Фото: ЕПА

Објавувајќи го потегот, Бајден рече дека помилуваните „покажале успешна рехабилитација и посветеност да ги направат нивните заедници посилни и побезбедни“. Нивните ненасилни пресуди вклучуваат прекршоци за дрога. Сепак помилувањето дадено за неговиот син Хантер остана во графата – контроверзно

ПРЕД ЗАМИНУВАЊЕТО ОД БЕЛАТА КУЌА

Американскиот претседател Џо Бајден им издаде претседателски помилувања на 39 Американци осудени за ненасилни злосторства и им ги ублажи казните на речиси 1.500 други лица. Белата куќа го опиша чинот како „најмногу акти на претседателска милост издадени во еден ден“.
Американскиот устав му дава на претседателот широки „овластување да дава одложувања и помилувања за прекршоци против Соединетите Американски Држави, освен во случаи на импичмент“. На почетокот на месецов Бајден издаде контроверзно помилување за неговиот син Хантер Бајден, што го продолжи неодамнешниот тренд на претседатели да помилуваат луѓе блиски до нив.
Објавувајќи го потегот, Бајден рече дека помилуваните „покажале успешна рехабилитација и посветеност да ги направат нивните заедници посилни и побезбедни“. Нивните ненасилни пресуди вклучуваат прекршоци за дрога. Ублажените казни беа за стотици луѓе што беа ставени во домашен затвор за време на пандемијата на ковид-19 и кои се соочуваа со казни за кои Бајден сметаше дека се предолги според застарените закони.
– Тие покажаа дека заслужуваат втора шанса – рече Бајден.
Давајќи дополнителни детали, Белата куќа соопшти дека меѓу оние што добиле олеснување на казните биле одликуван воен ветеран и пилот што им помагал на колегите, медицинска сестра што помогнала во имплементацијата на вакцината против ковид-19 и советник за зависности.

Бајден вети „повеќе чекори во следните недели“

Претседателот ќе ја напушти Белата куќа на 20 јануари 2025 година, кога ќе биде инаугуриран неговиот наследник Доналд Трамп.
Бајден претходно имаше помалку помилувања од повеќето претседатели во модерната историја на САД. Тој, сепак, во минатото издаде неколку категорични помилувања. Тоа се помилувања дадени на огромен број луѓе што спаѓаат во категоријата наведена од претседателот.
Во октомври 2022 година Бајден издаде целосно помилување за оние што беа осудени за едноставно поседување марихуана, а подоцна тоа го прошири и на други прекршоци поврзани со марихуана.
На почетокот на годинава Бајден издаде ново целосно помилување за воениот персонал и ветераните што беа осудени за прекршок врз основа на нивната сексуална ориентација.
Трамп доделил 237 дела на помилување за време на неговиот прв мандат во Белата куќа, според истражувачкиот центар „Пју“. Тие вклучуваат 143 помилувања и 94 ублажени казни.
Одлуката на Бајден претходно месецов да го помилува својот син Хантер го продолжи трендот на претседателите од двете страни на политичкиот јаз во САД да им одобрат помилување на луѓето блиски до нив. Овој потег се покажа контроверзен, бидејќи претседателот во заминување претходно ја отфрли можноста да го стори тоа. Но тој тврдеше дека случаите против неговиот син биле политички мотивирани.
Бајден исто така размислувал за издавање превентивни помилувања за истакнати критичари на неговиот наследник Трамп, но, наводно, бил загрижен за преседанот што би го направил.