Идеите нема да имаат никакво значење ако ја нема Америка да ги зачува, пишува Сумантра Мајтра за „Нешенел интерест“
Актуелните случувања ги разнишаа темелите на либералниот интернационализам
Меѓународниот институт за стратегиски студии неодамна објави статија со наслов „Погрешна воздржаност: коалицијата на институтот ’Квинси’ наспроти либералниот интернационализам во борба за опстанок“. Авторите Даниел Дедни и Г. Џон Икенбери остро го критикуваат она што тие го нарекуваат огромно „неразбирање на изворите на американскиот успех во 20 век“ од страна на група домашни слободоумници, реалисти во надворешната политика и левичарски антиимперијалисти, кои се обединети под знамето на „воздржаноста“. Оваа група го менува наративот, бидејќи нив ги „прогонува ирачката војна“, а нивната „обединувачка цел е да се избегне нова ирачка војна и да се ограничат американските интервенции“, според Дедни и Икенбери. Тие тврдат дека групата е против проектот на американскиот либерален интернационализам што се манифестира во систем на правила, институции и партнерства што САД ги градеа и предводеа во текот на изминатите 70 години. Најжестоките критики во статијата се фокусираат на реалистите во американската надворешна политика. Авторите тврдат дека по крајот на Студената војна, реализмот изгледаше застарен бидејќи се чинеше дека заврши натпреварот меѓу големите сили, па така „американските реалисти набрзо најдоа нова улога како критичари“ и се противеа на проширувањето на НАТО и хуманитарните мисии, како и градењето држави во Месопотамија, тврдејќи дека американските интереси не се загрозени. Но ова е бизарно тврдење.
Заштита под чадорот на НАТО
Реалистите тврдеа дека ако не се контролира, проширувањето на НАТО ќе предизвика Русија да стане пореваншистичка и ќе стане неодржливо. Неговата одржливост ќе беше доведена во прашање со тоа што сè повеќе мали држави ќе сакаа да ги заштити чадорот на Алијансата од рускиот реваншизам што се покажа како товар. НАТО требаше да биде сојуз на еднакви држави врз основа на заедничка закана, а не клуб за одбрана на мали сателитски држави во далечни региони и ширење на либералните институции. Исто така, аверзијата на реалистите кон општествениот инженеринг и градењето нации од Сомалија до Балканот, Ирак и поголемиот дел од Блискиот Исток, се докажа како точна со текот на времето. Интервенциите и градењето на нациите во Ирак и во Авганистан резултираа со илјади милијарди потрошени долари на американските даночни обврзници и илјадници загубени и осакатени животи. Интервенциите и платеничките војни во Либија и во Сирија го претворија регионот во пазар на робови и центар за трговија со луѓе, што резултира со една од најмасовните миграции во историјата на човештвото што доведе до подем на десничарски тенденции во Европа, кои се засноваа на стравот од неповратни демографски промени и можеби дури и една од причините за брегзит.
Авторите збунувачки тврдат дека целото фијаско околу војната во Ирак било всушност реалистичен проект за зачувување на приматот на Блискиот Исток, што на прв поглед е апсурдно и постојат многу контрадокази. Неоконзервативците како Дик Чејни и Пол Волфовиц не беа поразлични од либералите како Тони Блер и Хилари Клинтон, бидејќи двете страни делеа интернационалистички инстинкт за ширење на демократијата, обликување на општествата со помош на притисок и сила доколку е потребно. Блер своевремено говореше за „нов маршалов план за Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, како и нова рамка за безбедноста на целиот Балкан“ што практично беше продолжение на Клинтоновата теорија за демократски мир. Тоа беше повик за немилосрдна крстоносна војна базирана на вредности, без оглед на историјата или географијата и без поддршка од значителен дел од британското или американското население.
Неуспешен рецепт
Паралелно со оваа анализа, во светот талибанците се на раб да го освојат повторно Авганистан додека се распаѓа Авганистанската национална армија, која беше обучена и вооружувана над 20 години со американски пари, а стотици илјади полнолетни Авганистанци бегаат од големите градови кон европските граници наместо да земат пушки и да се борат. Во Либија, Саиф ал Ислам, синот на Моамер Гадафи, планира да се кандидира за претседател, со тоа што поранешните бунтовници се обединуваат во неговите редови, велејќи дека Либија подобро функционирала како стабилна авторитарна држава. Во Тунис и во Египет војската се врати на власт и ги порази исламистите и Муслиманското братство, а рамнодушноста на Западот само сведочи за истрошениот реализам по ужасите на демократското експериментирање. Во Сирија, претседателот Башар ал Асад цврсто стои на власт додека во Европа се градат ѕидови по границите за да спречат понатамошно масовно доселување од Африка и од Блискиот Исток.
Неуспешната Арапска пролет, враќањето на талибанците во Авганистан, како и подемот и враќањето на реакционерните сили во Централна и во Источна Европа, но и во Русија, оштетија некои главни темели на религијата наречена „либерален интернационализам“. Тоа покажува дека некои региони никогаш нема да станат либерални или демократски во блиска иднина, дека некои феудални земји се производ на специфични културни и историски карактеристики што ги обликуваат, дека културата не може да се промени без колонизирање или едуцирање на генерациите со векови, дека обичните мажи и жени ги бранат традиционалните вредности, дека во некои култури нема борба за женски права и дека во некои региони полнолетните мажи масовно бегаат наместо да се борат за својата земја.
Ова покажува дека времето и историјата се повторуваат, што може да биде тешко за проголтување за оние што се тврдокорно либерални идеолози или растени според теоријата за крајот на историјата во ерата по Студената војна. Либералниот интернационализам постојано не успева затоа што генерално зависи од хегемонската волја и капацитет, а самата хегемонија е нестабилна. Идеите нема да имаат никакво значење ако ја нема Америка да ги зачува. Идеите нема да имаат значење ако владејачкиот хегемон е растргнат и се распаѓа како Британската Империја или Советскиот Сојуз. Инстинктот на реалистот и воздржаниот е да се избегне сценарио во кое би се следеле неуспешните рецепти од последниот четврт век. Токму затоа воздржаноста е во подем.