Експертите предупредија дека инфекциите повторно ќе се зголемат, но политичарите не сакаа да воведуваат нови карантински мерки
Европа се мачи со втор бран
Лидерите на ЕУ неодамна ветија дека ќе ги следат „најдобрите достапни научни податоци“ во нивниот одговор на коронавирусот. Но откако со недели се противеа да ги слушаат истите стручни совети, тие сега се мачат со вториот бран на коронавирусот.
Со зголемениот пораст на инфекции, земјите секојдневно воведуваат мерки на ограничување. Но неволните и несреќни одговори низ Европа покажуваат дека политичките лидери ги поминаа последните недели во колективно негирање.
Дури и сега, тие се соочени со истата дилема со која се справуваа од почетокот на пандемијата: следењето научни совети ќе спаси животи, но исто така и ќе уништи економии.
Тензијата помеѓу јавното здравство и политичката и економската реалност беше видлива во Берлин, кога Германија најави нови ограничувања, а канцеларката Ангела Меркел и премиерот на баварската држава, Маркус Содер, повикаа на брза и одлучна акција.
Но јасно е дека вториот бран на нови инфекции веќе ги погодува европските држави. Плашејќи се од економските трошоци за нови блокирања и од политичката реакција од очајните граѓани за нормален живот, лидерите на ЕУ ги отворија училиштата и ги ублажија другите ограничувања во изминатите месеци, што се покажа како лажна надеж дека најлошата криза поминала. Дури и земјите што мислеа дека пролетоска го победиле вирусот, забележуваат голем број случаи, како што се Португалија и земји во Централна и Источна Европа.
Некои научници велат дека се вчудовидени од реакциите на политичките лидери, со оглед на тоа што тие предвидуваа зголемување на инфекциите како што ќе дојде ладното време и социјалниот живот ќе се врати во затворен простор.
– Гледаме дека истото тоа се повторува повторно. Како да имаме масовно губење на меморијата за она што се случи пред шест месеци – вели Деби Богерт, професорка по заразни болести на Универзитетот во Единбург.
Во некои земји веќе имаше реакции поради начинот на кој лидерите се справуваа со првиот бран. Во Франција беа извршени претреси во домовите на министерот за здравство и на поранешниот премиер, како дел од владината истрага за нивното справување со пандемијата.
Во некои случаи, противречностите помеѓу реалноста и политиката беа на граница на апсурд. Претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, инсистираше лидерите на ЕУ лично да се сретнат, а веднаш потоа претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, и финската премиерка, Сана Марин, мораа да се самоизолираат откако открија дека биле во контакт со лица со позитивен тест на ковид-19.
Претходно, истиот ден кога претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, рече дека се самоизолира, законодавниот дом објави дека ќе ги продолжи пленарните седници во Стразбур. Потоа парламентарците се премислија, велејќи дека патувањето во Стразбур е невозможно.
Истовремено, притисокот врз националните политичари да продолжат со нормалниот живот се судира со научни совети и му пркоси на видливиот пораст на пријавените инфекции.
Во Франција, претседателот Емануел Макрон конечно презеде акција, воведувајќи полициски час во девет града, речиси една недела откако земјата регистрира рекордни над 26.000 случаи дневно. Спротивно на тоа, во март, само со околу 1.000 дневно, Владата побара од сите да останат дома.
Другите земји сè уште се колебаат. Белгија испроба мешавина од мерки од август, кога случаите почнаа да се зголемуваат, но ги држеше отворени решетките на локалите. Дури во последните неколку недели, кога болниците почнаа да се полнат и целата земја беше класифицирана како црвена зона, беа најавени поостри мерки.
Низ цела Европа експертите за јавно здравје долго време предвидуваа втор бран и предупредуваа дека вирусот ќе продолжи да претставува сериозна закана сè до појавата на вакцините, до кога сè уште остануваат неколку месеци, ако не и подолго. Сепак, некои влади активно избраа да не ги применуваат препораките на експертите за поостри мерки. Тим експерти на холандската влада се пожалија на крајот на септември дека Владата ги игнорира за прашања како што се маските. Потоа, минатиот вторник, следуваше остар пресврт со делумно економско заклучување. Во Ирска, експертите препорачаа земјата да ги спроведе најстрогите можни мерки на почетокот на октомври. Но Владата одлучи да ги остави отворени баровите, рестораните и продавниците, тврдејќи дека експертите не ги разбираат економските последици од ваквите екстремни мерки. Во меѓувреме, премиерот на Британија, Борис Џонсон, ја игнорираше препораката на стручната комисија речиси еден месец.
Професорката Богерт се жали дека политичарите се движат со „своја брзина“ и дека тоа е многу побавно отколку што би се движеле експертите.
– Тие чекаат и чекаат и чекаат, додека луѓето во јавното здравство знаат дека треба да се постапи веднаш, а не за една недела или идниот месец, затоа што тогаш повторно доцните – вели таа.
По подигнувањето на пролетните блокади, многу земји го охрабрија летното патување за да ги надоместат финансиските загуби. Во мај, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис дури го нарече туризмот „епилог“ на карантинот додека се залагаше за брзо повторно отворање.
Но не замижуваа сите политичари пред научните совети. Во јули, комесарката за здравство на ЕУ, Стела Киријакидес, ги повика земјите да го искористат летото и да се подготват за можен втор бран случаи наесен, притискајќи за повеќе тестирања, апликации за следење контакти. Но инфекциите се зголемија, иако бавно, во текот на летото во некои земји, а до почетокот на септември бројот се зголемуваше во поголем дел од Европа. На 24 септември, Киријакидес го повтори својот повик.
– Сосема е јасно дека оваа криза не е зад нас. Се наоѓаме во одлучувачки момент и секој мора да дејствува решително – рече таа.
Нејзин проблем е што ЕУ практично нема правно овластување за здравствената политика и националните влади не сакаат да го слушаат Брисел. На пример, на 4 септември, Комисијата го претстави предлогот за зголемување на координацијата меѓу земјите на ЕУ за ограничувањата на патувањето. Националните министри на ЕУ спореа за планот пет недели и на крајот го одобрија, само откако ги поништија одредбите за тоа како ќе се однесуваат владите кон патниците што доаѓаат од зони со поголем ризик.
Постојат научни објаснувања за зголемувањето на бројот на случаи во Европа. Како прво, земјите драстично го зголемија тестирањето. Друг јасен тренд е дека вирусот сега циркулира главно меѓу поздравите млади луѓе, што значеше вкупно помалку стапки на хоспитализација и жртви. Покрај тоа, лекарите знаат многу повеќе за тоа како да третираат ковид-19 со лекови како што се ремдесивир и дексаметазон.
Сепак, некои предупредуваат дека зголемувањето на смртните случаи е речиси сигурно, бидејќи тоа едноставно е прашање на математика.
– Стапката на смртност ќе биде иста како таа пролетоска – вели Карл Лаутербах, германски научник и парламентарец од социјалдемократите, додавајќи дека ситуацијата ќе биде полоша во земјите што „најдолго ги одложуваат важните мерки“.
Сепак, многу научни експерти не сакаа да изјават дека се неопходни целосни заклучувања, што им даде на некои политичари повеќе причини да се воздржат. Во труд објавен во „Лансет“ во септември, научниците посочија на ограничувањата на движењето во 82 земји низ светот.
– Иако ваквите мерки може да спасат животи, тие имаа огромни социоекономски трошоци – се вели во трудот.
Во исто време, тешко е да се измислат повеќе насочени стратегии. Во септември, директорката на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, Андреа Амон, одби да им препорача на сите земји на ЕУ да затворат барови и ресторани. Наместо тоа, таа ги повика земјите да бидат будни во надзорот за да ги идентификуваат жариштата и да се обидат да го намалат работното време или да го ограничат капацитетот. Слично на тоа, во неодамнешно соопштение, Комисијата ги повика младите да „сторат повеќе“ за да го запрат ширењето на вирусот.
Бахар Тункгенг, психолог на Универзитетот во Нотингем, вели дека владата не треба да ги обвинува граѓаните, туку да комуницира појасно.
– Владите треба да бидат транспарентни за тоа кои се нивните цели, каков е планот и какви се можностите да се движат напред – вели Тункгенг.
Таа вели дека е збунета од тоа зошто политичарите не ја подготвуваат јавноста за повторно зголемување на инфекциите.
– Нема шанси владите да не знаат дека ова ќе продолжи и во текот на зимата, бидејќи сите научни совети го велеа тоа – нагласува Тункгенг.