За да се погрижат студената војна да заврши успешно, САД мора да го водат слободниот свет во мрежа на колективен одговор во повеќе домени, велат Дејвид Стилвел и Ден Негреа од „Нешенел интерест“
Какви сојузи треба да формира Западот за ги заштити своите интереси и вредности
Поминаа триесет години од распадот на Советскиот Сојуз и крајот на Студената војна, а светот сега се наоѓа пред нова таква војна. Кинеската комунистичка партија сака да го оствари својот сон за лидерска позиција во светот, чија визија за иднината е во директен конфликт со САД и со слободниот свет. За време на претходната Студена војна, САД и слободниот свет ја почувствуваа најсилно заканата во воената сфера и во Западна Европа. Доколку Советскиот Сојуз успееше во своите намери за доминација во Европа, тогаш темелно ќе ја променеше светската рамнотежа на моќ во своја корист. САД на тоа одговорија со формирање и предводење на НАТО.
Но овој пат, оваа студена војна е поинаква. Пекинг претставува воена закана во Азија, а економска и технолошка во светски рамки. Со оглед на тежината на предизвикот, единствено решение е да се формира еден мултилатерален воен сојуз, како одговор на широкиот спектар на влијание на Пекинг. Заедничките обврски на членките ќе бидат различни, што ќе го опфаќаат опсегот од формалните обврски за заедничка одбрана на НАТО до општи договори за економски стандарди и обврски за спречување трансфер на клучни технологии.
Целта на САД и на слободниот свет во оваа студена војна е иста како во претходната, односно да се зачуваат слободата, мирот и просперитетот преку формирање моќна коалиција што ќе го одврати противникот да ја тестира нејзината сила. Затоа од клучно значење е колективната акција преку мрежниот сојуз. Во 2017 година, Стратегијата за национална безбедност прецизира дека „економската безбедност е и национална безбедност“. Кина, како втора најголема економија во светот, ја користи токму својата моќ за да ја прошири својата сфера на интерес. На слободниот свет му е потребен механизам за колективна економска безбедност што ќе може да биде отпорен на кинеското влијание. Членот 5 на НАТО вели дека нападот на една членка е напад врз целата Алијанса и сите членки мора меѓусебно да се поддржуваат. Светската трговска организација не го предвиде економскиот подем на Кина и затоа на светот му е потребен токму ваков член, но во поинаков контекст.
Некои од задолженијата на Интерпарламентарната алијанса против Кина (ИПАК) се прв чекор во таа насока. ИПАК беше формирана лани во јуни, а во неа членуваат над сто законодавци од дваесет земји. Една од целите на ИПАК е праведна трговија. Кога Австралија побара од Светската здравствена организација да го испита потеклото на пандемијата на коронавирусот, Кина наметна строги царини за австралиското вино, јачмен и говедско месо, а го ограничи и туризмот кон неа.
Светска технолошка алијанса
Кина посакува да се наметне и во светската доминација во сферата на технологијата. Поради тоа, САД мора да преземат активна улога во формирањето механизми за технолошка координација за одбрана на технологијата и промовирање на технолошкиот напредок. Постојат неколку иницијативи што ветуваат, но две се издвојуваат како најпросперитетни.
Првата е заедничкиот предлог на три експертски групи од три континенти, како што се Центарот за нова американска безбедност во САД, институтот за кинески студии „Меркатор“ во Германија и азиско-пацифичката иницијатива во Јапонија. Предлогот се нарекува „Рамковна алијанса за демократски технолошки политики“ и се смета дека „технолошкото лидерство од страна на најголемите либерално-демократски држави во светот ќе биде од суштинско значење за заштита на демократските институции, норми и вредности, што ќе придонесе за светски мир и просперитет“. Целта ќе биде да се обезбедат и да се рашират синџирите на испорака, да се заштитат клучните технологии и да се врати интегритетот на меѓународното поставување стандарди.
Вториот предлог е на Групата за кинеска стратегија, која е мало консултативно тело предводено од поранешниот извршен директор на „Гугл“, Ерик Шмит. Таа претстави свој извештај именуван како „Несиметрична конкуренција: стратегија за Кина и за технологијата“. Несиметричноста потекнува од тоа што Кина „игра според друг вид правила“. Извештајот истакнува дека во моментов не постои светски механизам за технолошка координација меѓу демократиите и побара од американското лидерство да формира таков.
Индо-пацифичка регионална алијанса
Широкиот спектар на притисок од Пекинг се чувствува во индо-пацифичкиот регион, поради што се јавува итна потреба од координиран регионален одговор. Засилената реторика на Владата во Пекинг доведе до појава на територијални несогласувања со соседите од Југоисточна Азија. Пропагандата на Пекинг ги нагласува своите силни страни, но една обновена и проширена мрежа на сојузи силно би ги истакнала и нејзините недостатоци. Во споредба со билатералните одговори, сличните колективни безбедносни договори во повеќе домени претставуваат нови можности за одбрана и намален ризик од ескалација.
Четиристраниот безбедносен дијалог („Квад“) е добар модел како заедничките интереси можат да ги здружат земјите додека нивните различни перспективи овозможуваат колективна акција. Не треба да се гледа подалеку од заедничките поморски активности на Индија и Виетнам во Јужно Кинеско Море или на Индија и Јапонија во иницијативата „Источно-западен економски коридор“ за да се сфатат предностите на неформалната и флексибилна заедничка соработка. Парадигмата на сојузот во претходната Студена војна ги постави САД во централна позиција и ги нагласуваше конфигурациите на Алијансата. Ова непотребно ја ограничува и забавува колективната акција, бидејќи фокусот е на Вашингтон, чии реакции честопати се бавни. „Квад“ ги покажа предностите на лесно вмрежениот сојуз со максимизирање на придонесите на секој партнер, зголемувањето на влоговите и минимизирањето на пасивноста. Дополнителна предност на енергичниот сојуз на „Квад“ е тоа што може да служи како отскочна штица за поддршка од Европа и други региони во светот.
Европски регионални сојузи
Европа не му пристапи на кинескиот предизвик со истата итност како САД или нивните партнери од Индо-Пацификот, затоа што Пекинг не е директна воена закана по неа. Понатаму, Европа има широка економска деловна соработка со Кина и би сакала да избегне економска штета од политичките тензии. Но европскиот ентузијазам за деловна соработка со Кина полека слабее. Стопанската комора на Европската Унија во Кина соопшти во своето истражување за довербата во 2020 година дека, покрај постојаните ветувања на Пекинг за „реформи и отворањето на своите пазари“, речиси половина од нејзините членки се соочиле со пречки во пристапот до пазарите и потешка бизнис-клима во споредба со претходната година, додека кинеската влада ја претпочитала соработката со државните наспроти приватните компании.
Како одговор на тоа, еден европски стратегиски документ од 2019 година ја прикажа Кина како „стратегиска конкуренција“. Европските земји, под водство на САД, креираат механизми за да ги спречат кинеските присвојувања на компании во клучните сектори, како оној за национална безбедност. Исто така, неколку европски држави се приклучија на иницијативата на Стејт департментот наречена „Чисти мрежи“, која ја исклучува опремата на „Хуавеи“ од нивните телекомуникациски мрежи.