Хрватска
Деновиве во Корлат (мала населба во градот Бенковац во Задарската жупанија) се одржа церемонијата на поставување камен-темелник за најголемиот проект за фотоволтаична енергија во Хрватска, кој ќе го градат кинески компани. Проектот ќе го гради кинески конзорциум, составен од кинеската компанија „Норинко интернешнел кооперејшн“ и институтот за консалтинг за електроенергетски инженеринг „Шандонг“.
На церемонијата, премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, ја истакна успешната соработка на ветерната фарма Сењ, исто така изградена од кинески компании, и го изрази своето задоволство од обновувањето на соработката со кинеските партнерски компании. Во тој контекст кинескиот амбасадор во Хрватска, Чи Ќианџин, рече дека проектот „Корлат“ значително ќе го поттикне регионалниот економски развој, ќе создаде работни места, ќе ги подобри условите за живот и ќе ги поддржи енергетската транзиција и зелениот развој на Хрватска.
Тој изрази надеж дека „Норинко интернешнел“ искрено ќе ги исполни своите одговорности како изведувач, ќе работи во согласност со прописите и ќе испорача уште еден висококвалитетен проект што ќе ги задоволи сите страни.
За потсетување, во октомври минатата година конзорциумот го доби тендерот за изградба на проектот за соларна енергија „Корлат“, со инсталиран капацитет од 99 мегавати. По завршувањето, се очекува тој да произведува 165 милиони киловат-часа зелена електрична енергија годишно, задоволувајќи ги потребите за електрична енергија на приближно 50.000 домаќинства, а истовремено намалувајќи ги емисиите на јаглерод диоксид за 150.000 тони годишно. Проектот е предвидено да биде поврзан со мрежата во април 2026 година.
Ангел Митревски, соработник на „Нова Македонија“ од Хрватска
Србија
Неодамна на југот на соседна Србија дојде до официјална средба меѓу претставниците на градот Ниш и кинескиот град Ханџо, при што беше потпишан меморандум за разбирање за пријателска размена и соработка.
Имено, кинескиот градот Ханџо е седиште на кинескиот гигант „Алибаба“, а една од идеите е овој колос на светската интернет-трговија да изгради логистички центар за целиот Балкан на коридорот 10, во близината на српско-македонката граница.
Тоа ќе отвори широка перспектива и можност кинеските компании да дојдат во регионот на Балканот. Проектот се потпира на операционализација на плановите на т.н. дигитален пат на свилата.