Фото: „Нова Македонија“

Зошто Вашингтон интензивно бара модалитети за договор со Гренланд што би бил прифатлив и за Гренланд и за Данска и за пошироката меѓународна заедница?

 

  • Данската влада го искажа својот став, дека и доколку би бил потпишан договор за Гренланд, истиот тој „не би бил валиден“, бидејќи е склучен под притисок! Еве патем и една паралела со Договорот од Преспа. Имено, кога се работи за нашиот случај со Преспанската спогодба (договор), од истите причини, очигледен дипломатски притисок, таа не е валидна и оттаму е раскинлива! Имено, во членот 52 од Виенската конвенција за правото на договорите од 1969 (Vienna convention on the law of treaties – 1969) се вели дека секој договор потпишан или склучен под притисок не е валиден, односно следствено во кој било момент може да се раскине! Како и во домашното право, договорите или спогодбите се ништовни ако се креирани под притисок или уцена

Случајот со најавениот договор меѓу САД и Гренланд повторно го отвора едно од најчувствителните, но често игнорирани прашања во меѓународното право: дали договор склучен под политички, економски или безбедносен притисок може да биде правно валиден. Одговорот, гледано строго легалистички, е недвосмислен – не може.

Меѓународни договори склучени под притисок: правна ништовност
и опасен преседан

Членот 52 од Виенската конвенција за правото на договорите од 1969 година јасно и без простор за интерпретација утврдува дека секој меѓународен договор склучен под закана или употреба на сила е ништовен. Овој принцип не е декларативен, туку суштински темел на меѓународниот правен поредок, изграден врз суверена еднаквост на државите и слободна согласност на страните.
Во врска со ова, професорот Игор Јанев од Белград изнесе јасен и дециден легалистички став, во рамките на меѓународното право.
– Договор за Гренланд? Данската влада го искажа својот став, дека и доколку би бил потпишан договор за Гренланд, истиот тој „не би бил валиден“, бидејќи е склучен под притисок! Еве патем и една паралела со Договорот од Преспа. Имено, кога се работи за нашиот случај со Преспанската спогодба (договор), од истите причини, очигледен дипломатски притисок, таа не е валидна и оттаму е раскинлива! Имено, во членот 52 од Виенската конвенција за правото на договорите од 1969 (Vienna convention on the law of treaties – 1969) се вели дека секој договор потпишан или склучен под притисок не е валиден, односно следствено во кој било момент може да се раскине! Како и во домашното право, договорите или спогодбите се ништовни ако се креирани под притисок или уцена. А во нашиот случај го имаше сето тоа, па одозгора и основи на сомневање за корупција – категоричен е Јанев.
Според други наши соговорници, правници и адвокати, притисокот, како правна категорија, не мора секогаш да се манифестира преку „тенкови и директна воена закана“. Во современите меѓународни односи, тој се појавува преку економски санкции, закани со царини, условување со безбедност, блокирање меѓународни интеграции или дипломатска изолација. Кога таквите инструменти се користат за да се изнуди согласност, договорот ја губи својата правна основа – слободната волја.
Токму затоа Данска го изнесе ставот дека евентуален договор за Гренланд склучен под американски притисок „би бил ништовен“, не само политички туку и правно. Тој став не е израз на антиамериканизам, туку на почитување на меѓународното право.
– Ако една голема сила може со притисок да изнуди договор од помала држава, тогаш целиот систем на меѓународни договори се претвора во легализирана уцена – велат тие.

Преспанскиот договор: двоен аршин во примената на меѓународното право

Тука неизбежно се наметнува споредбата со Преспанскиот договор меѓу Грција и Македонија. Иако политички претставуван како „историски компромис“, од легалистички аспект тој носи сериозни елементи на договор склучен под притисок.
Македонската страна беше изложена на долготраен и системски дипломатски притисок: условување на членството во НАТО и ЕУ, јасни пораки дека без прифаќање на договорот државата ќе остане во геополитичка изолација, како и директно вмешување на странски актери во внатрешниот политички процес. Во такви околности, тешко може да се говори за слободно изразена државна волја.
Ако се прифати аргументот дека договор со Гренланд склучен под американски притисок би бил ништовен, тогаш по логиката на меѓународното право истиот критериум мора да важи и за Преспанскиот договор. Спротивното би значело воведување опасен двоен стандард: она што е „нелегално“ кога се однесува на интересите на големите западни држави, станува „прифатливо“ кога се применува врз мала и слаба држава.
Дополнително, во случајот со Македонија, обвинувањата за корупција, политичка уцена и манипулација на јавната волја само ја продлабочуваат правната проблематичност на договорот. Како и во домашното граѓанско право така и во меѓународното право, договор склучен под уцена, закана или корупција е ништовен и подлежи на раскин во секое време.

Гренланд како огледало на македонскиот случај

Затоа случајот „Гренланд“ има пошироко значење од арктичката геополитика. Тој дејствува како огледало во кое се рефлектира неправдата на селективната примена на меѓународното право. Ако меѓународната заедница навистина инсистира на принципи, тогаш тие мора да важат еднакво – и за Данска и за Македонија.
Во спротивно, меѓународното право престанува да биде право и се претвора во инструмент на моќните. А договорите склучени под притисок, без разлика дали се нарекуваат рамковни, историски или врвни долгорочни договори, остануваат тоа што се – правно ништовни акти без летимен темел. Р.Н.М.