Претседателот на САД, Доналд Трамп, сака трансатлантскиот сојуз да биде поактивен на Блискиот Исток. Американските сојузници во Европа засега не се премногу подготвени да ја следат стратегијата на Вашингтон против Иран
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, деновиве одржа повеќе телефонски разговори за да побара поддршка за повикот на претседателот Доналд Трамп да го претвори НАТО во НАТОМЕ, додавајќи ѝ на кратенката за северноатлантскиот сојуз уште две букви за Блискиот Исток (на англиски Middle East).
Трамп е долгогодишен критичар на НАТО, сојузот што опстојува од времето на Студената војна и ги обврзува САД и Канада да ја бранат Европа од руска агресија. Трамп претходно се пожали дека НАТО бил неправеден сојуз за САД и наводно неколкупати во 2018 година размислувал да се повлече од Алијансата, бидејќи сметал дека е бесмислена. Наспроти сите критики, Трамп се чини дека сега поддржува зголемена улога на НАТО, додека неговата администрација балансира меѓу влошените односи со Ирак и заканата од војна со Иран. Но поделбите во НАТО ги намалуваат шансите за заедничка мисија на Блискиот Исток.
Трамп го упати повикот до НАТО да се фокусира на Блискиот Исток на прес-конференција на 8 јануари, по убиството со американски дрон на иранскиот генерал Касем Сулејмани на 3 јануари во Ирак, што ги заостри тензиите. По атентатот, НАТО ја прекина обуката на силите против Исламската држава во Ирак, одлука што се совпадна со барањето на ирачкиот парламент сите странски сили да ја напуштат земјата. Во меѓувреме, иранските лидери најавија „одмазда“ и испукаа десетина ракети кон американските бази во Ирак на 7 јануари.
– Имате НАТО и МЕ за Блискиот Исток (на англиски Middle East). Ќе го наречат НАТОМЕ. Me бива за имиња, нели? Колку убаво име, НАТОМЕ – им порача Трамп на новинарите.
Стејт департментот побрза да ги спроведе идеите на Трамп на дело. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и Помпео се согласиле дека НАТО може да придонесе повеќе за регионалната безбедност и борбата против меѓународниот тероризам во телефонски разговор на 9 јануари, според соопштенијата на Стејт департментот и седиштето на НАТО.
Помпео за три дена седумпати разговарал со лидери на европски земји или на земји на НАТО за ситуацијата на Блискиот Исток и за Иран, според Стејт департментот. Тој му порачал на својот канадски колега дека „проширена мисија на НАТО во Ирак“ би можела да го „ограничи“ агресивното и дестабилизирачко влијание на Иран, се вели во соопштението на САД. Од друга страна, Канада објави оти во разговорот била истакната „потребата од деескалирање на тензиите“, но го спомна предлогот за НАТО.
Помпео разговараше и со шефовите на дипломатиите на Британија, ЕУ, Естонија и на Франција за состојбите во Иран и во Ирак. Помпео разговарал со шефот на дипломатијата на ЕУ за „дестабилизирачката улога на Иран“ на Блискиот Исток, според соопштението на САД за повикот, додека во соопштението од ЕУ за истиот телефонски повик не се споменува Иран.
Од сите горенаведени страни се чини Естонија најмногу го поддржува предлогот на САД. Естонското министерство за надворешни работи соопшти оти Естонија ги поддржува САД и нивното право на самоодбрана според Повелбата на ОН. Естонските власти нагласија оти е „клучно да се спречи Иран да стане нуклеарна сила и да се запре развојот на неговата ракетна програма“, како и дека е „клучна соработката на атлантските сојузници за ова прашање“.
Помпео разговарал и со турскиот колега Мевлут Чавушоглу, при што ја повторил „потребата од НАТО да има поголема улога во регионот“, а ја истакнал и „американската заложба за мировниот процес во Сирија, поддржан од ОН“. Турција ја има втората најголема армија во НАТО и се граничи со Иран, Ирак и со Сирија. Односите на САД со Турција се заострија поради американската поддршка на курдските сили во северна Сирија, кои турската влада ги смета за сојузници на курдското сепаратистичко движење во земјата. Трамп им дозволи на турските сили да ја нападнат Сирија во октомври 2019 година, додека Стејт департментот се залагаше за поблизок однос со исламистичките сили во Сирија поддржани од Турција за да му се спротивстави на иранското влијание. Од соопштението за телефонскиот разговор не е јасно како реагирала Турција на предлозите на Помпео, но други разговори сигнализираат зголемена улога на Турција во американската политика на Блискиот Исток.
Во меѓувреме, Трамп бара од европските земји да се приклучат на кампањата на САД за „максимален притисок“ врз Иран. САД во 2018 година се повлекоа од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година и му наметнаа санкции на Иран. Другите сили-потписнички на договорот досега нагласуваа дека немаат намера да се повлечат од спогодбата, која Техеран навести дека ќе престане да ја почитува ако не се ублажат санкциите. Во меѓувреме, европските земји работеа на механизам ИНСТЕКС, кој би му овозможил на Иран да ги избегне санкциите на САД за „хуманитарна“ трговија. САД годинава најавија нови санкции за да го блокираат механизмот, а Иран одговори со отстранување на сите ограничувања на својата нуклеарна програма.
Помпео во 2018 година објави ултиматум во дванаесет точки за Иран, кој вклучуваше запирање на иранската поддршка за вооружените групи во регионот, како и запирање на иранската програма за балистички ракети. Шефот на НАТО, Столтенберг, деновиве ги повтори истите барања.
– Со години, сите сојузници изразуваат загриженост за дестабилизирачките активности на Иран на Блискиот Исток. Согласни сме дека Иран никогаш не смее да развие нуклеарно оружје, загрижени сме поради ракетните тестови на Иран и обединети сме во осудата на иранската поддршка за разни терористички групи – порача Столтенберг.
Досега се чинеше дека се мали шансите за пропаѓање на договорот со Иран, а и лидерите на другите сили нагласуваа оти не сакаат да се откажат од него.
– Самиот дефектен договор наскоро истекува и му го отвора патот на Иран кон брз нуклеарен развој. Време е Британија, Германија, Франција, Русија и Кина да ја препознаат оваа реалност – порача неодамна Трамп.
Тој предложи шесте светски сили заедно да работат за да постигнат нов договор со Иран, што би го направило светот помирен и побезбеден. Франција, Британија и Германија не се согласија и на 12 јануари ја повторија заложбата за зачувување на договорот. Сепак, европските земји само два дена подоцна активираа механизам за решавање спорови во рамките на иранскиот договор откако Иран ги суспендира сите ограничувања за збогатување ураниум, кој може да се користи за нуклеарни централи, но и за производство на оружје. Прашањето сега е дали нуклеарниот договор може да го издржи овој најнов предизвик и каков ќе биде одговорот на сојузниците во НАТО, но и на Русија, Кина и Иран.