Додека повеќето земји забрануваат групи што поттикнуваат насилство, сегрегација и војни, во САД има легални нацистички организации, кои се повикуваат на првиот амандман на Уставот и на загарантираната слобода на говор и изразување

Легални нацистички организации во САД

„Здраво, бели браќа и сестри!“ Вака го започнува својот говор Роки Сухајда, претседател на Американската нацистичка партија, со порака до своите следбеници дека животот на другите луѓе, особено Црнците, треба да биде ограничен и нивната репродукција да се сотре. Таа организација нормално постои во САД, земја што им проповеда човековите права на другите држави. Секоја пристојна земја во светот би забранила такви здруженија што јасно го промовираат злото што го зафати светот – нацизмот. Сега тие сакаат негово политичко воскресение.
Партијата отворено пропагира насилство, сегрегација и војни. Но тоа не е забрането. Таа не е единствената. Тие се повикуваат на првиот амандман од американскиот устав (1789), кој им гарантира слобода на говор и изразување. Тој амандман беше ратификуван на 15 декември 1791 година, како и вториот амандман, кој му дава право на секој граѓанин да носи оружје. Тоа не се смени до денес.

И во други земји постои заштита на слободата на печатот и изразувањето, но само додека не ги загрозува животите и слободата на другите.
На пример, во хрватскиот устав се вели: „Загарантирана е слободата на мислење и изразување“. Сепак, потоа се наведува и ова: „Забрането е и казниво секое повикување или поттикнување на војна или употреба на насилство, на национална, расна или верска омраза…“
Сведоци сме, меѓутоа, дека во последните денови, месеци, години и во Хрватска има многу омраза кон другите, се цртаат и пишуваат кукести крстови и усташки поздрави на sидови и фасади, црните играчи се навредуваат на стадионите. Сепак, во Хрватска нема регистрирани нацистички и фашистички организации, ниту пак Уставот им дозволува. Ако која било партија во Хрватска повика на насилство или соборување на поредокот со војна, Уставниот суд би можел да ја забрани. Барање за забрана за работа на политичка партија може да поднесат претседателот на Република Хрватска, хрватскиот парламент, Владата, Врховниот суд итн.

Сепак, она што важи во Хрватска и во земјите на ЕУ не е валидно во Америка, така што нацистичките приврзаници слободно можат да пишуваат манифести, да ги споделуваат наоколу и да повикуваат на крвопролевање и воспоставување ексклузивна бела држава.
Но да се вратиме во Америка. Списокот на организации за „бела надмоќ“ е долг, има десетици поголеми и стотици помали здруженија со десетици илјади членови. Тие исто така имаат свои разграноци во затворите, мавтаат со пиштоли и автоматски пушки на слобода, дури и отворено им се закануваат на гувернерите и на цивилите. И никој не може да им направи ништо. Покрај тоа, тие му се симпатични на американскиот претседател Доналд Трамп.

Некој некаде напиша „Американски рајх“. Мал дел од програмата на Американската нацистичка партија, која отворено ги поканува сите белци да им се придружат:
– Американската нацистичка партија е политичко-образовно здружение. Ние сме посветени на тоа да го донесеме американскиот националсоцијализам, создаден и отелотворен од починатиот командант Џорџ Линколн Роквел. Иако националсоцијализмот опфаќа разновидни прашања во врска со ариевските Американци, вклучувајќи здраво опкружување, благосостојба на децата и слобода на верување без страв од прогон, двете главни начела на националсоцијализмот ја отелотворуваат борбата за ариевскиот расен опстанок и социјалната правда за белата работничка класа луѓе низ нашата земја – се наведува во пораката на Сухајда на веб-страницата на партијата.

Тој своите членови ги нарекува ариевски револуционери, нагласувајќи дека тие се организирани во ќелии.
– Бараме мажи и жени што се подготвени да се жртвуваат за доброто на луѓето – лаже Сухајда, изјавувајќи дека треба да почнат борба за опстанок на белата раса.
Тие споменуваат дека сите „ариевци“ треба да бидат заштитени, притоа мислејќи на сите „чистокрвни“ белци. Иако премисата на ариевците како супериорна раса е целосна глупост, ниту пак има основа во науката. Поточно, ариевската раса воопшто не постои.
Кој е основачот на оваа партија, неонацистот Џорџ Линколн Роквел? Роден е во 1918 година, а умре во 1967 година. Тој е убиен од Џон Патлер, поранешен член на неговата партија. Роквел беше отпуштен од морнарицата на САД во 1959 година поради неговите политички ставови, а потоа ја основа Американската нацистичка партија. Тој го негираше холокаустот. Тој го сметаше Хитлер за „бел спасител на дваесеттиот век“ и Афроамериканците за „примитивна, летаргична раса, која сака само едноставни задоволства.“

Тој исто така поддржуваше префрлање на сите Црнци во нова африканска држава, што би било финансирано од американската влада. Тој беше жесток поддржувач на расната сегрегација – специјални ресторани, училишта, јавни тоалети за белците и специјални за Црнците. Се разбира, ресурсите за белците би биле пораскошни, подобри, а Црнците, Латиноамериканците и други „нечисти“ белци би останале со трошки. 

Таа партија се залага „државата да тргне кон континуиран напредок на ариевската раса преку позитивни мерки втемелени во еугениката, особено со поттикнување на репродукцијата на највисоките расни елементи во ариевската република“. На неколку места, американските бели врховисти и неонацисти ја спомнуваат еугениката како еден од столбовите на општеството. Што е еугеника? Некои научници нејзината примена во нацизмот, како и во главите на американските неонацисти, ја нарекуваат болна и неприродна потрага по совршениот човек.
Тоа е дисциплина што има цел да ги подобри физичките и менталните карактеристики на една личност со внимателно избирање лица за размножување. Основач на научната еугеника беше англискиот натуралист Франсис Галтон (1822-1911), кој го пласираше мислењето дека општеството треба да ја спречи репродукцијата на физички и психички заостанати единки. Нацистите отидоа чекор понапред, па не дозволуваат сексуални односи меѓу белците и црнците, Евреите и „ариевците“, Индијанци и белци итн.

Дел од целите на американските неонацисти вклучуваат обединување на сите „ариевци“ во Северна Америка, американските бели деца да одат во училишта и градинки само со други бели деца, а американските белци да стапуваат во брак само со други белците. Исто така, тие сонуваат за Америка во која ќе се раѓаат само „убави, здрави, бели бебиња“, во која само белците ќе имаат државјанство, додека сите преостанати ќе останат без документи. Тие сакаат да го „запрат ширењето на расно нечистата крв“ итн.
Покрај Американската нацистичка партија, тука е и Американската националсоцијалистичка партија, која исто така го негува наследството на Националсоцијалистичката работничка партија на Германија, предводена од Хитлер.
– Ние сме најголема и најактивна Националсоцијалистичка партија во Америка. Ние сме патриотска партија за секој патриотски бел Американец. Ние работиме со многу истомисленици. Ние ги браниме правата на белите луѓе. Основани сме во 1974 година под харизматичниот лидер Џеф Шоп. Отворени сме за хетеросексуалци, бели луѓе со европско потекло. Партијата е основана за луѓе што имаат ист јазик, наследство, култура, обичаи и крв – велат од оваа организација.

Постојат десетици други слични организации, кои, како што покажуваат извештаите на медиуми и невладини организации, цветаат и прифаќаат илјадници нови членови.
Сево ова, заедно со нестабилниот Доналд Трамп, е голема закана за САД, но и за остатокот од светот, кој продолжува да ги копира и добрите и лошите од најмоќната сила во светот. За жал, лошото е многу распространето во моментот.


Националсоцијализам наспроти социјализам

Треба да се спомене дека националсоцијализмот нема никаква врска со современиот демократски социјализам, промовиран од, на пример, Берни Сандерс, и особено не со социјалдемократијата, која не го отфрла целосно капитализмот, но смета дека во рамките на пазарната економија мора да има ограничувања, односно државни интервенции за да се обезбеди благосостојбата на сиромашните и здравјето и образованието треба да бидат достапни и бесплатни за сите.

Исто така, социјалдемократијата гарантира почитување на човековите права на сите лица, без оглед на полот, бојата на кожата, сексуалната ориентација, додека американскиот националсоцијализам е чиста спротивност и верна копија на Националсоцијалистичка германска работничка партија на Хитлер, која се залага за уништување на демократијата и е идеологија за чиста раса.

Некои социјалистички аспекти на општеството во националсоцијализмот, како што се здравственото осигурување и образованието на поединецот, се предвидени само за избрани членови на „ариевците“. Другите членови на општеството со „нечиста крв“ се екскомуницирани, па националсоцијализмот нема никаква врска со социјализмот.


Терористички групи со илјадници членови

Во САД има повеќе различни партии и организации, кои ја популаризираат американската бела надмоќ. Некои од нив имаат повеќе од 20.000 члена, а некои од нив се означени од ФБИ како терористички организации. Некои од нив сè уште се активни, додека други се смета дека се во хибернација или имаат распуштени разграноци. Дел од овие национални организации се: Американски фронт, Американска нацистичка партија, Ариевско братство (затворска банда), Ариевски нации, Национална алијанса, Националсоцијалистичка партија на Америка, Нов поредок, Патриотски фронт, Бел ариевски отпор, Партија на белите патриоти и други.