Популистите и десничарите дојдоа на власт во Италија, Унгарија и во Австрија, а сега поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп има планови да го зголеми нивниот број во Европа

Бившиот советник на претседателот Доналд Трамп, Стив Бенон, сонува за десничарска „супергрупа“ што ќе ги постави популистички темели во Европскиот парламент по наредните европски избори. Но неговите планови наидоа на остра реакција од целиот политички спектар. Иако еден германски министер ги нападна „омразата и лагите“ на Бенон, некои популистички политичари во Европа не беа импресионирани од идејата на еден Американец, кој јавно даде ветување дека ќе ги обедини од едно седиште во Брисел. Според експертот по европски студии Александар Кларксон, повеќето од овие партии се формирани врз основа на антиамериканизмот.

Поранешниот главен стратег на Трамп отпатува во Европа откако беше избркан од Белата куќа и откако ја напушти десничарката медиумска империја „Брејтбарт“. Неговата амбиција сега е да го рашири популизмот во целиот континент. Бенон верува дека сè започна со референдумот за брегзит во јуни 2016 година, па продолжи со изборот на претседателот Трамп во ноември и потоа во Европа, со победата на двете популистички партии на италијанските избори што се одржаа годинава во март. Тој тврди дека Италија е предводничка на промените во Европа, а заедно со Унгарија на премиерот Виктор Орбан, се доказ дека пораката на граѓаните на Европа е дека народот „си ја сака државата назад“.

Матео Салвини

Следниот чекор, како што открива Бенон, е да се формира непрофитната организација „Движење“ во Брисел и да се регрутираат кадри што ќе помагаат во собирањето и насочувањето на податоците. Ако ова ве потсетува на користењето на податоците од Фејсбук од страна на „Кембриџ аналитика“ за привлекување на американските гласачи, треба да знаете дека Бенон беше еден од извршните директори на компанијата.
Рахим Касам, поранешен советник на бившиот лидер на популистичката УКИП Најџел Фараж, сега се приклучи на каузата на Бенон и бриселскиот план го нарекува „организација на популистичкото национално движење во Европа“. Касам порача дека почнале да формираат кадри, истакнувајќи ги прашањата за суверенитетот, пограничната контрола и работните места.

Првиот тест за експериментот на популистот Бенон ќе бидат изборите во Европскиот парламент закажани за идната година во мај. „Движење“ ќе се обиде да ја спречи работата на филантропот Џорџ Сорос чија фондација „Отворено општество“ со години ја промовираше либералната демократија низ Европа. Според Касам, разликата е што нивната организација ќе биде „на страната на обичниот народ“.

Орбан, унгарскиот самопрогласен поборник за „нелиберална демократија“, веќе ја протера фондацијата „Отворено општество“ од државата и ја забрани поддршката за азилантите. Бенон него го идентификува како „Трамп пред Трамп“ и наедно и како „вистински патриот и херој“. Во говорот што го одржа во мај во Будимпешта, Бенон порача дека „популистичкиот, националистички револт“ во Европа се случил 18 месеци до две години пред американскиот, поради работата на Фараж, Орбан и на лидерите на владејачките партии во Италија, Лига и Движењето пет ѕвезди. Тој сметаше дека е заслужен за коалицијата на двете италијански партии само неколку дена по изборите во март.

Стив Бенон

Во Франција исто така ја делеше сцената со ултрадесничарската лидерка Марин Ле Пен, која влезе во вториот круг на ланските претседателски избори, но доживеа тежок пораз од Емануел Макрон. На нејзините поддржувачи тој им порача „да дозволат да ги нарекуваат расисти, ксенофоби и нативисти, гордо носете ги навредите“. Иако нејзината партија, сега преименувана во Национално обединување, мораше да ги замоли руските банки да ја финансираат, Бенон верува дека тој може да привлече средства што ќе влијаат на популистичките движења на континентот, вклучувајќи ги ултрадесничарските шведски демократи и националистичката финска партија. Шведските демократи очекуваат да го постигнат својот најдобар резултат досега на изборите закажани за септември, а анкетите покажуваат дека поддршката за нив е над 18 отсто. Бенон вели дека ова нема многу да чини, бидејќи брегзит беше изведен со мала сума пари, додека италијанските популисти го искористија сопствените кредитни картички.


Бенон не сфати дека повеќето популистички партии во коренот се антиамерикански. Ако тие го прифатат Трамп, тогаш целиот антиамериканизам под површината ќе се сврти против нив, особено во Франција. Токму затоа многу од овие партии се свесни дека е многу ризично доколку се здружат со Бенон


Досега приемот беше непријателски или резервиран за желбата на Бенон за обединување на популистите. Германскиот центристичко-левичарски министер за Европа, Михаел Рот, порача дека Европејците не треба да се плашат од националистичките кампањи со кои Бенон сака да ја натера Европа да падне на колена.
– Нивните вредности се посилни од неговата омраза и лаги – истакна Рот.
И од други германски партии беа упатени предупредувања, а деловно ориентираната ФДП предупреди за директен напад на европските вредности и оние на ЕУ. Само Алис Вајдел од ултрадесничарската АФД изјави дека идеите на Бенон биле многу интересни и амбициозни. Нејзиниот колега Јорг Мојтен доста осудувачки порача дека тие практично немаат никаква потреба за помош од надвор од ЕУ.

Мојтен не вели дека не поддржува обединет популистички десничарски фронт во Европа против доселувањето. Во 2017 година, неговата партија одржа конференција со Лигата на Италија, Партијата на слободата од Австрија, Националниот фронт од Франција и холандскиот политичар Герт Вилдерс.

Слична порака дојде од австрискиот десничарски пратеник од Европскиот парламент, Харалд Вилимски, чија Партија на слободата веќе е на власт заедно со конзервативната Народна партија на канцеларот Себастијан Курц. Вилимски порача дека ќе продолжат со работата без некакво надворешно влијание. Иако тој не отфрли некаква форма на соработка, Вилимски изјави дека ќе даде коментар ако добие некаква конкретна понуда од Бенон.

Имаше многу мала реакција од Италија или од Франција, иако партнерот на Ле Пен, Луј Алио, го посети Стив Бенон во Лондон пред неколку недели.
– Бенон не сфати дека повеќето популистички партии во коренот се антиамерикански. Ако тие го прифатат Трамп, тогаш целиот антиамериканизам под површината ќе се сврти против нив, особено во Франција. Токму затоа многу од овие партии се свесни дека е многу ризично доколку се здружат со Бенон – оценува професорот по европски студии Александар Кларксон од Кралскиот колеџ во Лондон.