Украинската опозиција објави црвени линии, меѓу кои и враќање на Крим под контрола на Киев, пред самитот во Париз за решавање на кризата во земјата
Нормандискиот формат на четиристрани преговори за решавање на кризата во Украина првпат беше тестиран во Франција под водство на бившиот француски претседател Франсоа Оланд. На самитот учествуваат шефовите на држави на Русија, Украина и на Франција, како и канцеларот на Германија. Последниот таков самит се одржа во Берлин, во октомври 2016 година, а новата средба на нормандиската четворка се одржува в понеделник во Париз и тоа е прв самит на кој ќе учествува новиот претседател на Украина, Володимир Зеленски.
Соопштението за црвените линии на опозициските партии неделава беше објавено и потпишано од бившиот претседател Петро Порошенко од Европска солидарност, поранешната премиерка Јулија Тимошенко од Татковина и Свјатослав Вакарчук, музичар и пратеник од Глас. Освен враќање на Крим, опозицијата бара да не се прават никакви компромиси што би можеле да резултираат со федерализација на Украина. Тие исто така бараат да се осигурат европската и евроатлантската интеграција на земјата и дека не се одржуваат избори пред повлекувањето на руските сили, како и да се врати целосно контролата врз границата и врз окупираните територии.
Опозициските црвени линии во голема мера се совпаѓаат со тие што ги истакна и министерот за надворешни работи, Вадим Пристајко, за време на самитот на НАТО во Лондон.
– За нас црвена линија се измените на Уставот. Исто така, нема да дозволиме влијание врз нашите надворешнополитички приоритети, границата на Донбас мора да биде украинска, а избори не можат да се одржат додека има вооружени сили и нелегални воени формации – рече тој.
Спор меѓу опозицијата и претседателот Зеленски би можело да има околу прашањето за украинските тужби против рускиот гигант за гас „Газпром“. Опозицијата бара да нема прекин на меѓународните тужби против Русија.
Украинската компанија за гас „Нафтогаз“ има неколку тужби против „Газпром“ вредни милијарди евра. Се очекува гасот да биде едно од прашањата околу кои ќе разговараат Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин на маргините на самитот во Париз. Актуелниот договор за снабдување на Украина со руски гас и за транзит кон Европа истекува на 31 декември. Разговорите со посредство на ЕУ за нов договор со Русија, кои се одржаа на 28 октомври, заглавија во ќор-сокак. Рускиот претседател и неговиот украински колега неодамна телефонски разговараа за снабдувањето на Украина со руски гас, како и за транзитот на руски гас низ земјата.
– За мене е важно проблемот со гасот да се разгледува независно од другите проблеми. Без оглед какви се желбите на двете страни, гасот не смее на кој било начин да се поврзува со Донбас. Сепак, не исклучувам можност за транзитот на гас да се разговара и на самитот во Париз – изјави Зеленски за „Шпигел“.
Украинските опозициски партии што ги обелоденија своите црвени линии имаат само 71 пратеничко место од 450-члениот парламент. Но тие можат да мобилизираат многу поголема политичка сила секогаш кога алармираат дека новиот украински претседател прави отстапки кон Русија.