Бегалските маршрути повторно се активираат во Африка
Многу Африканци успеваат да ги избегнат блокадите и карантинот поради коронавирусот во Нигер, но и мигрантскиот крстопат крај Сахеловиот Појас и продолжуваат да се движат по своите опасни пустински маршрути кон Средоземно Море и на крајот кон Европа
Протокот на мигрантите забави, но не пресуши и покрај тесните и чести проверки што ги има на речиси секој чекор во главниот град на Нигер, Нијамеј, но и зголемениот број патроли од безбедносните служби, кои периодов и покрај сѐ уапсија стотици луѓе што се очајни како и секогаш за да стигнат до Европа.
– Гамбијците, Сенегалците, Малијците, сите тие се решени да се упатат таму – вели Аласане Маман, пензиониран државен службеник, кој живее во Агадез, пустински крстопат и појдовната точка за многу мигранти, кои од таму заминуваат кон Либија и Средоземно Море.
Протнувањето низ дупките на маршрутата станува сè потешко. Откако антимигрантскиот план беше донесен во 2015 година и беа зајакнати патролите, сега дополнително безбедносните сили ги интензивираа понатамошниот надзор и спроведувањето на мерките за затворање на границата, кои беа насочени кон борбата со коронавирусот – вели локален претставник.
Поранешниот шверцер на мигранти Идриса Салифу тврди дека сега е многу потешко за мигрантите да се движат.
– Претходно можевме да преминуваме малку по малку, но поради рестриктивните мерки од пандемијата (како затворање на границите), патот стана навистина блокиран. Војниците дење и ноќе ја чешлаат целата должина на границата. Во исто време и од другата страна Либијците станаа многу повнимателни по тоа прашање – вели Салифу.
Во меѓувреме, Нигер е една од најсиромашните земји во светот и официјално има регистрирано само 781 инфекција од коронавирусот, со 42 лица што починале од ковид-19. Државата веќе прогласи вонредна состојба, ги затвори своите граници со Либија и нејзините соседи и го отсече главниот град Нијамеј од остатокот од земјата.
Скриени пунктови
Либија, земјата каде што мигрантите страдаа од насилствата и беззаконието што следуваше по соборувањето на Моамер Гадафи во 2011 година, исто така е погодена од коронавирусот.
Но и покрај тоа, мигрантите се упатуваат кон граничните региони на Нигер, Дирку и Мадама со надеж дека ќе влезат во земјата, истовремено кога во државата се во сила рестриктивните мерки поради пандемијата, тврди Буркари Мамане, градоначалник на Агадез, голем град лоциран во северен Нигер. Тој објаснува дека само минатата недела биле приведени 33 мигранти, кои сакале нелегално да ја минат државната граница.
Од друга страна, Баќир Ама, кој раководи со здружението за спречување на шверцот на луѓе, вели дека мигрантите се доволно подготвени како и секогаш.
– Тие не се грижат за коронавирусот. Во Агадез, во некои области се отворија и населби каде што мигрантите бараат каква било шанса да останат во пустината. Населби се практично дворовите на зградите во кои мигрантите се сместуваат – објаснува Ама.
Во меѓувреме Идриса Салифу, поранешен шверцер на мигранти дополнува дека неодамна околу 60 возила, кои превезувале мигранти, успеале сепак да влезат во Либија, но тие веднаш потоа брзо биле сопрени од либиските граничари, кои подоцна ги однеле во најблискиот пограничен град во земјата.
Нови маршрути
На пример, 764 мигранти вклучувајќи 391 од Нигер, 140 од Мали и 101 од Гвинеја се ставени во карантин во Асамака, на границата со Алжир. Меѓу нив има деца, бремени жени и повредени лица, соопшти агенцијата на ООН.
– Штом излезат од изолација, некои мигранти повторно ќе си ја пробаат својата среќа – рече Бубакар Бером. Тој додаде дека изнајмил дополнителни објекти и засилени мерки за превенција во шест транзитни центри, кои во моментот се со најголем капацитет.
Минатата недела агенцијата на ООН, исто така, упати итен апел до донаторите за заштитна опрема за дополнителна помош од 10 милиони долари за задоволување на потребите на мигрантите.
Во обид да ги обесхрабрат шверцерите, властите во Нијамеј во 2015 година донесоа закон со кој шверцувањето мигранти се смета за криминално дело, а казните за тоа се и до 30 години затвор.
На почетокот на 2019 година, претседателот на Нигер, Махамаду Исуфо, го кредитираше антимигрантскиот план, поддржан од Европската Унија, со една причина, а таа беше бројот на мигранти што минуваат низ Нигер да се намали. Тоа и се случи, за што говорат статистиките дека во 2016 година на годишно ниво во земјата минувале помеѓу 100.000 и 150.000 мигранти, а во годините подоцна таа бројка се намалила и сега се движи помеѓу 5.000 и 10.000 мигранти на годишно ниво.
За време на посетата на Нијамеј во 2018 година, италијанскиот премиер Џузепе Конте го поздрави намалувањето на обидите за пристигнувања на мигрантите на италијанските брегови.
Инаку многу мигранти од западна Африка минуваат низ Нијамеј пред да стигнат кон Агадез или последната порта пред европската почва.
– Со затворањето на маршрутата преку Нијамеј, сѐ повеќе мигранти ја менуваа својата маршрута и сега тие патуваат низ Нигерија чии граници се порозни – додава Баќир Ама, поранешен шверцер на мигранти.