Иако кралицата ужива голема популарност, сепак низата скандали го нарушија угледот на остатокот од кралското семејство, вели Ана Ајзак за „Политико“
Автомеханичарка, презентерка, колекционерка на поштенски марки, модна икона и владетелка што најдолго се задржала на власт во целата британска историја се само дел од титулите во уникатното и единствено резиме на кралицата Елизабета Втора. Но дури и еден ваков маркантен живот еден ден мора да згасне, како што смртта на нејзиниот сопруг принцот Филип го потсети светот минатата недела. Кралицата наполни 95 години изминатава недела на 21 април, а транзицијата на власта веќе станува актуелна тема во кралското семејство и во унијата со која таа управува.
Британската монархија како институција и натаму има широка поддршка, според анкетите од октомври лани. Но поради притисокот внатре во Кралството од шкотскиот сепаратизам и афтершоковите од брегзит, се поставува прашањето дали идниот монарх ќе може да го даде истото стабилно влијание како раката што го држи кралскиот жезол повеќе од половина век. Еден настан што сигнализира за можни предизвици во иднина беше како кралицата се справи со барањата на премиерот Борис Џонсон во 2019 година, кога таа го суспендира парламентот во екот на дебатата за брегзит што Џон Беркоу, спикерот на Долниот дом, го нарече „уставен скандал“. Чувањето на британското единство, како и она во Комонвелтот, претставувајќи се како аполитички гарант на британскиот политички систем е само по себе многу тежок чин.
Извалканиот углед на круната
Многу е деликатно планирањето нечија смрт, особено на таква што може да ја дестабилизира нацијата. Токму затоа има различни шифри за секој член од семејството во случај на смрт. Шифрата за смртта на кралицата се вика операција „Лондонски мост“, но дури и највнимателните планери немаат контрола врз тоа кој ќе ја наследи. По нејзината смрт, принцот Чарлс веднаш ќе стане крал, ќе ги наследи титулите, имотот и ќе стане главата на кралското семејство, кое повторно го очекува турбулентен период. „Фирмата“, како што понекогаш се нарекува кралската институција што функционира внатре во палатата, не остана имуна на контроверзиите во таблоидите. Токму скорешното интервју на Опра Винфри со принцот Хари и неговата сопруга Меган во центарот на вниманието ги стави наводните тврдења за расизам во рамките на кралското семејство. Во меѓувреме, помладиот брат на Чарлс, принцот Ендрју постојано низ годините покажуваше дека да се биде дел од кралското семејство не секогаш значи да се однесуваш кралски. Нему му беа одземени јавните должности откако беше поврзан во скандалот со Џефри Епстајн. Поранешни членови од персоналот на Ендрју за „Политико“ изјавија дека британски и американски дипломати морале да бараат совет за протокол од палатата во однос на неговата поврзаност во истрагата на американските власти во случајот на Епстајн. Да не се заборави ниту серијата „Круна“ на „Нетфликс“ и прашината што се крена со последната сезона со портретирањето на бракот на Чарлс и Дијана.
Политика на палатата
Се чини дека дипломатските вештини на кралицата најмногу ќе недостигаат во палатата каде што најуспешно се справуваше со поделбите. Фирмата е сочинета од три кралски домаќинства: Бакингемската палата на кралицата, домот во Кларенс на Чарлс и Кенсингтонската палата на Вилијам и Кејт. Секој управува со своите медиумски операции и има свој персонал, лојални поранешни дипломати и владини службеници, од кои повеќето најголем дел од својата кариера работеле кај ист кралски член, практика што го поттикнува менталитетот на бункер. Но, сепак, постои несогласување меѓу палатите за транзицијата на моќ, со тоа што Кларенс и Бакингемската палата претпочитаат традиционален пристап, а Кенсингтонската палата се залага за една посовремена монархија, со тоа што Вилијам би добил поистакната улога.
Поделба на тронот
Загриженоста за транзицијата дури и ја поттикна дебатата за еден вид „меко регентство“, според кое, идниот крал Чарлс би му препуштил дел од обврските на Вилијам, чие младо семејство и одлични односи со медиумите би дале придонес за популарноста додека сè уште се почитуваат правилата за наследство во династијата. Една анкета лани во октомври покажа дека Британците имаат поделено мислење дали Чарлс или Вилијам треба да ја наследи круната од Елизабета, но сепак 65 отсто изразиле поддршка за синот, а само 10 отсто за таткото. Доколку се поделат кралските улоги, Чарлс како шеф на државата би имал ограничена улога и би ги одржувал неделните средби со премиерот, амбасадорските приеми и би бил подалеку од окото на јавноста. Од друга страна, Вилијам би бил де факто шеф на државата, со тоа што би ги презел официјалните кралски должности, странските турнеи, добротворните организации, свеченото отворање на градежни проекти и настани. Внатрешни извори од палатата за „Политико“ изјавија дека веќе се дискутирало за ваков начин на владеење, иако постоеле поделени мислења за надлежностите.