Кина доминира во секој аспект од партнерството помеѓу двете земји. Нејзината економија е шест пати поголема, а моќта сѐ повеќе ѝ расте, додека, пак, на Русија ѝ се намалува. Она што на почетокот изгледаше како брилијантен начин за Путин да му го сврти грбот на Западот и да го зголеми руското влијание, сега изгледа како замка што неговата земја тешко ќе ја избегне. Далеку од тоа да биде еднаков партнер, Русија еволуира во кинески сателит
Тоа е вистински љубовен триаголник на глобалната политика. По Втората светска војна, Кина, Русија и САД постојано ги менуваа партнерите. Колапсот на кинеско-советскиот пакт по смртта на Јозеф Сталин беше проследен со посета на Ричард Никсон на Пекинг во 1972 година и детантот на Михаил Горбачов со Кина пред 30 години. Денешното спарување, помеѓу Владимир Путин и Си Џинпинг, беше цементирано во 2014 година, откако Русија изврши анексија на Крим. Во секој случај, земјата што беше оставена сама и отсекогаш изгледаше дека ја плаќа цената, растегната воено и дипломатски.
Овој пат е поинаку. Иако Америка е сама настрана, цената главно ја плаќа Русија. Кина доминира во секој аспект од партнерството помеѓу двете земји. Нејзината економија е шест пати поголема, а моќта сѐ повеќе ѝ расте, додека, пак, на Русија ѝ се намалува. Она што на почетокот изгледаше како брилијантен начин за Путин да му го сврти грбот на Западот и да го зголеми руското влијание, сега изгледа како замка што неговата земја тешко ќе ја избегне. Далеку од тоа да биде еднаков партнер, Русија еволуира во кинески сателит.
Ова можеби изгледа како строга процена. Сепак, Русија и понатаму е држава со нуклеарно оружје и со постојано место во Советот за безбедност на ОН. Таа ги модернизира своите вооружени сили и, како што беше случајот во Сирија, не се плаши да ги употреби. Неодамна, руски и кинески воени авиони првпат патролираа заеднички, предизвикувајќи тревога кога Јужна Кореја соопшти дека руски авион навлегол во нејзиниот воздушен простор.
Но, вистинската вест е тоа колку бргу Русија станува зависна од нејзиниот голем сосед. Кина е витален пазар за руските сурови материјали: „Росњефт“, руската државна нафтена компанија, зависи од кинеското финансирање и сѐ повеќе ја насочува својата нафта кон Кина. И додека Русија се обидува да ја избегне хегемонијата на доларот, јуанот станува поголем дел од нејзините девизни резерви. Покрај тоа, Кина ја снабдува Русија со виталните компоненти за нејзините напредни вооружени системи. Кина исто така е извор на мрежната и безбедносната опрема што му е потребна на Путин за да го контролира својот народ. Минатиот месец, Русија постигна договор со кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеи“ за развивање опрема за 5Г-мрежата.
Сето ова многу ѝ одговара на Кина. Таа сака долготрајно пријателство со Русија, меѓу другото и да ја обезбедени својата северна граница, која беше сцена на судири во 1969 година и причина за загриженост во 1990-тите, кога Москва изгледаше дека може да премине во орбитата на Западот. Русија исто така служи и како ентузијастичка претходница во кинеската кампања за уривање на западните идеи за универзални човекови права и демократија, кои и двете земји ги сметаат како поттикнувач на „обоените револуции“.
Путин може да посочи на неколку аргументи за неговото партнерство со Кина, покрај нивното заедничко непријателство кон либералниот проект. Едниот е нужноста. Западните санкции, воведени по неговата анексија на Крим, мешањето во американските избори во 2016 година и употребата на нервен отров во Британија две години подоцна, ја оставија Русија без многу алтернативи. Си исто така ѝ даде покритие на Русија за нејзината воена акција во Сирија и, до некој степен, на Крим. И, спротивно на 17 век, кога Петар Велики гледаше кон Европа како извор на напредокот, Путин сега може да тврди дека иднината ѝ припаѓа на Кина и нејзиниот систем на државен капитализам.
Како и да е, Путин греши. За почеток, руската верзија на државен капитализам е еднаква на државен грабеж од кликата насобрана околу рускиот претседател, што е една од причините зошто кинеските инвестиции во Русија се релативно ограничени. Исто така, постои и контрадикција помеѓу тврдењата на Путин дека ја обновува големината на Русија и сѐ поочигледната реалност на нејзината подредена улога кон Кина. Тоа создава тензии во Централна Азија. Поради тоа што стабилноста во регионот е важна за кинеската домашна безбедност – Пекинг сака Централна Азија да биде браник пред исламистичкиот екстремизам – кинеската армија распоредува сили во Таџикистан и организира воени маневри таму, без притоа да се консултира со Русија. Исто така, до некое ниво, целите на Русија и Кина се разликуваат. Постои ограничување за тоа колку обичните Руси ќе заборават на западните слободи. Доколку режимот ја држи власта со кинеската технологија, тогаш ќе го зголеми и насочи народниот гнев кон Кина и нејзините руски клиенти.
Кој може да предвиди кога ќе се појават првите пукнатини во врската? Замислете Путин да одлучи да се повлече од власта во 2024 година, како што предвидува рускиот устав, и неговиот наследник се обиде да ја обележи промената со дистанцирање на Русија од Кина и свртување кон Европа. Само тогаш ќе стане јасно колку длабоко навлегло кинеското влијание и колку притисок може да изврши за да го задржи влијанието. Наредниот руски претседател може да открие дека неговата земја го загубила својот простор за маневар.
Дали тоа значи дека преостанатиот дел од светот – особено Западот – треба да се обиде да ја извлече Русија од кинеската прегратка пред да биде предоцна? Оваа идеја ќе ги доведе во искушение оние дипломати и аналитичари што сметаат дека Русија е премногу важна за да биде отуѓена. Но тоа изгледа малку веројатно. Америка не страда од приближувањето помеѓу Си и Путин, како што би страдала во периодот на Студената војна.
Уште повеќе, кинеското влијание на Русија има компензации. Гневна суперсила во опаѓање, како што е Русија, е опасна, може да се почувствува предизвикана да ја прикаже својата сила, преку малтретирање на Белорусија или, пак, преку разгорување на старите стравувања за кинеска експанзија во Сибир. Но Кина нема апетит за меѓународни кризи, освен ако не се предизвикани од самата неа. Како руски партнер, Кина може да служи како извор за осигурување по должината на нивната заедничка граница и како ублажувач на руските испади низ светот.
Наместо да се екипира против Русија, Западот треба да укаже на нејзината подреденост и да чека. Порано или подоцна, претседателот Алексеј Навални или некој како него повторно ќе гледа кон Западот. Токму тогаш на Русија најмногу ќе ѝ биде потребна западната помош.