Претседателот Џо Бајден требаше на 1 февруари да го одржи својот прв говор за надворешната политика, но беше одложен поради „лоши временски услови“. Очигледно петте сантиметри снег што наврнаа минатиот викенд во главниот град претставуваа преголем ризик за патување, така што ваквата одлука е оправдана, смета Џејмс Џеј Карафано од „Нешенел интерест“
За новата американска администрација приоритет се политиките на левицата наместо интересите на државата
Претседателот Џо Бајден требаше на 1 февруари да го одржи својот прв говор за надворешната политика, но беше одложен поради „лоши временски услови“. Очигледно петте сантиметри снег што наврнаа минатиот викенд во главниот град претставуваа преголем ризик за патување, поради што излезе дека ваквата одлука е исправна. Сепак, Бајден нема што многу да се пофали на оваа тема, затоа што уште во првата недела на неговата функција, претседателот изгледаше одлучен да ги зајакне партиските политики за сметка на добрата политика. Затоа во оваа анализа ќе се разгледаат пет негови лоши потези што се во корист на радикалната левица, но на штета на американскиот просперитет и безбедност.
Стопирање на изградбата на нафтоводот „Кистоун“
Овој енергетски проект повеќе од двојно ќе го зголемеше капацитетот на државата за ефикасен, исплатлив и безбеден увоз на канадска сурова нафта преку нафтоводот, но Бајден го блокира уште на првиот ден од функцијата. Ова беше лоша одлука во однос на климатската политика, затоа што нафтата сега ќе се пренесува преку алтернативни маршрути што значи дека ќе има поголемо производство на стакленички гасови, а тоа е лошо за економијата. Со стопирањето на проектот се губат илјадници работни места и ќе се зголемат енергетските трошоци во САД и во Канада. Се работи за лоша стратегија што ја поткопува американската енергетска безбедност. Пред сè, ова е лоша надворешна политика и финансиски удар по најблискиот сојузник на Америка, а за премиерот на Алберта, Џејсон Кени, ова е чин на „предавство“. Америка најдобро може да премине во еколошки одржлива иднина со зајакнување на економијата и наметнување светско енергетско лидерство преку моќта, но со укинување на изградбата на нафтоводот „Кистоун“ практично ги уништи сите шанси за да се постигне ова.
Пропуст во климатската политика
Бајден одлучи да ги врати САД во Парискиот климатски договор. Администрацијата на Трамп ја повлече државата од него, бидејќи неговите одредби не нудеа ограничување за Кина, која важи за најголем светски загадувач. Во меѓувреме ќе се наметнеа големи трошоци за САД без видливо да се намалат светските температури. Ниедна од потписничките на договорот ни приближно не ги исполни зададените цели. Кинеските емисии на стакленички гасови сега се двојно поголеми од оние на Америка и повисоки од целите на кои Пекинг се согласи.
Од друга страна, САД постигнаа исклучителен напредок надвор од договорот со тоа што се потпираа на пазарните сили. Јаглеродните емисии по жител во Америка се намалија во последните десет години што досега ниту една друга држава не успеа да го постигне, така што не постои добра причина зошто државата требаше да се врати во пактот. Сепак, постои и голема опасност од ваквиот потег. Сето тоа се сведува на тоа што опфаќа „национално утврдениот придонес (НДЦ)“, поточно домашниот план за намалување на националните емисии според договорот. НДЦ најверојатно ќе повика на централно насочени владини интервенции за Америка побрзо да „зазелени“. Ваквите видови интервенции без исклучок ги спречуваат иновациите и погрешно ги распределуваат парите на даночните обврзници, а честопати завршуваат скандалозно. Пазарно донесените решенија ќе овозможат подобра транзиција кон вистинска „зелена индустриска револуција“. Повторното вклучување во Парискиот климатски договор претставува наметнување дополнителен притисок за спроведување на радикална политичка агенда што ќе ја направи Америка помалку конкурентна во еден силно конкурентен свет.
Ништо ново во договорот Нов СТАРТ
Администрацијата на Обама склучи договор за контрола на нуклеарното оружје со Русија што практично не контролира ништо. Договорот опфаќа само 45 отсто од арсеналот на Путин. Тој ѝ овозможи на Русија да произведе повеќе нуклеарни оружја (додека на САД им наложува да го намалат бројот). За да се постигне неговото склучување, договорот содржи многу слаб систем на верификација. Со тоа што официјалната важност на договорот Нов СТАРТ истече на 5 февруари, претходната администрација преговараше за негова ревизија, но тимот на Бајден го игнорираше тој труд и наместо тоа, побара само негово петгодишно продолжување.
Во свет каде што Русија и Кина стануваат сè поопасни нуклеарни држави, договорите за потврда што ги намалуваат заканите се важни како никогаш претходно. Постојаното потпишување исти договори испраќа страшни сигнали дека администрацијата на Бајден брза да ги направи истите грешки како од ерата на Обама и да ја исполни левичарската агенда за контрола на оружјето наместо да постигне вистински напредок во оваа сфера.
Неодговорни доселенички политики
Еден непобитен успех на претходната администрација беше постигнувањето подобра контрола на јужната граница и воведувањето на доселеничките закони. Бајден сака да го повлече сето тоа. Тој ја спречи изградбата на ѕидот, воведе радикален закон за амнестија и веднаш почна да ги суспендира или повлекува политиките што доведоа до подобра гранична безбедност и спроведување на Законот за доселување. Ваквите политики на отворени граници претставуваат реална закана по безбедноста, здравјето, просперитетот и безбедноста на сите Американци. Изјавите и постапките на Бајден веќе поттикнаа нов бран нелегални доселеници. Со силни граници, Америка може да биде нација на доселеници, да ја зацврстува економијата и да ги штити своите граѓани. Но со ваквото целосно укинување на граничната безбедност, постои јасен знак дека Бајден сака да ги стави политиките на левицата пред интересите на граѓаните.
Нов хаос на Блискиот Исток
Пред да си замине администрацијата на Трамп од Белата куќа успеа да го уништи калифатот, боксуваше со Иран и ги нормализира односите меѓу Израел и арапските земји. Со ова се поставија најцврстите темели за стабилност на Блискиот Исток во изминатата генерација. Но наместо да продолжи да го унапредува овој успех, тимот на Бајден испрати двосмислени и збунувачки пораки за враќањето на Иранскиот договор, што е уште еден пример за едностраните „политички вештини“ од ерата на Обама, кои придонесоа и ги поттикнаа најголемите дестабилизирачки сили на Блискиот Исток. Белата куќа треба да работи на политики што ќе промовираат колективна безбедност и економска соработка што ќе ги блокира Иран, Кина и Русија што ќе биде во корист на Америка. Наместо тоа, Бајден повеќе се занимава со враќањето на пропаднатата агенда на Обама за Блискиот Исток.