Одлуките и грешките донесени пред неколку месеци доведоа до големи разлики во тестирањето во светот. Се чини дека науката беше најлесниот дел
Научниците низ светот чекаа пред своите компјутери на почетокот на јануари. Кина да го соопшти генетичкиот код на коронавирусот што претставува план за создавање тестови и вакцини. Само за неколку дена, лабораториите од Хонгконг до Берлин почнаа со тестови и ги споделија своите истражувања со преостанатите. За околу две недели Австралија спроведе свои тестови, а дури можеа да се тестираат и граѓани во најдалечните региони во земјата. Лабораториите во Сингапур и во Јужна Кореја го зголемија производството на комплети за тестови и нарачаа дополнителни резерви. Ваквото брзо дејствување им овозможи да тестираат стотици илјади луѓе, да ги изолираат болните и досега барем да го ограничат ширењето на болеста. Од друга страна, вознемирените граѓани во САД и во многу делови од Западна Европа беа сведоци на долги и сложени одложувања или беа одбиени да се тестираат. Бидејќи пандемијата на коронавирусот ги затвори светските метрополи и ги парализира економиите, политичките лидери брзаат да го направат тестирањето подостапно за граѓаните.
Но експертите велат дека пред повеќе од еден месец помина решавачкиот момент, кога агресивното тестирање ќе им овозможеше на властите да бидат неколку чекори пред ширењето на болеста. Ова не беше прашање на науката. Истражувачите велат дека вирусните тестови релативно лесно се развиваат. Наместо тоа, научниците велат дека длабоките разлики во достапноста на тестовите ја дадоа реалноста во политиката, стратегиите за јавно здравје, а во некои случаи и на грешките. Светот можеби плаќа сега токму за тие погрешни чекори. Тестирањето е клучно за напорите во борбата против ширењето на вирусот. Земјите што спроведуваат широки тестирања можат да ги изолираат заразените и да спречат или да забават нови инфекции. Без рано и масовно тестирање, здравствените работници и креаторите на политиките ќе немаат никаква јасна слика, велат епидемиолозите.
– Не можете да се борите на слепо. Не можеме да ја спречиме оваа пандемија ако не знаеме кој е заразен – изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус.
Но тестирањето покажа недоследности во различниот одговор на епидемијата низ светот. Некои земји, како Франција, немаа стратегија што се темели на тестирање за да се открие каде се шири вирусот. Тестирањето во Италија се најде во средина на политичките расправии. Велика Британија разви тестови, но одлучи да не ги користи масовно, како што тоа го сторија Сингапур и Јужна Кореја. Другите земји беа неподготвени поради недостигот од реагенси.
Кога се појави вирусот во САД кон крајот на јануари, претседателот Трамп и неговата администрација со недели ги минимизираа шансите за епидемија. Центрите за контрола на болести (ЦДЦ) се одлучија да развијат сопствен тест наместо да се потпираат на приватни лаборатории или на СЗО.
Епидемијата брзо ги надмина предвидувањата на Трамп, а комплетите за тестирање на ЦДЦ не беа ефикасни, поради што САД заостанаа далеку зад другите делови на светот, како технички, така и политички.
Во истиот период, Сингапур воведе здравствени прегледи на аеродромите, издаваше упатства за работа од дома и претставуваше планови за набљудување на патниците што се враќаа од странство. Независните лаборатории во Кореја масовно спроведуваа тестови.
– Тие веќе беа подготвени и веднаш почнаа со протоколите – порача д-р Џером Ким од Меѓународниот институт за вакцини во Сеул.
Денес, епицентарот на епидемијата е Европа, а експертите велат дека бранот само што почнува да ги погодува САД. Соочени со поголем број случаи и ограничени комплети за тестирање, многу земји ги зајакнаа ограничувањата за тоа кој може да се тестира. Во Германија, каде што беше развиен првиот одобрен тест, лекарите можат да побараат само еден. Во Франција и во Белгија се тестираат само тешко болните пациенти. Во Велика Британија, како и во многу други земји, вирусот се шири многу брзо, што веќе не е можно да се тестираат сите луѓе и да се испита кого може да заразиле, смета Дејвид Мекој, професор по јавно здравје на универзитетот „Квин Мери“ во Лондон. Таму починаа речиси 100 лица од вирусот.
– Тестирањето сè уште може за да им помогне на научниците да ја откријат епидемиологијата на болеста. Сега речиси немаме шанси да ја ограничиме епидемијата – изјави Мекој.
Ова може да биде проблем
Од почетокот некои земји покажаа поголема итност од другите и беа поагилни при нивниот одговор. Австралија, Кореја и Сингапур ги ставија во функција мрежите на јавните и приватните лаборатории за да развијат тестови. На 4 февруари, јужнокорејската влада брзо даде согласност за тестовите за коронавирусот на една компанија и започнаа со испорака на комплети. Втора компанија доби одобрување една недела подоцна. Следуваа уште две. Австралиските лаборатории во почетокот на јануари веќе го имаа дизајнирано генеричкиот тест, а потоа го подобрија по добивањето на геномот.
– Рано воочивме дека ќе наидеме на случаи и дека ова може да стане проблем – вели д-р Џен Кок, владин виролог од Нов Јужен Велс, Австралија, регион во кој досега беа тестирани над 33.000 лица.
САД и Велика Британија се залагаа за централизиран пристап. Велика Британија првично определи една лабораторија во северен Лондон да ги извршува тестовите, но еден месец подоцна почна да им дозволува и на другите лаборатории да го прават тоа. ЦДЦ мораше да ја промени насоката на дејствување. Откако нивниот домашен тест се покажа како неисправен, сето тоа ја чинеше земјата драгоцено време. По ова, администрацијата на Трамп мораше да ја промени тактиката, повикувајќи ги надворешните лаборатории и производители да помогнат, за да се стават на располагање милион тестови.
Оние лаборатории што реагираа брзо, добија на предност. Набавија дополнителни производи за тестирање, познати како реагенси, кои извлекуваат вирусната РНК од примероците земени од брисеви од нос или грло. Токму сега недостигаат вакви реагенси.
– Ние вака работиме тука. Секогаш се обидуваме да планираме однапред – вели д-р Дејвид Спирс, врвниот микробиолог во медицинската лабораторија во Пет Вест, владина лабораторија во западна Австралија.
Техничката брзина и лабораториската организација, сепак, не објаснуваат сè. Достапноста на тестирањето, барем во некои земји, исто така ја одразува владината политика. Кога Австралија го идентификува својот прв пациент од коронавирус кон крајот на јануари, политичарите ставија јасно до знаење дека тестирањето ќе биде распространето.
– Ние ги тестираме луѓето. Ги повикуваме да излезат на тестирање и покрај фатот што веќе имаме голема бројка на лица што го прават тоа – изјави д-р Кери Чент, највисок претставник на јавното здравство во Нов Јужен Велс, на 30 јануари.
Дури и пред да започне ширење на вирусот, премиерот во Сингапур, Ли Хсиен Лунг, ја потсети јавноста на епидемијата на САРС од 2003 година и изјави дека планира агресивни мерки против коронавирусот.
– Ги подобривме нашите институции, планови, капацитети, резерви, народот и обуките, бидејќи знаевме дека еден ден вакво нешто може да ни се случи повторно – порача тој на 31 јануари.
Јужна Кореја отвори речиси 600 клиники за тестирање, вклучувајќи и десетици подвижни станици за тестирање. Тестирани беа повеќе од 250.000 луѓе, многу повеќе од која било друга земја што ги објавила податоците. Земјата во голема мера го држеше под контрола избувнување на вирусот во југоисточниот град Даегу. Повеќето случаи беа поврзани со областа околу црквата „Шинчеонџи“.
– Пристапот на Кореја беше да се тестираат сите. Секој што има потреба од тест, треба да се тестира – рече д-р Ким.
САД, заедно со државите во Западна Европа, избраа различна стратегија. Додека Сингапур предупредуваше дека инфекциите сигурно ќе се зголемат, Трамп предвидуваше дека сето тоа ќе исчезне за неколку недели.
Неточни претпоставки
Тестирањето може да биде политичко прашање исто толку како и научно. Италија, местото на најголемото епидемија на вирусот надвор од Кина, е одличен пример. На почетокот регионалните власти на северот од земјата тестираа и се обидуваа да ги следат контактите со болните луѓе. Но Владата во Рим се спротивстави, велејќи дека нема потреба да се тестираат луѓе што не покажуваат симптоми.
– Некој рече дека тестираме премногу луѓе и затоа имаме толку голем број. Тоа е не точно – изјави Џовани Реца, директор на Одделот за заразни болести во италијанскиот национален институт за здравство.
Британија беше една од првите земји што развија дијагностички комплети за коронавирусот, но донесе одлука да не тестира нашироко. Владината стратегија првично се фокусира на забавување на заразата, наместо на нејзино запирање. Сепак, властите сериозно го потценија потенцијалниот опсег на епидемијата, според студијата објавена неодамна. Владата на премиерот Борис Џонсон неодамна ја промени својата стратегија и одлучи сепак да го прошири тестирањето. Џонсон пред парламентот минатата среда изјави дека неговата влада ќе има можност да спроведува околу 25.000 теста на ден.
Нова реалност за тестирањето
Карантинот и изолацијата денес се реалност за десетици милиони луѓе. Италија е парализирана. Европа ги затвори своите граници. Францускиот претседател Емануел Макрон им порача на своите граѓани да останат дома 15 дена и ѝ нареди на армијата да ги пренесе болните до болниците. Трамп порача да нема масовни собири. Без третман за болеста, многу земји им кажуваат на болните луѓе да останат дома, освен ако не развијат посериозни симптоми. Болниците не можат да си дозволат да бидат преполни со нервозни луѓе што бараат тестови. Но пациентите што се во самоизолација веројатно нема да бидат тестирани и затоа е тешко да се знае вистинскиот размер на болеста. Како што се шири болеста, се намалува практичноста на тестирањето, како и неговата вредност.
– Тестирањето на контактите ќе биде целосно надвор од контрола – порача Манфред Грин, епидемиолог од Универзитетот во Хаифа во Израел.
Австралиските власти велат дека и тие се загрижени за трошењето на тестовите кај оние што се само загрижени. Тие неодамна ги приспособија протоколите за тестирање, но и натаму остануваат масовни. Секој што неодамна бил надвор од земјата и ако има треска, најверојатно ќе биде тестиран.
– Сè уште сме во фазата на контролирање и спроведуваме масовни тестови – порача д-р Кок.