Враќањето на туризмот не е само економска потреба за Стариот Континент. Toa е и одбрана на европскиот начин на живот
Летото е врвно време за туризам во Европа. Времето е убаво, училиштата се затворени, а милиони луѓе се собираат на популарните дестинации како Атина, Барселона и Венеција. Но оваа година не е така. Иако некои земји ги отвораат своите економии, коронавирусот се погрижи ова лето многу летни аранжмани што луѓето ги резервирале однапред да не поминат според планираното.
Европа не може да си го дозволи тоа. Со милиони туристички работни места доведени на работ на ризик, многу европски земји решија повторно да се отворат, ако не за сите светски посетители, тогаш барем за другите Европејци. Нивните предлози се делумно вкоренети во желбата да се спаси туристичкиот сектор, но тие исто така произлегуваат од нешто подлабоко, од копнежот да се задржи основниот дел од европскиот начин на живот. За разлика од САД и нивната озлогласена нерамнотежа во работниот живот, Европа ужива во летото, во светото време во јули и во август, кога се планираат одморите, продавниците се затворени, а континентот се согласува да направи колективна пауза.
Ваквата пресметка ја покажува тензијата што се чувствува во целиот свет, помеѓу желбата да се спаси економијата и потребата да се спречи повторната појава на вирусот. Но тоа исто така отвора многу прашања. Како би изгледало продолжувањето на патувањата? Дали подготвеноста на европските влади, авиокомпаниите и на туристичката индустрија се совпаѓа со онаа на туристите? Каков е влогот за Европа ако не се отвори повторно?
Разбирањето зошто толку многу луѓе се загрижени за тоа што се случува ова лето е лесно. На крајот на краиштата, овој период од годината обично се поврзува со одмор, кога луѓето можат да очекуваат подолги денови, потопли ноќи и малку опуштање. За Европејците, сепак, ова прашање е егзистенцијално.
– Летната сезона се белите дробови на Европа. Тоа е време кога дишете за да добиете енергија и сѐ што ви треба за остатокот од годината – вели Маргрет Вестагер, данска политичарка и потпретседателка на Европската комисија.
Навистина, многу европски градови имаат тенденција да се испразнат во јули и август, бидејќи нивните вообичаени жители се упатуваат кон разни дестинации за да ги искористат своите дарежливи права за одмор. Повеќето европски земји им даваат на своите работници најмалку четири недели платен одмор; Американците, во просек, добиваат само половина од тоа. Исто така, тоа е време кога Европа се запознава себеси.
– Многу луѓе патуваат внатре во Европа. Голем дел е да се биде европски граѓанин, затоа што ги запознавате соседите и овие времиња ги сметате за најдобри времиња во вашиот живот – вели Вестагер.
Оваа година патувањето се соочува со невидена криза. Индустријата се чини дека ќе изгуби дури 100 милиони работни места поради пандемијата, според една процена, а глобалниот приход за туризам се очекува да падне за повеќе од една третина. Кога меѓународното патување продолжува, без разлика дали е тоа неколку недели или неколку месеци, ќе мора да се соочи со една сосема нова средина. Авиокомпаниите што не банкротираа сè уште може да бидат приземјени. Хотелите, рестораните и туристичките атракции сè уште може да бидат недостапни. Новите упатства за здравје и безбедност би можеле да значат радикално нов стандард за целосно патување. ЕУ препорачува низа нови здравствени протоколи, вклучувајќи го и зголеменото физичко растојание во рестораните и во хотелските лобија, како и сеопфатните мерки за носење маски за лице. Некои европски авиокомпании објавија дека ќе бараат прекривање на лицето на сите идни летови.
– Обемот на овој економски предизвик е особено изразен во Европа, каде што туристичката индустрија зависи од силната летна сезона – вели Зураб Пололикашвили, генералниот секретар на Светската организација за туризам на ОН.
Во секторот се вработени 27 милиони луѓе, според организацијата, и учествува со десет отсто во БДП на континентот. За економиите зависни од туризам, како Италија, Шпанија и Грција, тој процент е поблиску до 13, 14 и 20 отсто. Изгледите за губење на овој витален дел од европскиот живот, со што потенцијално се влошуваат постојните несогласувања меѓу финансискиот просперитетен север на континентот и неговиот посиромашен југ, предизвикаа голем број влади да ги утврдат своите планови за повторно отворање. Италија веќе почна да ги поздравува европските туристи, Грција планира да ги пречека посетителите од 15 јуни, а другите европски земји што се особено зависни од туризмот, како Шпанија, Хрватска и Португалија, ги објавија своите планови.
Објавувањето дека земјите се подготвени да ги пречекаат туристите е една работа, но обезбедувањето на лицата што патуваат, сепак, е друго. Иако некои места успеаја да го ограничат коронавирусот, тој е далеку од искоренување на континентот. Многу земји, вклучувајќи ги и Франција, Италија и Шпанија, сè уште се наоѓаат во некаква форма на карантин. Слободата на движење меѓу земјите-членки на ЕУ, еден од централните столбови на Унијата, останува суспендирана. Додека некои земји постепено ги намалуваат своите ограничувања, останува стравот дека премногу брзото враќање во нормала може да резултира со нов бран инфекции, предизвикувајќи ново затворање.
Продолжени се повеќе идеи за да се осигури дека тоа нема да се случи, вклучувајќи и „сертификати за имунитет“, апликации за пронаоѓање контакти и тестови за ковид-19 при пристигнувањето на аеродромите. Но можеби најдобро решение што го разгледуваат европските лидери во моментот е концептот на „меури за патувања“ или сојузи меѓу земји со слично ниски стапки на инфекција. Првиот ваков меур дебитира неодамна помеѓу Летонија, Литванија и Естонија.
Друго потенцијално решение е категоризација на разни европски региони според тоа колку добро го ограничуваат вирусот, зелена етикета за области каде што стапките на инфекција се ниски и црвена етикета таму каде што не се. Според приврзаниците, идејата е да се укинат ограничувањата и да се врати нормалниот живот во зелените зони и меѓу нив. Ако, на пример, Берлин и Атина се класифицираат како зелени зони, луѓето во нив ќе можат слободно да патуваат меѓу двата града. Меѓутоа, оние во црвените зони не можат да го сторат тоа. Овој вид зонирање е веќе тестирано во Франција, а сличен систем е имплементиран и во Шпанија. Предлагачите велат дека ако мерката се подигне на ниво на ЕУ, таа ќе ѝ овозможи на Унијата да постави свои стандарди за она што претставува зелена зона и да го олесни побрзо враќањето на патувањето меѓу тие области. Според нив, зоните може да му дадат на блокот повеќе опции доколку се појави втор бран на вирусот. Критичарите, пак, сметаат дека тоа тешко ќе се спроведува.
Сепак, враќањето на нормалното патување е повеќе од одлука на државите, тоа е лична одлука. Колку што се подготвени владите и индустриите да ги пречекаат туристите назад, нема гаранција дека самите патници ќе се чувствуваат исто, или барем не веднаш. Според една анкета на Меѓународното здружение за воздушен сообраќај, 60 отсто од испитаниците рекле дека ќе чекаат да поминат два месеци од ограничувањето на пандемијата пред да продолжат да патуваат, а 40 отсто рекле дека ќе чекаат шест месеци. Конечно, ниту едно ниво на планирање нема да го смени фактот дека ова европско лето ќе биде многу различно од претходните лета.
Подготвил: Дејан Србиновски