Европа денеска одбележува три децении од падот на Берлинскиот ѕид, на 9 ноември 1989 година, епохалниот настан што ја симна Железната завеса, која го делеше комунистичкиот Исток од капиталистичкиот Запад и го отвори патот за реобединување на Германија во 1990 година.
Револуцијата ја уништи еднопартиската држава Источна Германија и нејзината омразена тајна полиција Штази. Но обединувањето резултира и со масовни затворања на државните фарми и фабрики, предизвикувајќи големи отпуштања. Сега, 30 години подоцна, Германија е сведок на подемот на ултрадесницата. Антиимиграциската партија Алтернатива за Германија (АФД) е прва во бившиот комунистички Исток, со поддршка од 24 отсто, според истражување на истражувачкиот центар „Пју“. Сепак, АФД не успеа да направи сличен подвиг во бившиот Запад, каде што е четврта, со поддршка од само 12 отсто.
Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, нагласува дека годишнината е шанса да се потсети Европа зошто треба да остане обединета.
– Спасувањето на еврото и бескрајните расправии за приемот и распределбата на имигрантите предизвикаа нови поделби во Европа. Со брегзит, една членка првпат ќе ја напушти ЕУ – посочи тој.
Германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер, придружувани од нивните полски, чешки, словачки и унгарски колеги, ќе ги предводат официјалните церемонии. Сепак, лидерите на двете бивши сили од Студената војна, САД и Британија, ќе отсуствуваат од прославите по повод триесетгодишнината од падот на Берлинскиот ѕид.