Според извештаите, Володимир З. заедно и двајца други учесници поставиле експлозивни направи на гасоводи што водат од Русија кон Германија, користејќи ја во акцијата јахтата „Андромеда“. Иако Германија поведе опсежна истрага, полските власти не постапија навремено по налогот за апсење, дозволувајќи му на осомничениот да пребега во Украина
Нови информации за саботажа на Северен тек
Германските власти издадоа налог за апсење на украинскиот нуркачки инспектор Володимир З., осомничен за саботажа на гасоводот Северен тек во септември 2022 година, јавува германскиот медиум „Дојче веле“. Според извештаите, Володимир З. и двајца други учесници поставиле експлозивни направи на гасоводи што водат од Русија кон Германија.
Осомничениот последен пат бил виден во Полска, но се верува дека побегнал во Украина пред властите да издадат налог за апсење. Медиумите јавуваат дека Володимир З. е поврзан со употребата на јахтата „Андромеда“ за поставување експлозив.
Германскиот сојузен јавен обвинител истражува и двајца други украински инструктори за нуркање, меѓу кои и една жена, пишува весникот „Зидојче цајтунг“. Тројцата се сомничат дека биле екипаж на јахтата „Андромеда“, која е во центарот на германската истрага.
ОПСЕЖНА ИСТРАГА
Германските власти добиле информации за осомничениот од разузнавачките служби, но засега не се пронајдени врски меѓу осомничените и украинската влада.
Компанијата „Северен тек“ на 27 септември 2022 година извести дека три жици од морските гасоводи Северен тек 1 и 2 претрпеле невидена штета, а на 26 септември шведските сеизмолози забележале две експлозии по должината на гасоводот Северен тек, пренесува руската агенција ТАСС.
Американскиот истражувачки новинар Сејмур Херш подоцна објави статија во која тврди дека нуркачите на американската морнарица, со помош на норвешки експерти, поставиле експлозивни направи под гасоводите Северен тек 1 и 2 во јуни 2022 година.
Експлозиите привлекоа меѓународно внимание, а обвинувањата меѓу Русија и Западот дополнително ги влошија односите. Иако Германија поведе опсежна истрага, полските власти не постапија навремено по налогот за апсење, дозволувајќи му на осомничениот да исчезне.