На глобалниот пазар за заштитни материјали од коронавирусот владее законот на џунглата, при што побогатите земји ги голтаат посиромашните во ловот за маски, респиратори и друга опрема
Кардиологот Фабио Вилас-Боaс е стабилен човек, кој ретко ја губи својата смиреност. По пет години како министер за здравство на сиромашната сојузна држава Баија во Бразил, тој знае што значи да се соочиш со недостиг од ресурси. Но лекарот го загуби трпението кога неодамна доби порака од логистичка компанија што требаше да му достави 600 респиратори „њупорт ХТ70 плус“. Вилас-Боас доби наредба во март да го пополни јазот во снабдувањето со производител на респиратори од Кина. Уредите стигнаа до Мајами, од каде што требаше да бидат транспортирани за Бразил. Но тоа не се случи.
– За жал, повеќе не смееме да ги извезуваме вашите уреди. Во согласност со Законот за одбрана на производството, добивме наредба да ѝ ја продадеме вашата нарачка на американската влада – се вели во пораката до министерот.
Само неколку дена претходно, американскиот претседател Доналд Трамп почна да го спроведува стариот закон од време на војни, кој му дозволува да интервенира во производствените синџири во интерес на националната безбедност и, меѓу другото, да забрани извоз на стоки поврзани со кризата. Тоа значеше дека Вилас-Боас ги загуби респираторите во моментот кога тие стигнаа на американска територија. Слични искуства пријавија и Франција и Канада.
Додека вирусот беснее во целиот свет, недостигот од заштитни маски, вентилатори, реагенси, клинички термометри и друга медицинска опрема е голем, па затоа се води вистинска битка за критичните ресурси. Ова доведе до појава на нестабилен пазар, на кој многу од нормалните правила не важат и се заменети со законот на џунглата. Затоа, Светската трговска организација (СТО) сметаше дека е неопходно да ја потсети меѓународната заедница дека треба да се однесува на „слободен, фер и недискриминаторски“ начин.
Лани беа продадени медицински производи во вредност од 600 милијарди долари. Според СТО, десетте земји во светот со најсилна куповна моќ склучиле три четвртини од зделките. Иако нема актуелни бројки, се проценува дека сумата е драматично зголемена уште во првите три месеци од годинава.
„Јади или ќе бидеш изеден“ е мотото на корона-капитализмот во 2020 година. САД не се единствените што воведоа забрани за извоз на медицински производи. Шеесет други земји исто така имаат ограничен извоз. Многу влади вршеа притисок врз производителите на автомобили или оружје да произведуваат медицинска опрема, но фабриките не можат да одговорат на побарувачката. За да ја задоволат потребата, тие треба да купат производи во Кина, која досега е најголем производител на глобално достапни производи.
– Ова е тежок и комплексен пазар – вели Вилас-Боас, министерот од Бразил.
Тој го прошири одделот за набавки и сега има 60 вработени, кои мора да се натпреваруваат со професионалните купувачи на американската влада, како и со гувернерите, градоначалниците, амбасадите и болниците низ светот.
Тој вели дека респираторите пред кризата чинеа околу 7.000 долари, а потоа цената се зголеми на 18.000, а веројатно може да достигне и 100.000 долари, кога вирусот ќе стигне до богатите земји како Саудиска Арабија. Слично, маските што се продаваа за ситни пари, сега достигнуваат до осум долари за парче. Но најголем проблем, според министерот, е што сите бараат да се плати однапред, инаку нема шанси да се добие опремата, а тука богатите земји се многу помоќни.
Уште еден проблем се и измамниците. Тие предизвикуваат проблеми за владините агенции, особено кога треба да се справат со снабдувачи што не ги познаваат и немаат време да ги проценат. Веќе има разни приказни за очајни градоначалници што потпишале договори со фирми за огромни количества заштитни маски, а потоа откриле дека тие се супстандардни.
Вилас-Боас, министерот од Бразил, чека нови респиратори од Кина, кои треба да пристигнат преку Аргентина, наместо преку САД. Во еден момент, тој ќе треба да плати милиони долари за испораката и таа ќе остави нова дупка во буџетот. Според него, луѓето ќе мора да разговараат за тоа дека опремата што одлучува меѓу живот и смрт се произведува во една земја. Но сега не е време за тоа, вели тој, објаснувајќи им на луѓето на Твитер како сами да си направат маски.