Илјадници луѓе неодамна присуствуваа на музички фестивал во Вухан

Кинескиот град каде што првпат беше регистриран новиот коронавирус пред неколку месеци изгледаше како град на духови, а сега е домаќин на фестивали

ОД ПРАЗНИ УЛИЦИ ДО ПРЕПОЛНИ БАЗЕНИ

Илјадници залепени рамо до рамо, без маски на лицата, пловат на гумени пловила и пеат на музички фестивал. Ова и не се баш некои карактеристични фотографии од 2020 година, но токму таква беше сцената неодамна во кинескиот град Вухан, каде што првпат се појави ковид-19 кон крајот од минатата година.
Сцените од забавата во аквапаркот „Вухан Маја бич“ изгледаа многу далечно во однос на остатокот од светот, кој уште се бори со пандемијата. Овие фотографии се исто така многу поинакви од оние сцени од Вухан, кога градот првпат спроведе карантински мерки поради ковид-19 и личеше на град на духови без жители и возила.
Карантинските мерки беа укинати во април и од средината на мај во Вухан и во провинцијата Хубеи нема домашно пренесени случаи на инфекции.
Вухан воведе невидени карантински мерки на 23 јануари, кога вирусот уби 17 луѓе и зарази повеќе од 400 лица. Помина една недела откако Кина потврди дека е регистрирано пренесување на вирусот од човек на човек, нешто што претходно не беше докажано. Градот со 11 милиони луѓе беше целосно отсечен од остатокот на Кина, а илјадници луѓе во наредните неколку месеци беа тестирани и ставени во карантин. Сите големи јавни собири беа откажани и властите им порачаа на луѓето да избегнуваат собирања.

До март, мерките почнаа полека да се укинуваат. На еден член од секое домаќинство му беше дозволено да го напушти станбениот комплекс најмногу два часа. Трговските центри почнаа повторно да се отвораат, јавниот транспорт одново функционираше и луѓето полека почнаа да излегуваат надвор, иако физичкото растојание сè уште беше во сила и тие мораа да носат маски.
На 8 април мерките на карантин во Вухан беа официјално укинати. Двојките побрзаа да стапат во брак, откако претходно мораа да ги паузираат или откажат плановите за свадба. По некое време се чинеше дека животот се враќа во нормала, бидејќи училиштата повторно се отворија, бизнисите полека отворија и јавниот транспорт продолжи да функционира. Но на 12 мај беа регистрирани шест нови случаи. Градот брзо ги постави амбициозните планови да го тестира целото население од 11 милиони жители. Епидемијата наскоро беше ставена под контрола. До јуни, ноќните пазари со мали тезги на тесните улички можеа повторно да отворат. Во јули, животот навистина започна да се враќа во нормала во повеќето делови на Кина. Кината во повеќето места добија дозвола повторно да отворат, додека одредени паркови, библиотеки и музеи добија дозвола да отворат со половина капацитет. Одобрување добија и поголемите собири.

Денес, се чини дека животот се врати во нормала во Вухан. Фотографиите од забавите и од музичкиот фестивал само го потврдуваат тоа. Организаторите дури понудија билети по половина цена за жените за да привлечат повеќе посетители. Паркот во кој е одржан музичкиот фестивал беше отворен на 25 јуни, но според раководството тој дури во август почнал да прима повеќе посетители. Паркот во моментот го посетуваат по околу 15.000 лица за викенди, што е околу половина од бројката во истиот период лани. На кинеските социјални медиуми некои коментатори изразија изненадување што властите дозволиле таков масовен настан во Вухан. Но градот нема локален случај на коронавирус од средината на мај, а околу 9,9 милиони жители се веќе тестирани. Во моментот нема забрани за големи собири.
Сепак, Санџаја Сенанаике, вонреден професор по заразни болести на Австралискиот национален универзитет, вели дека иако мнозинството од жителите на градот се тестирани, сепак постои ризик вирусот да се „увезе“ од друго место.
– Проблемот е што ние не го искоренивме ковид-19, што значи дека сè уште постои ризик да се увезе, од странство или од друго место – вели тој.
Тој укажува на примерот на Нов Зеланд, кој немаше локално пренесени случаи повеќе од три месеци, по што е регистриран нов скок деновиве.

– Студија од Лондон укажува дека околу 10-20 отсто од луѓето со ковид-19 се одговорни за околу 80 отсто од случаите. Значи, ако дозволувате големи групи луѓе, навистина мора да бидете претпазливи. Дури и ако едно лице го има вирусот, тогаш ве очекуваат тешки периоди – вели тој.
Во меѓувреме, вирусот продолжува да беснее на други места од светот. Веќе се регистрирани над 21 милион случаи на планетава. Земји како Јужна Кореја, за која се чинеше дека успешно го ограничила вирусот, сега се соочуваат со нов бран случаи.
Затоа, може да помине долго време пред другите земји да дозволат масовни собири и групирања на луѓето.