Активистите бараат зголемувањето на пешачките зони и на велосипедските патеки да биде трајно, односно да остане и по завршувањето на пандемијата
Градоначалникот на Атина изјави дека ќе го „ослободи“ јавниот простор од автомобилите. Неговата колешка во Париз исто така истакна дека нема да стане збор дали сообраќајот и загадувањето во градот ќе се вратат како во времето пред коронавирусот. Во Берлин, пак, речиси 22-километарска нова велосипедска патека се појави речиси прекуноќ. Низ целиот свет, од Даблин до Сиднеј, метрополите радикално се менуваат во корист на велосипедистите и пешаците, бидејќи празните улици им дадоа можност на властите да спроведат големи проекти во таа насока.
Велосипедистите и активистите за животна средина ги повикуваат владите да обезбедат долгорочно заживување на животната средина, а тоа да продолжи да трае и по пандемијата, плашејќи се притоа од враќањето на лобистите за автомобилите.
Грчката престолнина планира да спроведе еден од најамбициозните проекти за подмладување на градот, проект што всушност се забрза со пандемијата, тврди градоначалникот Костас Бакојани. Тој ги објави плановите со кои ќе се одвојат речиси 50.000 квадратни метри јавен простор што ќе се пренаменат за велосипедисти и за пешаци.
Со планот се предвидува мрежа што ќе содржи четири километри „голема пешачка зона“, која ќе ги обединува сите археолошки локалитети во историскиот центар. Тротоарите ќе бидат проширени, булеварите пренаменети во пешачки зони, а дополнително ќе се зголемат плоштадите и ќе се забрани сообраќај во областите под Акропол.
Бакојани, кој стана најмладиот градоначалник на Атина минатата година, отворено признава дека пандемијата играла улога во забрзувањето на инфраструктурните работи во градот, чие остварување можело да потрае со години.
– Ја имаме оваа можност еднаш во живот и ги забрзуваме сите наши градски работи.
Целта е да се ослободи јавниот простор од автомобилите и да им се овозможи на луѓето што сакаат да одат и да уживаат во градот. Атина ќе биде почиста, зелена и подобро осветлена – рече тој.
Во Будимпешта, во текот на изминатиот месец, на некои од најпрометните предели во градот беа воведени 19 километри привремени ленти за велосипеди.
Градоначалникот Гергели Карксони, кој беше избран минатата година врз основа на зелена платформа, имаше мал проблем да ги воведе лентите, откако многу луѓе изразија незадоволство како изгледаат тие во главниот град во кој имаше одлично спакуван јавен превоз за време на пандемијата.
Кабинетот на градоначалникот соопшти дека го следи нивото на сообраќај и дека некои од привремените ленти може да останат откако животот ќе се врати во нормала. Оттаму соопштија дека се планира јавна дебата за тоа каде и како во иднина ќе се воведуваат повеќе велосипедски патеки.
Околу 30 километри привремени патеки за велосипеди исто така се поставени низ Париз, што беше премногу за лобистите на автомобили, кои дури протестираа пред градското собрание, велејќи дека се потценети нивните права. Главните патишта меѓу истокот и западот постепено се затнуваа со приватни возила и таму сега има предлози за дополнителни 40 километри велосипедски патеки во градот.
На многу парижани им се нудат по 50 евра за да ги поправат своите стари велосипеди, како дел од субвенциите на францускиот главен град во висина од над 30 милиони евра, за да се охрабри употребата на велосипеди.
Градоначалничката Ен Хидалго ги убеди луѓето да ги напуштат сопствените автомобили во корист на велосипедите, план што всушност и беше еден од столбовите во нејзината политичка програма дури и пред да биде избрана за градоначалник во 2014 година.
Градскиот совет во Даблин направи план со кој престолнината им го олесни физичкото дистанцирање на пешаците и на велосипедистите, план што може да стане и постојан во иднина. Идејата е да им се даде повеќе простор на пешаците и на велосипедистите за маневрирање низ градот, кога продавниците и другите деловни активности повторно ќе се вратат во нормала, во идниот период од 12 до 18 месеци, каде што улиците притоа би се задушиле во сообраќајот.
Од друга страна, властите во Милано, една од најзагадените метрополи во Европа, соопштија дека 30 километри улици ќе бидат трансформирани во текот на летото во пешачки зони, како дел од шемата за прераспределување на јавниот простор од автомобили во велосипедизам и пешачење. Застојот во Милано, кој обично е предизвикан од сообраќајот, за време на карантинот опадна меѓу 30 и 70 отсто, а и загадувањето на воздухот исто така се намали.
Слични активности се преземаат од Брисел до Сиднеј, додека службениците во транспортот во многу американски градови известуваат за „експанзијата на велосипедизмот“. Преку програмите „бавни улици“ во Калифорнија, до прогресивното затворање на многу сообраќајници во Њујорк, многу метрополи рекоа дека планираат да ги направат овие промени трајни.
Дури и во некои градови што не воведоа конкретни мерки за поттикнување на велосипедите, граѓаните го чувствуваат присуството на ваквиот дух. Во јорданската престолнина Аман граѓаните зборуваа колку се радосни за тоа што се празни патиштата од агресивните возачи и брзото возење.