Доколку Џастин Трудо изгубеше од неговиот конзервативен противник на парламентарните избори, тоа ќе ги променеше односите на Канада со Европа во однос на трговијата и климата, пишува Клотилде Гужар за „Политико“

Канадскиот изборен циклус низ призмата на Стариот континент

Европа беше толку зафатена да се збогува со својата омилена германска лидерка што дури и не забележа дека на нејзиниот либерален пријател во Канада можеше да му се случи истото. Парламентарните избори во Канада што се одржаа во понеделникот се претворија во многу потешка трка отколку што очекуваше либералниот премиер Џастин Трудо.
Канадскиот лидер, кој ја предводеше претходната малцинска влада, реши да распише предвремени избори во средината на август, охрабрен од поволните анкети што покажаа дека тој може да освои мнозинство во парламентот. Но неговото коцкање наскоро тргна во друга насока, кога Канаѓаните неочекувано почнаа да се вртат кон неговиот релативно непознат конзервативен противник, Ерин О’Тул. Либералите и конзервативците беа во мртва трка, а во предизборните анкети двете партии имаа поддршка од околу 30 отсто. Благодарение на каприциозноста на изборниот систем во Канада, повеќето предвидувања велеа дека Трудо повторно ќе се провлече со уште една малцинска влада. Секоја промена во Отава може да предизвика потреси во Европа, која ужива стабилен однос со владата на Трудо, што му овозможува на блокот предвидлив партнер за климатските прашања, човековите права, технологијата, миграцијата и одбраната, додека управуваше со разнишаните односи со другите клучни сојузници, како САД кога Доналд Трамп беше претседател.

Сон за КАНЗУК

Иако поминаа четири години откако Брисел го склучи големиот трговски договор со Канада, неколку европски метрополи, како Берлин и Амстердам, допрва треба да го одобрат Сеопфатниот економски и трговски договор (ЦЕТА), поради што може да се загрозат милијарди евра во стоки и услуги. Неколку европски групи за застапување на потрошувачите поднесоа тужби со кои го оспоруваат договорот.
О’Тул не ја гледа Европа како непосреден приоритет за трговија. Неговата политичка програма што ја претстави во кампањата содржеше многу малку референци за трговија со ЕУ, а наместо тоа предлагаше да се зајакнат односите и трговијата на Канада со Велика Британија, земјите од Комонвелтот и САД, каде што имаше цел да ги усогласи регулативите за земјоделски производи. Тој вети дека ќе склучи нов трговски договор со Канада, Австралија, Нов Зеланд и Велика Британија, наречен КАНЗУК, што го поддржуваа многу застапници на брегзит. Конзервативната партија порача дека исто така ќе се залага за трговски и инвестициски договори со Индија. Одделно, О’Тул ветуваше во својата изборна кампања дека ќе го прошири Сеопфатниот и прогресивен договор за транспацифичко партнерство (ЦПТПП), создавајќи повеќе трговски врски помеѓу Канада и неколку земји во Јужна и во Централна Америка и во Азија. Во сите негови планови ќе беше тешко да ја отфрли Европа, која е третиот по големина трговски партнер во Канада, зад САД и Кина, со над 79 милијарди евра во стоки и услуги разменети во 2020 година.

Бавни чекори во борбата со климатските промени

Како една од земјите со најголемо загадување во светот по жител, Канада под власта на Трудо започна да спроведува политики во корист на климата за да ги ограничи емисиите од својата моќна индустрија за нафта и гас, и покрај значителниот притисок во делови од земјата. Во април, тој го зајакна ветувањето што Канада го даде во Парискиот договор од 2015 година, со цел да воведе дополнително намалување на емисиите.
Конзервативниот лидер сигнализираше дека ќе направи речиси целосна промена во климатските политики на Трудо. О’Тул ветуваше дека ќе ја врати претходната цел на Канада за намалување на емисиите за 30 отсто до 2030 година. На климатскиот самит, О’Тул ја обвини либералната влада дека ги промовира климатските амбиции само за да ја импресионира меѓународната заедница, истовремено дозволувајќи ѝ на нафтената индустрија во Канада да опадне.

Нестабилен исход

Од друга страна, либералната партија на Трудо победи на канадските парламентарни избори, освојувајќи пратенички места што се доволни за малцинска влада. Поради тоа, тој ќе се соочи со поделен и нестабилен парламент бидејќи ќе треба да побара поддршка од другите партии, како што се левичарската Нова демократска партија, сепаратистичкиот Квебечки блок и Зелените. Тоа може да го направи потежок партнер за Брисел, а превирањата предизвикани од таквиот исход може да продолжат да ја дестабилизираат канадската политика. Поранешниот висок функционер на канадската влада, Мајкл Верник, посочи дека ако нема јасен исход, има шанси повторно да има предвремени избори напролет.