Кинеското привлекување на Русија на своја страна во „големата геополитичка игра“ е еден од најважните надворешнополитички успеси на Кина воопшто и, спротивно, едно од најголемите надворешнополитички промашувања на Вашингтон, кое допрва ќе ги покаже своите далекосежни последици
Администрацијата во Вашингтон по сѐ изгледа избра насока на истовремен судир и со Русија и со Кина. Се разбира, не станува збор за воен судир, туку за политичка, економска и пропагандна трка, која ќе биде долготрајна, исцрпувачка, но и високоризична за американските, пред сѐ економски интереси. Меѓутоа, очигледно во Вашингтон победи логиката на непрепуштање на позицијата на доминантна сила на некоја нова, брзорастечка сила без претходна борба и отпор. За таквиот избор на американскиот естаблишмент сведочи и постојаното продлабочување на кризата во односите помеѓу Вашингтон, од една страна, и Москва и Пекинг од друга страна. Сепак, праведно е да се истакне дека актуелниот американски претседател Доналд Трамп, само ја продолжи политиката кон Русија што ја почна администрацијата на Обама во својот втор мандат, односно со отворањето на украинската криза.
Паралелно со процесот на продлабочување на кризата со САД, дојде до забрзан процес на стратегиско приближување помеѓу Русија и Кина, особено откако Пекинг во 2014 година ѝ помогна на Москва, застанувајќи на нејзина страна откако САД и Европската Унија воведоа силни економски и политички санкции, чија цел е целосна изолација на Кремљ. Во согласност со тоа, Русија, свесна за долгорочноста на новата американска „игра“, уште истата година го почна своето геостратегиско престројување и ги дефинира новата насока на своето геополитичко дејствување и развојниот столб – Исток, кому во меѓувреме му ја додаде и јужната насока, односно Блискиот Исток, преку воената интервенција во Сирија.
Овие настани претставуваа почеток на забрзан развој на односите помеѓу Москва и Пекинг, за промена на глобалната геополитичка парадигма втемелена на поствоениот светски поредок и целосната американска доминација по победата во Студената војна и распадот на Советскиот Сојуз. Тука треба да се истакне дека камен-темелникот за изградбата на руско-кинеските односи во почетокот од 2000-тите го постави тогашниот новоизбран руски претседател Владимир Путин, кој почна забрзано решавање на меѓусебните гранични проблеми, кои не беа од голем размер, но силно ги оптоваруваа односите помеѓу двете мегадржави. Но овој пат Путин, планирајќи долгорочно, направи територијални отстапки за Кина, и со тоа ги удри темелите за забрзување на развојот на односите на двете соседни земји и народи, кои историски гледано никогаш и не биле непријатели.
На 5 јуни во официјална дводневна посета на Русија пристигна кинескиот лидер Си Џинпинг со бизнис-делегација од речиси илјада лица. Кинескиот претседател со својот руски колега Путин ја потпишаа заедничката изјава за стратегиско партнерство и воведување на односите на двете земји во нова ера, и тоа токму на 70-годишнината од воспоставувањето на нивните дипломатски односи. Потпишани се два начелни документи: за стратегиско партнерство и понатамошна соработка во најразлични сфери, а вториот документ се однесува на меѓународната стратегиска безбедност, со кој се потврдува дека двете земји ќе ги координираат своите ставови за главните светски предизвици.
Тоа што паѓа во очи е договорот за „заедничко спротивставување на дестабилизирачката политика на други земји“, меѓу кои посебно се посочени САД. Двете земји се договорија за „заеднички настап против политичкиот диктат и девизните уцени во меѓународната трговско-економска соработка, осуда на обидите на одредени земји за присвојување на правото во одредувањето на целта и дозволените параметри на законска соработка помеѓу други држави…“.
Но политиката и безбедноста не беа единствена тема на разговорите помеѓу руската и кинеската страна. Во преговарачките делегации учествуваа и претставници на најголемите кинески енергетски и информатички компании, како и на рускиот „Газпром“, Руската државна железница, „Росатом“ и „Роскосмос“. Можеби најзвучниот постигнат договор е оној за лансирање на заедничката компанија „Алиекспрес Русија“, во која влегува кинескиот технолошки гигант „Алибаба“ (48 отсто), а другите партнери се руски компании и Рускиот државен фонд за директни инвестиции. Вкупната инвестиција се проценува на околу 2,2 милијарди долари, но она што е многу важно е тоа што зад „Алибаба“, на истиот пазар обично во голем дел влегуваат и помали кинески компании.
Втор, многу важен договор помеѓу руската и кинеската влада е оној за основање заеднички научнотехнички иновациски фонд со вкупни средства од една милијарда долари. Исто така, „Газпром“ и руската приватна компанија за производство на течен природен гас потпишаа со кинескиот државен енергетски гигант ЦНПЦ договор за отворање заеднички трговски центар за продажба на течен гас на кинеска територија. Тука треба да се нагласи и дека кинеската компанија „Хуавеи“ планира со руските компании да ја разработи најновата мобилна мрежа 5Г на територијата на Русија.
Слободно може да се оцени дека стратегиската соработка помеѓу Русија и Кина, поттикната од темелното заострување на нивните односи со САД и американските сојузници, и натаму ќе остане централна тема на надворешната политика и светската економска слика, и тоа не само за овие две земји, туку и за многу други држави што се соочуваат со проблеми поврзани со политичките, финансиските и економските притисоци или вовлекувањето во трговски војни, а сето тоа поврзано со нивните напори за водење политика на самостоен развој на начин што тие го сметаат за најповолен за себе.
Еден од најважните простори на кои сето тоа ќе дојде најмногу до израз е Азија, кон која е и насочено тежиштето на новата руско-кинеска соработка. Имено, на геостратегискиот простор на кој токму сега примарно е насочена и американската државна стратегија, чија цел е зачувување на постојните доминантни позиции и врз нив втемелениот меѓународен поредок, кој како домино се урива пред нашите очи.
Кинеското привлекување на Русија на своја страна во оваа „голема игра“ е еден од најважните надворешнополитички успеси на Кина воопшто и, спротивно, едно од најголемите надворешнополитички промашувања на Вашингтон, кое допрва ќе ги покаже своите далекосежни последици.
Над сто милијарди долари трговска размена
Трговската размена помеѓу Русија и Кина минатата година се зголеми дури за 25 отсто и продолжува да расте, достигнувајќи 108 милијарди долари во однос на планираните сто милијарди, со што Пекинг ѝ стана најголем трговски партнер на Москва. Покрај тоа, двете земји реализираат триесетина инвестициски проекти во износ од 22 милијарди долари, а продолжува и работата на развојот на практиката за наплата во национални валути и обезбедувањено на непрекината соработка во меѓубанкарските услуги, со оглед на нестабилноста на глобалните пазари. За таа пригода, во Кремљ се потпишани 30 договори од сферата на инвестициите, информатичката технологија, земјоделството, автомобилската индустрија и енергијата. Не треба да се заборави и тоа дека Русија е лидер во испорака на нафта во Кина, а лани во неа извезе дури 67 милиони тони црно злато.
Нови „минхенски“ пораки на Путин
Повеќето експерти и аналитичари го оценија говорот на Владимир Путин на годинашниот форум во Санкт Петербург како нов минхенски говор на рускиот претседател, алудирајќи на неговиот познат говор на Меѓународната конференција за безбедност во Минхен во 2007 година, кога остро го критикуваше однесувањето на Западот и изјавата за завршување на еднополарниот свет што, всушност, означи и пресврт во дотогашните односи на Русија и Западот, пред сѐ со САД.
Во Санкт Петербург Путин изнесе низа остри констатации, укажувајќи на значителното зголемување на неизвесноста во светската економија. Тој укажа и на кризата на постојниот модел на меѓународни трговски односи.
– Глобалната трговија престана да биде мотор на светската економија. Моделот на глобализација, предложен од страна на Западот во 1990-тите, повеќе не одговара на вистинската состојба на светската економија во период кога во светот се почнуваат трговски војни, се применуваат санкции и други ограничувања, чија цел е зголемување на конкурентноста на одредени држави – порача Путин.