Бројот на лица со богатства од над 30 милиони долари достигнал 513.000, наспроти глобалното економско забавување, покажува еден извештај
Над 31.000 луѓе се приклучија кон елитата на ултрабогатите во светот, откако милионерите лани уживаа во придобивките од порастот на глобалните берзи и зголемувањето на цените на недвижностите. Бројот на лица со ултрависока нето-вредност, односно оние со богатство од над 30 милиони долари, лани се зголемил за шест отсто и достигнал 513.244 лица, според извештајот на консултантската куќа за недвижнини „Најт Френк“.
Тоа значи дека во светот има повеќе ултрабогати луѓе отколку од населенијата на Исланд, Малта или на Белизе. Се очекува бројот на супербогати да се зголеми за дополнителни 27 отсто на 650.000 до 2024 година, според извештајот, бидејќи огромни богатства се создаваат во Индија, Египет, Виетнам, Кина и Индонезија.
Истовремено се зголемил и бројот на лица со малку поскромни богатства. Сега има 50 милиони лица со богатства од милион долари, што е зголемување од 46,9 милиони лица во 2019 година. Тоа е повеќе од населението на Шпанија. „Најт Френк“ во својот годишен извештај за богатство рече дека иако 2019 година била „бурна година“ за многу инвеститори и пензиски фондови, најбогатите пријавиле добра година за нивните лични богатства.
– Од економски аспект, 2019-та беше бурна година, при што Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намали својата прогноза за пораст на глобалниот бруто-домашен производ (БДП) од 3,5 отсто во јануари 2019 година на само 2,9 отсто во јануари 2020 година, што претставува најниско ниво за десет години – се вели во извештајот.
Сепак, светската популација на супербогати се зголемила за 6,4 отсто.
– Ова се резултатите од истражувањето на ставовите, во кое 63 отсто од менаџерите на фондови изјавија дека богатствата на нивните клиенти се зголемиле во 2019 година, додека само 11 отсто пријавиле намалување – посочуваат од консултантската куќа.
Лиам Бејли, глобален шеф за истражување на „Најт Френк“, вели дека иако речиси половина од супербогатите се во САД, каде што има 240.000 луѓе со богатство поголемо од 30 милиони долари, сепак земјите со најбрз пораст на бројот на ултрабогатите се во Азија и во Африка.
– Продолжуваме да гледаме како се развива богатството во цела Азија, со број на ултрабогати во Индија, Виетнам, Кина и во Малезија, кои ќе надминуваат многу други пазари во текот на следните пет години. Ќе биде интересно да се види како тоа влијае на глобалниот пазар на недвижнини – нагласува Бејли.
Бројот на супербогати во Индија се очекува да се зголеми за 73 отсто во текот на наредните пет години, од 6.000 лица во 2019 година. „Најт Френк“ очекува Египет, каде што има 764 супербогаташи, да биде втора најбрзорастечка земја и бројот на богати да се зголеми за 66 отсто до 2024 година. По нив би следувале Виетнам, Кина и Индонезија. Бројот на супербогаташи во Велика Британија се зголеми за четири отсто на 14.400 лица, со што Британија на шестото место зад САД, Кина (61.600), Германија (23.000), Франција (18.800) и Јапонија (17,000).
Вкупниот број на супербогаташи во истражувањето на „Најт Френк“ нагло се зголеми во споредба со нивната студија за 2018 година, откако компанијата ја смени својата методологија за да ја вклучи и вредноста на домовите на богаташите.