За ЕУ, приватноста е на прво место, но владите се потпираат на други параметри
Европските лидери сѐ уште се двоумат што е најдобро за следење на граѓаните
Само за неколку недели програмерите низ светот креираа низа мобилни апликации за да им помогнат на владите во борбата против пандемијата од коронавирусот. Прашањето што сега ги мачи европските лидери е која е најдобра. Стартапите и универзитетите се натпреваруваат во дизајнирањето апликации за „следење на граѓаните“, кои собираат податоци од блиски контакти на луѓето и ги известуваат оние што имале средби со заразени од коронавирус. Минатата недела „Гугл“ и „Епл“ најавија заеднички проект за да ги поддржат напорите и наедно да развијат своја технологија во борбата против вирусот. Контроверзните надзорни компании, како израелската „НСО груп“ и американската „Палантир“, исто така им ги понудија своите производи на владите.
Европските власти сега се соочуваат со тежок избор која апликација да ја претстават пред народот. Собирањето премногу податоци ги изложува владите на ризици од нарушување на приватноста и негативни реакции. Од друга страна, премалото собирање податоци нема да им ја овозможи контролата што ја посакуваат за спречување на ширењето на вирусот. Европската комисија минатата недела побара од владите да изберат апликации чиј приоритет е приватноста.
– Убедени сме дека е многу корисно да се има апликација во борбата против пандемијата, но во исто време зборуваме за чувствителни податоци, затоа што се базирани на здравјето на граѓаните – за „Политико“ телефонски изјави еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс.
Европската комисија одобри проект на голема група истражувачи во почетокот на април, за да креираат апликации за следење на контактите, со акцент на приватноста, кои со помош на блутут-сигнали меѓу телефоните треба да ги детектираат корисниците што биле во контакт со заразено лице, без притоа да соберат лични или геолокациски податоци. Во проектот беа реализирани повеќе апликации речиси подготвени за употреба во Германија, Швајцарија и други земји.
„Гугл“ и „Епл“ со надеж и резервираност
Неколку дена по почетокот на европскиот истражувачки проект, „Гугл“ и „Епл“ неочекувано најавија дека ќе ги здружат силите во борбата против пандемијата. Американските технолошки гиганти соопштија дека ќе ги отклучат метриките на паметните телефони во служба на истражувачите, програмерите и здравствените власти преку таканаречена апликација за програмски интерфејс (АПИ) во мај. Со ваквиот потег, на апликацијата ќе можат да работат во заднина.
Џулијан Тајке, извршниот директор на стартапот „Вифокс“, кој учествува во развивањето на германската апликација, порача дека моделот на „Епл“ и „Гугл“ е „многу корисен“.
Истовремено тој предупреди дека неочекуваното партнерство може да им овозможи на американските гиганти, чии оперативни системи се користат во 99 отсто од паметните телефони во светот, да имаат широк пристап до чувствителни податоци на корисниците. Во Франција ваквото соопштение предизвика слични реакции.
– Ако во преговорите на француската влада со „Гугл“ и „Епл“ бидеме принудени да ги користиме нивните готови решенија, тогаш сите треба да се запрашаме што значи тоа во однос на технолошкиот суверенитет и независност – порача Ејмерил Хоанг, член на научниот совет на француската влада во борбата против ковид-19.
Истражувачите поделени околу довербата
Додека владите ги испитуваат своите опции, обидот на Европа за заеднички и обединет пристап во борбата против коронавирусот почна да покажува проблеми. Заедницата на истражувачи што го почна проектот ПЕПП-ПТ се подели на два табора поради недоверба и несогласувања околу системот на апликациите. Едниот табор, наречен „ДП-3Т“, на истражувачи од Франција, Швајцарија, Велика Британија, Белгија и други земји, објави код за апликација за следење контакти со „децентрализиран“ дизајн. Таа наскоро ќе биде пуштена во употреба во Швајцарија.
Другиот табор, генерално составен од германски истражувачи, заедно со „Вифокс“ на Тајке и познатиот институт „Фраунхофер“, развива апликација со централизиран пристап, но следи строга заштита на приватноста. Во писмото објавено во понеделникот и потпишано од над 300 научници од 25 држави, меѓу кои поддржувачите на ПЕПП-ПТ, се наведува дека децентрализираната апликација подобро функционира во заштитата на приватноста отколку централизираниот модел и препорачува да се употребува токму тој пристап.
Држење контрола
Реалната борба на истражувачите е да ги убедат властите да ја одберат најдобрата апликација што ги штити личните податоци наспроти комерцијалните производи. Проектите под надзор на ПЕПП-ПТ, ДП-3Т со поддршка на „Гугл“ и на „Епл“ нема да регистрираат локациски податоци за да ја заштитат приватноста на корисниците. Ова ќе им овозможи помала контрола на владите за следење и водење на јавноста во здравствената криза. Во Велика Британија ваквиот притисок веќе ја принуди Владата да ги спречи иницијативите на „Гугл“ и на „Епл“ затоа што ќе ја оневозможи Националната здравствена агенција (НХС) да гради централна база на податоци од контактите. Но групите за заштита на приватноста и опозицијата се скептични за капацитетот на Владата за безбедно користење на податоците.
На апликациите им се потребни корисници
Ефикасноста на алатките во голема мера ќе зависи од бројот на луѓе што ќе сакаат да ги користат. Сингапур беше една од првите земји што пуштија во употреба апликација за следење контакти, но ја користат само 12 отсто од граѓаните. Експертите сметаат дека градењето доверба е од клучно значење. Според белгискиот програмер Берт Пренел, кој работи на апликација за Швајцарија и други земји, апликациите со заштитени податоци „не смеат да бидат користени од страна на владите за да казнуваат граѓани што ги прекршиле карантинските мерки“ или други инвазивни детали од нивното движење. Во Полска постои апликација што следи дали лицата што се во карантин ги почитуваат мерките и е различна од оние за следење на контактите наменети за пошироката јавност.