Национализмот повторно се разгори во Грција, меѓу другото и поради обновените преговори со Македонија. Во силно поларизираната јавна дискусија, претходните судири околу штедењето се заменети со „национални прашања“ и „вредности“ што сега многумина ги сметаат како сфери во кои може да се спаси националната гордост. Таквите перцепции ги поттикнуваат и власта и опозицијата во Грција, пишува атинскиот новинар Зенакос
На 19 мај, толпа го нападна градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, за време на одбележувањето на Денот на геноцидот на понтиските Грци. Инцидентот започна со извиците и навредите: „Оди си! Не те сакаме! Заминувај! Гнасен, педер! Валкан Евреин! Антигрк! Гнасен Турчин! Предавник! Треба да те обесат!“. Потоа, неколку лица, меѓу кои и неколку, кои ги носеа амблемите на понтиските здруженија што го организираа настанот, почнаа да го туркаат градоначалникот. Другите почнаа да фрлаат пластични шишиња и други предмети по него. Неговата придружба се обиде да го извлече, но толпата го следеше сè до автомобилот. Луѓето почнаа да го удираат по главата, а еден дури го удри со нога по стомакот. Кога стигна до автомобилот, трет човек ја клоцна вратата, а четврт го скрши задниот прозорец. Како што автомобилот брзо го напушти местото на настанот, луѓето почнаа да ракоплескаат и да се бодрат. Ова не е единствениот напад од ваков вид.
Во текот на изминатите години од финансиската криза во Грција, се случија неколку инциденти во кои разгневена толпа вербално или физички напаѓаше политичари или претставници на медиумите. Речиси во сите овие напади целта беа јавни личности што се сметаа за поддржувачи на строгите политики на штедење што беа наметнати од страна на т.н. Голема тројка (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд).
Некои познати коментатори оценија дека ваквите напади се мотивирани од ултрадесничарската идеологија, поврзувајќи ги со Златна зора, озлогласената грчка нацистичка партија чии членови во моментов се судат за убиство и за други тешки кривични дела. Иако членовите на Златна зора покажаа насилно однесување кон политичарите и новинарите, таквата директна врска со организираното насилство на Златна зора е неосновано. Не постојат докази што ќе поткрепат секаква поврзаност меѓу нападите од страна на обичните луѓе или демонстрантите и сериозното насилство на офанзивните банди на Златна зора.
Попрецизно би било ако овие повремени напади на „разгневената толпа“ се гледаат во контекст на „квазипопулистички“ и „антиелитистички“ бран што навлезе во грчкиот политички живот во периодот на финансиската криза, кој беше предизвикан од раскинувањето на општествените врски, но никогаш не направи целосна промена кон екстремно десничарската идеологија, а уште помалку кон организирана фашистичка акција.
Колку и да се непријатни, ваквите напади не спаѓаат во доменот на екстремната десница. Сепак, токму ова е причината зошто нападот на Бутарис е исклучително алармантен. Бутарис е поддржувач на строгите мерки за штедење и на програмата за финансиска помош. Но тој не беше нападнат поради овие причини. Како што може да се забележи од видот на насилството што беше извршено врз него, тој беше цел на напад затоа што е либерален, антинационалистички, антирасистички политичар, кој е и поддржувач на правата на ЛГБТ-заедницата. Бутарис активно го промовираше Солун како важен град не само во грчката, туку и во турската и во еврејската историја. Тој тврдеше дека турските туристи треба да се охрабруваат да го посетуваат родното место на Кемал Ататурк. Исто така го промовираше основањето на музејот на холокаустот во Солун во спомен на еврејското население во градот, кое беше убиено од страна нацистите. Покрај тоа, тој често зборува во корист на решение на спорот за името со Република Македонија. Тој понуди покровителство на општината за одржувањето на годишната геј-парада.
Она што се случува тука, можеби првпат на ваков директен начин, е врската меѓу нападот врз јавна личност и неприкосновените идеолошки ставови на екстремната десница. Нормално ова не се случува во вакуум.
Жолчниот национализам во Грција беше подгреан во контекст на обновените преговори со Македонија. Скорашните обиди од страна на Владата да ги реши разликите со кои се борат лицата од ЛГБТ-заедницата исто така наиде на негативен одговор.
Силно поларизираната јавна дискусија по овие прашања во голема мера ги замени претходните сеприсутни судири за програмите за строги мерки на штедење, можеби поради таканаречените „национални прашања“ и „вредности“ што сега од многумина се сметаат за сфери во кои може да се спаси националната гордост. За жал, претставниците од владината коалиција и од опозицијата ги поттикнуваат таквите перцепции.
Панос Каменос, министерот за одбрана и лидер на партијата Независни Грци, која е помалиот коалициски партнер во Владата, се спротивстави и зборуваше против компромис со Македонија, како и против новите закони за признавање на правата на ЛГБТ-заедницата. Мнозинството од партијата се согласува со него, како и дел од пратениците на СИРИЗА, односно главниот коалициски партнер. Лидерите и претставниците на Нова демократија, главната опозициска партија, имаа слични ставови и се обраќаат со сè пореакционерски тон, и покрај самопрогласениот либерализам на нивниот лидер Киријакос Мицотакис.
Токсичната клима е уште повеќе влошена со изјавите на истакнатите свештени лица на Грчката православна црква, која секогаш е важен фактор во грчкиот политички живот. Каков и да е опортунизмот на политичката тактика, пресметана од оние што систематски го поттикнуваат реакционерскиот став, можеби оваа историска лекција треба да се запамети, а тоа е дека пропагирањето на агендата за национализам и нетолеранција на екстремната десница кон огромен број луѓе што не се задоволни од кризата и од рецесијата е многу лоша идеја.