Најниската минимална плата во Европската Унија е забележана во Бугарија во јануари, од 551 евро, а највисоката во Луксембург, од 2.638 евра, е заклучокот од истражувањето што го објави Евростат.
Минималната плата на национално ниво законски е утврдена во 22 од 27 земји на Европската Унија, а исклучок се Данска, Италија, Австрија, Финска и Шведска.
Според податоците за јануари, во 10 земји од ЕУ е регистрирана минимална плата помала од 1.000 евра месечно. Покрај Бугарија, тоа се Унгарија – 707 евра, Летонија – 740 евра, Романија – 814 евра, Словачка – 816 евра, Чешка – 826 евра, Естонија – 886 евра, Малта – 961 евро, Грција – 968 евра и Хрватска – 970 евра.
Во следната категорија, каде што минималните плати се меѓу 1.000 и 1.500 евра месечно, се Кипар – 1.000 евра, Португалија – 1.015 евра, Литванија – 1.038 евра, Полска – 1.091 евро, Словенија – 1.278 евра и Шпанија – 1.381 евро. Земји со месечен минимум над 1.500 евра се Франција – 1.802 евра, Белгија – 2.070 евра, Германија – 2.161 евро, Холандија – 2.193 евра, Ирска – 2.282 евра и споменатиот Луксембург.
Податоците покажуваат дека највисоката минимална плата во земјите на ЕУ била 4,8 пати повисока од најниската. Разликите во минималните плати меѓу земјите од ЕУ се значително помали кога ќе се земат предвид разликите во нивоата на цените во споменатите земји, се наведува на веб-страницата на Евростат. Ако ја користиме вештачката валутна единица ППС, која ги елиминира разликите во општите нивоа на цени во земјите на ЕУ, заклучуваме дека минималните плати се движеле од 878 ППС месечно во Естонија до 1.992 ППС во Германија, што значи дека највисоката минимална плата во земјите на ЕУ е 2,3 пати повисока од најниската.