Светот троши скудни ресурси за климатски политики што повеќе им штетат отколку што им помагаат на најсиромашните. Земјите треба да се фокусираат на мерки за јакнење на економскиот пораст, како слободната трговија, кои овозможуваат поголема благосостојба и еднаквост
Бјорн Ломборг
Во изминатите 25 години, речиси 1,2 милијарда луѓе во целиот свет се ослободени од сиромаштија, додека неухранетоста и ризикот од смрт од загадување на воздухот се намалија. Земени заедно, овие достигнувања не се ништо чудно. Но два глобални тренда сега се закануваат дека ќе го забават интензитетот во намалувањето на сиромаштијата.
Првиот е националистичкото противење на слободната трговија. Зголемениот протекционизам е опасен за економски пораст, вклучувајќи ги и најсиромашните земји во светот, кои имаат најголема корист од поотворен глобален трговски систем. Завршувањето на долго одложуваната рунда на преговори од Доха за глобалната трговија, на пример, може да го направи светот побогат за 11.000 милијарди долари до 2030 година и да извлече од сиромаштија уште 145 милиони луѓе.
Слободната трговија има свои трошоци, а владите треба да трошат повеќе за да ги поддржат ранливите делови од населенијата во богатите земји. Сепак, овие трошоци во голема мера се надминати од придобивките на потрошувачите и производителите. Оттука, спротивставувањето на слободната трговија е спротивно на економските докази.
Но постои уште една веројатно поголема закана за напредокот во намалувањето на сиромаштијата: слепото спроведување скапи владини политики за ублажување на последиците од климатските промени.
На пример, германската влада планира да потроши 40 милијарди евра во рок од четири години за да ѝ помогне на земјата да ги намали емисиите на јаглероден диоксид. Ваквите мерки, најверојатно, ќе го намалат глобалниот пораст на температурата за 0,00018 Целзиусови степени за сто години, што е неизмерно мала добивка за толку огромна цена. Спротивно на тоа, трошењето на истата сума за спречување туберкулоза во земјите во развој може да спаси повеќе од десет милиони животи.
Слично на тоа, Владата на Нов Зеланд вети дека ќе постигне нула нето-емисии на јаглероден диоксид до 2050 година. Но во извештајот нарачан од Владата се утврдува дека трошоците за исполнување на оваа цел ќе бидат поголеми од целиот актуелен национален буџет, секоја од наредните години, и тоа е најдобро можно сценарио што претпоставува дека политиките ќе се спроведуваат што е можно поефикасно.
Исто така, ветувањето на Мексико да ги преполови своите емисии до 2050 година веројатно ќе го чини 7-15 отсто од бруто-домашниот производ (БДП). И планот на Европската Унија да ги намали емисиите за најмалку 80 отсто до 2050 година може да предизвика просечен годишен трошок од најмалку 1.400 милијарди американски долари.
На глобално ниво, Климатскиот договор од Париз од 2015 година е најскапата меѓународна спогодба во историјата, бидејќи има за цел да ги обесхрабри земјите да користат фосилни горива, иако алтернативните извори на енергија, како што се сончевата енергија и ветерот, остануваат неконкурентни во многу контексти. Како резултат на тоа, договорот ќе го забави економскиот пораст, ќе ја зголеми сиромаштијата и ќе ја влоши нееднаквоста.
Нова студија сугерира дека огромната сума за намалување на емисиите според договорот во Париз ќе доведе до зголемување на сиромаштијата за околу четири отсто. Авторите дадоа строго предупредување дека строгите планови за ублажување може да го забават намалувањето на сиромаштијата во земјите во развој. Овој наод е во согласност со другите студии за ефектите од климатските политики врз сиромаштијата, вклучувајќи го и огромниот истражувачки проект спроведен од Меѓувладиниот панел за климатски промени на Обединетите нации (ИПЦЦ), што мапира пет алтернативи за глобалната иднина. Таа студија покажува дека човештвото – вклучувајќи ги и најсиромашните луѓе во светот – ќе биде во многу подобра позиција при сценарио „на развој со фосилни горива“ отколку при „одржливо“ сценарио во свет со пониски емисии на јаглероден диоксид. Тоа важи дури ако се земат предвид и климатските штети.
Глобалната нееднаквост драматично ќе се намали и во двете сценарија, но сепак таа ќе се намали малку побрзо во сценариото на „свет со фосилни горива“. Всушност, до 2050 година, „одржливиот свет“ во просек би имал по 26 милиони сиромашни луѓе повеќе годишно отколку побогатиот и помалку нееднаков „свет со фосилни горива“.
Поларизирачките кампањи за климатските промени создадоа апсурдно искривено гледиште за иднината, што ги наведува креаторите на политиките да носат лоши одлуки. Во својот најнов голем извештај, ИПЦЦ проценува дека ако светот не направи апсолутно ништо за да ги спречи климатските промени, влијанието најверојатно ќе биде еквивалентно на намалување од 0,2 до 2 отсто на просечните приходи во 2070-тите. Дотогаш приходите веројатно ќе бидат повисоки за околу 300-500 отсто.
Сепак, катастрофалните визии за климатските промени се сѐ повеќебројни. Како резултат на тоа, околу една третина од вкупното трошење за развој сега се издвојува за климатски проекти, според анализата на ОЕЦД на околу 70 отсто од глобалната помош за развој. Овие пари би можеле да се потрошат многу подобро – не само за спречување на туберкулозата, туку и за имунизација, исхрана на доенчиња, подобар пристап, до планирање семејство и многу други приоритети за развој.
Покрај тоа, политиките што ја намалуваат сиромаштијата се климатски политики. Историјата покажа убедливо дека политиките што ги прават луѓето побогати и помалку ранливи се и најдобрите начини за зајакнување на отпорноста на општеството кон предизвици како што се климатските закани.
Кога природните катастрофи како ураганите погодуваат сиромашни заедници или земји, тие убиваат многу луѓе и предизвикуваат хаос. Но намалувањето на емисиите на јаглероден диоксид во богатиот свет не е најдобриот начин да се помогне. Првиот приоритет треба да биде креаторите на политиките да промовираат развој, па луѓето повеќе да не живеат во лоши станбени услови и во тешка сиромаштија. Тоа не само што ќе го подобри квалитетот на животот на луѓето туку и драматично ќе ги намали човечките жртви при идните урагани.
Мора ефикасно и соодветно да се справуваме со климатските промени. Најодржлива политика би било драматично зголемување на буџетите за истражување и за развој за цената на зелената енергија да се намали во однос на таа на фосилните горива, и тоа преку иновации.
Како што стојат работите, сепак, светот е во голема опасност да троши скудни ресурси за климатски политики што повеќе им штетат отколку што им помагаат на најсиромашните луѓе. Наместо тоа, владите треба да се фокусираат на мерките за зајакнување на порастот, како што е либерализацијата на трговијата, кои обезбедуваат пат за зголемена благосостојба и поголема еднаквост.
Авторот е директор на Центарот за консензус во Копенхаген