споредба на развојните иницијативи на Брисел и на Пекинг
Една година откако Европската Унија (ЕУ) го лансира проектот „Глобална порта“, помпезно најавуваната нова стратегија за развој на инфраструктурата низ целиот свет, Брисел се бори да ги убеди скептиците внатре и надвор од блокот дека тој навистина е исплатлив и дека ЕУ може да биде кредибилен играч во игра во која Кина доминира цела деценија. Проектот „Глобална порта“ има цел да мобилизира до 300 милијарди евра од буџетот на ЕУ, земјите-членки и приватниот сектор до 2027 година. Средствата треба да им помогнат на неразвиените земји да ги забрзаат нивните зелени и дигитални транзиции додека истовремено европските економии ќе имаат корист од тоа и ќе го зајакнуваат глобалното влијание на блокот.
Пандан на кинеската иницијатива „Појас и пат“
Напорот делумно доаѓа како европски одговор на кинеската програма „Појас и пат“, која од 2013 година насочи стотици милијарди долари во изградбата на патишта, железници и пристаништа низ светот. Други западни земји, особено САД и Велика Британија, исто така спроведуваат свои шеми за странски инвестиции. Еврокомесарката за меѓународни партнерства Јута Урпилаинен за „Форин полиси“ оцени дека „Глобална порта“ е и геополитички проект, затоа што инфраструктурата е во срцевината на денешната геополитика.
Прашањето е дали овие напори се доволни за да се истакне ЕУ. Се проценува дека Кина дала до 400 милијарди долари странски заеми од 2014 до 2018 година и тврди дека потпишала договори како дел од „Појас и пат“ во вредност од околу 100 милијарди долари во 2022 година. Кинеската иницијатива „Појас и пат“ е една од водечките мерки во надворешната политика на кинескиот претседател Си Џинпинг и има цел да извезе кинески вишок економски капацитет и геополитичко влијание. Сега Европа се обидува да ја имитира оваа иницијатива.
Стефано Санино, генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи, дипломатскиот разгранок на ЕУ, рече дека „Глобална порта“ претставува нов пристап кон странската помош на ЕУ, кој повеќе не се фокусира само на помагање на целните земји, туку повеќе ги зема предвид европските интереси, исто така, барајќи да се изградат заемно корисни партнерства. Како примери на проектите што се веќе финансирани и во тек, претставниците на ЕУ го наведуваат новиот подморски оптички кабел што ќе поврзе неколку земји во Северна Африка и во Јужна Европа, како и учеството на ЕУ во изградбата на хидроцентрала вредна пет милијарди евра во Таџикистан. За хидроцентралата се очекува дека ќе ја намали зависноста на Централна Азија од руската енергија. Во декември, ЕУ даде зелено светло за 40 инвестициски програми во Супсахарска Африка, Латинска Америка и регионот Азија-Пацифик.
Критики за „Глобална порта“
Но обемот на европските планови е блед во споредба со предизвикот. Со оглед на тоа што само на Африка ѝ требаат инфраструктурни инвестиции од 150 милијарди долари годишно, она што го нуди Европа е „капка во океанот“, смета Соланж Гуо Шателар, истражувачка во УЛБ во Брисел. Критичарите на „Глобална порта“ истакнуваат дека иницијативата не носи дополнително финансирање и наместо тоа, се потпира на ресурси што се веќе доделени од поединечни земји-членки или од буџетот на ЕУ за 2021-2027 година. Исто така, многу проекти во моментов се развиваат под нејзино знаме, а најверојатно тие секако ќе се спроведеа.
Покрај тоа, не е ни јасно колку од ветените пари всушност ќе се реализираат. Речиси половина од најавените 300 милијарди евра, всушност, се приватни инвестиции што ЕУ се надева да ги создаде со систем на финансиски гаранции. Како и да е, претходните обиди на Брисел да го вклучи приватниот сектор во развојните проекти речиси и да не донесоа големи успеси, со многу малку докази за вистинското влијание на финансиските алатки што ЕУ ги користи за привлекување бизниси. Тоа не е проблем за Кина, која има постојан вишок на продуктивен капацитет и влада што може да го искористи своето влијание врз државните банки и приватните компании за да ги вклучи во своите геополитички напори. На пример, приватниот технолошки гигант „Хуавеи“, наводно, изградил околу 70 отсто од целата 4Г-мрежа во Африка.
Зошто Африканците се скептични?
Половина од ресурсите на „Глобална порта“ се наменети за Африка, но лидерите на континентот, исто така, брзо забележаа недостиг од нови средства и неизвесност околу приватните пари што ја нарушуваат шемата на ЕУ, рече Овигве Егуегу, нигериски експерт за кинеско-африканските односи. Според него, пораката што се испраќа покажува дека ЕУ сака да ѝ парира на Кина, но во Африка има многу скептицизам.
На пример, на самитот на Г20 во Бали, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и американскиот претседател Џо Бајден организираа настан на кој ги претставија нивните заеднички напори да се натпреваруваат со „Појас и пат“. Но Индонезија и Индија беа единствените земји во развој што беа присутни.
Африканците можат да видат дека нивната важност во очите на Европејците се сведува на прашањето за имиграцијата, рече Шателар, додека за Кина инвестирањето во странска инфраструктура е основна компонента на нејзиниот сопствен економски модел. Таа смета дека Европа едноставно нема таков вид капацитет во натпреварот. Шателар додаде дека целата иницијатива на „Глобална порта“ е Европската Унија да се чувствува подобро за себе, додека кинеската иницијатива „Појас и пат“ има своја агенда, а се работи за завршување на работите.
Дали „Глобалната порта“ ќе се наметне пред „Појас и пат“?
Дури и поборниците на „Глобална порта“ признаваат дека програмата ќе има корист од поголема јасност за тоа кои се нејзините приоритети и дека постои ризик таа да се сведе на едноставно препакување на постојните програми. Но дури и свежиот пристап може да ѝ помогне на Европа да има поголемо барање за глобално влијание. Според многу показатели, ЕУ како целина е најголемиот светски давател на странска помош за развој. Помеѓу 2014 и 2018 година, блокот исплатил 350 милијарди евра во грантови, но тоа дојде преку иницијативи на ниво на ЕУ и на национално ниво, кои дури ни така не успеаја да му го украдат центарот на вниманието на кинескиот „Појас и пат“.