На САД им е потребно да формираат нов тим од соништата за развој на иновациите, вели Дерек Томпсон од „Атлантик“
На повидок нова ера на оптимизам во науката и технологијата
Кога изби Втората светска војна и Париз падна под германска контрола, една мала група на научници веднаш го извести тогашниот американски претседател Франклин Д. Рузвелт дека американската воена технологија воопшто не била подготвена да одговори на силите на Оската. Тие побараа од претседателот да формира нова агенција на инженери и научници, односно тим од соништата што ќе помогне да се извојува победа во војната. Така, Рузвелт ја формира Агенцијата за научно истражување и развој (ОСРД), која беше предводена од Венивар Буш, поранешниот декан на МИТ, беа вработени над 1.500 лица и се работеше на илјадници проекти низ државата. До крајот на војната беа развиени разни воени пронајдоци, а една од програмите прерасна во проектот „Менхетн“ и првата атомска бомба.
„Фајзер“ клучен играч во минатото и сега
Меѓутоа, ОСРД не постигна само воен напредок туку и го поддржа првото масовно производство на пеницилин, склучувајќи договор со фармацевтската куќа „Фајзер“ за производство на клучни антибиотици. Агенцијата инвестира во третмани за маларија и меѓу првите разви вакцина против грип. Потоа беа направени инвестиции во микробранови комуникации и беа поставени темелите на првите компјутери. Денес ретко кој знае за ОСРД, која беше расформирана во 1947 година, но таа има трага речиси во сите важни постигнувања на 20 век.
Ковид-19 беше нов светски предизвик за кој САД беа крајно неподготвени. Овој пат, првичниот одговор на државата беше задоцнет, но кога САД конечно ја насочија својата научна заедница кон јасниот проблем, се случи развојот на вакцината против ковид-19 и Американците постигнаа неверојатен успех со уште поневеројатна брзина. Повторно американската влада склучи договори со домашни компании, меѓу кои и „Фајзер“. Со тоа што веќе полека се гледа крајот на оваа светска криза, некои коментатори прогнозираат нова ера на оптимизам во науката и технологијата.
Различен одговор
За да се разбере како САД ја претворија кризата во златна ера на науката и постигнувањата, може да се разгледаат справувањата со Втората светска војна и пандемијата. За време на војната, приоритетите на ОСРД потекнуваа директно од воените лидери, а агенцијата директно склучуваше договори со универзитетите и компаниите додека за напредокот директно ја известуваше Белата куќа. Агенцијата ги развиваше новите идеи прво во лабораторијата, потоа во фабриките, а на крајот завршуваа на бојното поле. Од друга страна, американската стратегија за пандемијата беше речиси непостојна и нејасна. Операцијата „Ворп брзина“ веројатно беше најблиска паралела и го забрза развојот на неколку вакцини, но покрај тоа, американската влада постави малку приоритети за третман и истражување на ковид-19. Таа никогаш не ги откри клучните прашања на кои истражувачите бараа одговор, а исто така вложи мали напори во организирање на истражувачката дејност. Главен исклучок беше трагично неспособниот ЦДЦ, чии препораки често беа погрешни и задоцнети. Генерално, американскиот одговор на пандемијата беше спротивен на тој на ОСРД, а на државата ѝ недостигаше токму агенција од таков тип за да одреди кои технологии треба да бидат испратени во првите борбени линии во болниците.
Разликата во тогашниот и сегашниот одговор на кризата лежи во фокусот. За време на Втората светска војна, во американската влада постоеше консензус дека нацистите постојат, дека се реална закана и дека Американците треба да му веруваат на военото лидерство, што резултира со јасна комуникација меѓу војската, ОСРД и Белата куќа. Во текот на пандемијата не постоеше таков консензус, како и комуникацијата во Владата. Напротив, најважните постигнувања потекнаа од најниските редови во хиерархијата. Илјадници научници тврдеа дека ја научија природата на вирусот, стотици болници постепено научија како да ги третираат тешко болните, хаотичен тим го изгради проектот за следење на контактите на заразените, а програмата за брзи грантови го забрза финансирањето на занемарените проекти.
Што може да се научи од ОСРД?
Иронично е што хаотичната природа на денешната американска иновација е директно наследство од ОСРД и нејзиниот импресарио Венивар Буш, чија теза ја насочи Владата да го прошири финансирањето на науката, а преостанатиот дел му го препушти на приватниот сектор. Визијата на Буш е нашата реалност во 21 век. По војната, федералната поддршка за науката драстично се зголеми, а водечките универзитети се пренасочија кон истражувачка дејност. Елементите на ОСРД и денес се присутни во многу институции, а националните институти за здравство се светски лидери во финансирање токму на научни истражувања, што повторно е дел од стратегијата на Буш. Меѓутоа, фокусот е меч со две сечила, бидејќи нема поента да се има јасни приоритети ако тие се лоши.
Од ОСРД може да извлечеме важни лекции за тоа како да ја започнеме златната ера на напредокот. Агенцијата беше единствена во нејзината поддршка за нови технологии низ целиот нивен животен процес. Во изминатите неколку децении, драстично се зголеми финансирањето во науките, но во многу случаи токму тоа истражување никогаш не влезе во следната фаза, како што се случи со развојот на соларната енергија кога Јапонија ги надмина САД. Друга важна лекција е што новите идеи може да родат голем плод ако повеќе се вложи во фазата на нивно развивање.