Лекарот Денис Муквеге со години им помага на жртвите на сексуално насилство во Конго, а активистката Надја Мурад е жртва на силувања и на други злосторства од припадниците на Исламска држава во Ирак. Двајцата се наградени за актуализирање и јакнење на борбата против сексуалното насилство како оружје во војни и оружени конфликти, нагласува Нобеловиот комитет
Норвешкиот Нобелов комитет одлучи да им ја додели Нобеловата награда за мир за 2018 година на Денис Муквеге и Надја Мурад за нивните напори да се стави крај на употребата на сексуалното насилство како оружје во војна и оружен конфликт. Двајцата лауреати дадоа клучен придонес за привлекување на вниманието и за борба против таквите воени злосторства. Муквеге е помагач, кој го посвети својот живот на одбраната на овие жртви. Мурад е сведок што раскажува за злосторствата извршени против неа и другите. Двајцата на свој начин помогнаа да се актуализира сексуалното насилство во војни, за сторителите да можат да бидат гонети за нивните дела.
Лекарот Муквеге помина голем дел од својот живот помагајќи им на жртвите на сексуално насилство во Демократска Република Конго. Од отворањето на болницата „Панзи“ во Букаву во 2008 година, Муквеге и неговиот персонал лекуваа илјадници жртви на такви напади. Повеќето од сексуалните насилства се извршени за време на долгата граѓанска војна, во која настрадаа над шест милиони жители на Конго.
Муквеге е најистакнатиот и најобединувачки симбол на национално и на меѓународно ниво, на борбата да му се стави крај на сексуалното насилство во војни и во оружени конфликти. Неговиот основен принцип е дека „правдата е работа на сите“. Мажите и жените, офицерите и војниците, локалните, националните и меѓународните власти, имаат заедничка одговорност за откривање и борба против овој вид воени злосторства. Важноста на трајните, посветени и несебични напори на Муквеге во оваа сфера не може да биде доволно нагласена. Тој постојано ја осудува неказнивоста за масовно силување и ги критикува Владата на Конго и другите земји дека не прават доволно за да ја спречат употребата на сексуално насилство врз жените како стратегија и оружје во војна.
Ангела Меркел и триото Доналд Трамп, Ким Јонг-ун и Мун Јае-ин важеа за најголеми фаворити годинава. Германската канцеларка за отворените врати за мигрантите, а лидерите на САД, Северна и на Јужна Кореја за помирување и за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров
Мурад е жртва на воени злосторства. Таа одби да ги прифати социјалните норми, кои бараат од жените да молчат и да се срамат од злосторствата на кои биле подложени. Таа покажа необична храброст да ги раскаже сопствените страдања и да зборува во име на другите жртви.
Мурад е член на малцинството Јазиди во северен Ирак, каде што живееше со своето семејство во далечното село Кочо. Во август 2014 година, Исламска држава (ИД) почна брутален систематски напад врз селата во областа Синџар, за да ги уништи Јазидите. Во селото на Мурад, неколку стотици луѓе беа масакрирани. Помладите жени, меѓу кои имало и малолетни, биле киднапирани и држени како сексуални робинки. Како заробеничка на ИД, Мурад постојано била силувана и била жртва на други злосторства. Нејзините напаѓачи се заканиле дека ќе ја егзекутираат ако не ја прифати нивната нечовечна верзија на исламот, полна со омраза.
Мурад е само една од околу 3.000 девојчиња и жени Јазиди што биле жртви на силување и на други злосторства од армијата на ИД. Насилствата биле систематски и биле дел од нивната воена стратегија. Тие биле користени како оружје во борбата против Јазидите и другите верски малцинства.
По тримесечен кошмар, Мурад успеа да избега. Откако избега, таа избра отворено да зборува за тоа што го претрпела. Во 2016 година, на возраст од само 23 години, таа беше назначена за прва амбасадорка на добрата волја на ОН за достоинство на преживеаните во трговијата со луѓе.
Годинава се одбележува една деценија откако Советот за безбедност на ОН ја усвои Резолуцијата 1.820 (2008), која определува дека употребата на сексуално насилство како оружје во војни и оружени конфликти претставува воено злосторство и закана за меѓународниот мир и безбедност. Тоа исто така е утврдено со Римскиот статут од 1998 година, кој ја уредува работата на Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства. Статутот утврдува дека сексуалното насилство во војни и во оружени конфликти претставува сериозно прекршување на меѓународното право. Поголем мир во светот може да се постигне само ако жените и нивните основни права и безбедност се признаени и заштитени во војна.
Годинешната Нобелова награда за мир е цврсто втемелена во критериумите изразени во тестаментот на Алфред Нобел. Муквеге и Мурад ја ризикуваа личната безбедност со тоа што храбро тргнаа во борба против воените злосторства и побараа правда за жртвите. Тие на тој начин го промовираа братството на народите преку примена на принципите на меѓународното право.