Земјите-членки на НАТО и Русија имаат сложени и тензични односи. За да се надмине тоа се потребни заеднички напори од обете страни, и тоа веднаш
Безбедносната состојба во Европа се влоши до најниската точка во последните три децении. Од 2014 година, копнените, поморските и воздушните сили на НАТО и на Русија оперираат во многу поблиско соседство, што резултира понекогаш со опасни „блиски средби“. Режимот за контрола на вооружувањето и градење доверба, воспоставен кон крајот на осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век, колабира. Претходните линии на комуникација меѓу НАТО и Русија се прекинаа.
Овие случувања се испреплетуваат и ја поткопуваат довербата, но и ја зголемуваат можноста за несреќа или инцидент што може да доведе до оружен конфликт, што не го посакува ниту Алијансата ниту Русија. Тие, како приоритетно прашање, треба да работат на намалување на ризикот од воена конфронтација.
Американците, Русите и Европејците треба да бидат загрижени за ова прашање. Во текот на изминатите четири месеци, повеќе од триесет експерти за безбедност, вклучувајќи и пензионирани дипломати и воени офицери од САД, Русија и од други европски земји, се вклучија во детални дискусии за тоа како НАТО и Русија може да го намалат ризикот од ненамерен конфликт. Тие се собраа заради загриженоста дека изгледите за таков судир загрижувачки се зголемија.
Учесниците во експертската група значително се разликуваа за основните причини за сегашната несигурна состојба. Сепак, сите се согласија дека наместо да се дебатира кој е виновен, фокусот на групата треба да биде насочен кон практични мерки што можат да помогнат во ублажување на воените тензии и спречување криза што може да прерасне во нешто многу полошо.
Ситуацијата бара поголем дијалог и повторно воспоставување политички и воени контакти. На пример, почести состаноци меѓу началникот на рускиот генералштаб, началникот на здружениот генералштаб на САД, врховниот командант на сојузничките сили на НАТО во Европа и претседател на воениот комитет на НАТО може да се осврнат на начините за намалување на напнатоста и можноста за воено недоразбирање.
Тие размени би можеле да доведат до нови аранжмани засновани на Договорот за спречување инциденти на море од САД и Советскиот Сојуз (Русија) од 1972 година за регулирање на начинот на функционирање на воените бродови и авиони на НАТО и Русија кога се наоѓаат едни до други. Морнарите и авионите на обете страни се професионалци и ќе ги следат процедурите дизајнирани за да избегнат активности што другата страна може погрешно да ги протолкува како непријателски.
Во Балтичкиот Регион, НАТО и руските копнени сили се соочуваат едни со други. Аранжманите засновани на Договорот за спречување опасни воени активности на САД и на Советскиот Сојуз од 1989 година може да ја зголемат довербата со барање воените единици да се однесуваат со особено внимание кога се во пограничните области. Може да има одредби за поставување линии за контакт во случај двосмислените движења на едната страна да изгледаат заканувачки за другата.
Не само што мора да се потсетуваме на старите правила за конкуренција туку и да развиваме нови мерки за намалување на ризикот. На пример, НАТО и Русија треба да разгледаат дополнителна транспарентност во врска со вежбите, вклучувајќи и намалување на праговите за претходно известување и набљудување. Ненајавените брзи вежби, дизајнирани да ја тестираат способноста на војската за брзо мобилизирање, не подлежат на претходно известување и може да изгледаат слично на подготовките за војна. Двете страни може да се договорат за „тивко известување“ на другата страна на повисоко ниво, така што, кога Русија почнува вежба, високото воено раководство на НАТО однапред ќе знае за тоа и нема да го сфати погрешно. Истото тоа може да важи и за руската загриженост за ненајавени операции на мултинационалните сили на НАТО.
НАТО и Русија треба да истражат мерки за да обезбедат поголема транспарентност во врска со новото оружје, особено конвенционалните ударни системи со среден дострел. Тие можат да вклучуваат копнени и воздушни системи, како и копнени ракети што не се опфатени со новиот договор СТАРТ. Двете страни може да одат понатаму и да размислат за реципрочни ограничувања на дополнителното трајно стационирање на борбените сили во областите близу нивните територии.
НАТО и Русија долго време дебатираа за влијанието на противракетната одбрана. Тие треба да ги оживеат консултациите за ова и да размислат за спроведување годишна размена на информации за тековната ракетна одбрана во Европа, како и за плановите за нивниот развој во следните десет години, под мотото „без изненадувања“.
Ова се само некои од идеите што произлегуваат од експертските дискусии. За сите нив не може да се преговара, барем на близок рок, но може да се преземат чекори што можат да поттикнат поголема безбедност во Европа. Охрабрува фактот што нив ги одобруваат над сто експерти и бивши високи владини претставници.
Ова не е план за „ресетирање“ или враќање „во нормала“ на односите меѓу земјите-членки на НАТО и Русија, кои се сложени и проблематични. За тоа ќе бидат потребни заеднички напори од двете страни за соработката да се пресели на едно повисоко ниво. Во меѓувреме, сепак, креаторите на политики и воените лидери треба да ги истражуваат видовите реципрочни мерки што се предлагаат. Никој нема интерес случајно или ненамерно да започне војна. Во таа смисла, овие чекори можат да придонесат за градење атмосфера во која решавањето на основните прашања на поделба ќе биде многу поостварливо.