Во екот на насилните протести во САД, Националната гарда, резервниот состав на армијата, е активирана во најмалку 23 сојузни држави како поддршка за спроведување на законот и редот. Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја испрати армијата на САД ако градовите и државите не ги смират протестите.
На почетокот на неделава беа распоредени над 17.000 члена на Националната гарда, според податоците на Си-ен-ен, што е тројно зголемување за само еден ден и тоа е приближно ист број со бројот на припадниците во активниот состав, кои служат во Сирија, Ирак и во Авганистан. Околу 45.000 припадници на Националната гарда веќе се распоредени во целата земја како одговор на појавата на коронавирусот, со што вкупниот број е над 60.000.
Генералот и командант на Националната гарда, Џозеф Ленгел, изјави дека најтешката мисија е да се реагира во време на граѓански безредија. Тој нагласи дека припадниците на гардата што ги извршуваат овие мисии се обучени, опремени и подготвени да им помогнат на локалните безбедносни сили. Според Си-ен-ен, Националната гарда е активирана во главниот град Вашингтон и во речиси половина од американските сојузни држави, вклучувајќи ги и Мичиген, Минесота, Северна Каролина, Невада, Охајо, Пенсилванија, Јужна Каролина, Јужна Дакота, Тенеси, Тексас, Јута, Вирџинија, Вашингтон и Висконсин.