Брисел сака да ги искористи сите алатки што му стојат на располагање – вклучувајќи ги и трговската политика и пристапот до визи – за да го зголеми бројот на вратени доселеници на кои им е скратено правото за престој во Европа
Нови тактики за справување со едно од погорливите прашања во европскиот блок
Европа долго време ја користи тактиката на давање награда за да ги принуди земјите од третиот свет да ја контролираат миграцијата. Сега Брисел планира да почне да ги користи трговските предности како казна. Миграциите се повторно на врвот на политичкиот дневен ред, што претставува прашање што создава поделеност меѓу европските лидери.
Според нацрт-заклучоците до кои дојде „Политико“, европските лидери ќе застанат на ставот дека Европа ќе ги користи „како потпора сите релевантни политики, инструменти и алатки на Европската Унија (ЕУ), вклучувајќи ги и развојот, трговијата и визите, како и можностите за легална миграција“.
Шведска, која е домаќин на состаноците на министрите на ЕУ за време на своето шестмесечно претседавање со Европскиот совет, сега има десничарска влада, која сака повеќе да се фокусира на враќањето на доселениците на кои им е скратено правото да останат во Европа. Владите во земјите-членки, како Холандија, Белгија и Австрија, кои се под силен притисок во однос на проблемот со доселувањето, исто така сакаат да ѝ покажат на домашната јавност дека Европа прави сè за да ги испрати назад одбиените баратели на азил. Центрите за доселување во земјите-членки на ЕУ излегоа со барање во 2021-та, последната година за која се достапни комплетни податоци, од Унијата да бидат отстранети вкупно 342.100 луѓе. Меѓутоа, според „Евростат“, само 24 отсто од нив биле вратени во земјите надвор од ЕУ.
Едно од средствата е програмата на ЕУ што им овозможува на земјите во развој да извезуваат стоки во Унијата со ниски или никакви царини, наречена Генерализирана шема на привилегии (ГСП). Програмата, која датира од пред повеќе од 50 години, служи како алатка за помош на економиите на овие земји во развој и како поттик за спроведување на реформите на полето на човекови права, политиката на трудот и животната средина. Сега земјите од ЕУ се залагаат за условување на пониските царини, што би значело дека земјите како Авганистан или Бангладеш би можеле да останат без своите трговски привилегии доколку одбијат да ги примат назад барателите на азил што биле одбиени во Европа. Оваа нова, построга политика не поминува добро кај бранителите на слободната трговија и активистите за човекови права, кои обично имаат поинакво мислење во дебатите што се однесуваат на меѓународната трговија.
Слободни трговци
Според изјавите на двајца претставници на ЕУ, европските институции веќе започнале со разговори за поврзување на трговијата со миграциските прашања и ќе продолжат со нив на 2 март. Полибералните поддржувачи на слободната трговија сметаат дека ЕУ не би требало да ги преоптоварува своите трговски амбиции обидувајќи се да реши преголем број прашања со еден потег – во спротивно, како што изјави највисокиот претставник на Комисијата за трговија Сабине Вејанд, „бродот ќе потоне“. Бернд Ланге, претседател на Трговската комисија на Европскиот парламент, ги обвини земјите од ЕУ за мешање на трговските политики со надворешнобезбедносните цели на Унијата.
Шведска е еден од најпосветените заговорници на слободната трговија во рамките на блокот. Но, во текот на своето претседателство, владата, која е повеќе наклонета кон конзервативците и е силно поддржана од антиимиграциската екстремно десничарска партија Шведски демократи, сака посериозно да се фокусира на политиката за враќање неприфатени имигранти.
Еден од дипломатите на ЕУ рече дека условувањето на трговската шема претставува само прв чекор и дека ЕУ би требало да размисли и за други начини на поврзување на повторното примање доселеници со својата трговска политика. Официјален претставник на Европската комисија изјави дека иако сите членки на ЕУ се согласуваат да бидат еднакво поостри кон сите земји од третиот свет, тоа не е случај со земјите со кои одржуваат блиски врски. Поред него, имајќи предвид дека речиси секоја земја во светот има силни културни или историски врски со некои од земјите-членки на ЕУ, не преостануваат многу земји од третиот свет врз кои треба да се „тренира“ строгост.
Прогресивен протест
Прогресивните законодавци и невладините организации се загрижени дека оваа нова стратегија е во спротивност со првичните цели на ГСП, како што се намалување на сиромаштијата и промоција на одржливи и општествени стандарди. Одри Чанго, трговска активистка во организацијата „Пријатели на Земјата Европа“, смета дека тоа е резултат на постојаната дехуманизација и криминализација на доселениците од страна на ЕУ, поттикнати од антиимиграциското расположение на екстремните десничари.
Меѓутоа, ѓаволот се крие во деталите. Земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент ќе се судрат околу ова горливо прашање во текот на нивните претстојни разговори во врска со ГСП. Од една страна, се очекува ЕП да заземе помирољубив став околу поврзувањето на трговските привилегии со повторното враќање на одбиените баратели на азил, кој е спротивен на тврдиот став што го имаат главните престолнини на ЕУ. Од друга страна, поделби има и во самите институции на ЕУ: „тешкашот“ Германија се воздржа од гласањето за мандатот на Советот, бидејќи германската влада е внатрешно поделена за тоа дали е добра идејата за поврзување на развојните придобивки со враќањето на доселениците. Згора на сето тоа, институциите во ЕУ ги очекува расправа околу евтиниот увоз на ориз и шеќер од земјите со царински привилегии, како Пакистан и Бангладеш, за кој одредени јужноевропски држави како Шпанија, Португалија или Италија стравуваат дека ќе ги загрози нивните домашни производители.
Европскиот парламент сака автоматски заштитни мерки, доколку увозот од одредена земја го надмине утврдениот праг за заштита на европските земјоделци. Заштитните мерки ќе ѝ овозможат на Унијата да ги повлече царинските привилегии за овие стоки. Сепак, овој протекционистички потег не е популарен во рамките на блокот на европски држави со слободна трговија, а исто така и во одделот за либерална трговија на Европската комисија.