Стариот Континент се наоѓа пред клучна дилема како да одговори на кинескиот подем и на американскиот пад на глобалната сцена
Нешто возбудливо се случува во САД. И покрај четиригодишниот национализам на Доналд Трамп, мислењата на Американците за светот навистина не се променија.
Огромното мнозинство републиканци и демократи сè уште се убедени дека е важно земјата да остане вклучена во глобалната економија. Речиси 70 отсто од Американците веруваат дека е важно да се земат предвид интересите на сојузниците. Дури и повеќе Американци денес сметаат дека е клучно да се работи на меѓународно ниво отколку пред да ја преземе функцијата Трамп.
А сепак работите повеќе никогаш нема да бидат исти. Никогаш нема да биде исто затоа што САД се во дефанзива. Промените во рамнотежата на моќта ја принудуваат земјата да прифати поинаков став. До 2030 година, земјата ќе претставува само 10 проценти од глобалното економско производство, додека Кина веројатно ќе биде најголемата економија во светот.
Голем број фактори го прават поместувањето во економскиот биланс на моќта дополнително тешко. САД мора да се помират со огромниот надворешен долг и зависноста од увоз. И секој нов шок ги рефлектира нееднаквоста во приходите и хроничниот недостиг од инвестиции во виталната инфраструктура и услуги.
Актуелните промени на моќта исто така ги принудуваат САД да ја преиспитаат својата воена стратегија.
„Мир преку сила“ сѐ уште е мото. Но останува фактот дека многу скапата воена машинерија, со своите носачи на авиони и „невидливи“ ловци, денес едвај има некаков одговор на застрашувачките радари и ракети што ги подигнаа Русија и Кина.
Кина би можела да го надмине буџетот за одбрана на САД до 2030 година, ако потроши најмалку три проценти од своето богатство на одбраната.
САД сега се обидуваат да ја задржат својата предност во Пацификот со помали бродови, беспилотни летала и нови ракети, но ќе бидат потребни години и многу дополнителни пари за да се направат сите нови воени планови во практика.
За да се помири со тоа слабеење, Америка ќе мора да работи на две работи: ефикасност и сојузи. Нејзината ефикасност станува огромен предизвик како резултат на внатрешните поделби и вооружениот радикализам. Дури и ако мнозинството Американци се многу умерени, американското општество денес личи на исушена прерија, чекајќи да ја запали искра. Веќе гласно се поставува прашањето дали полицијата и Националната гарда ќе можат да ги контролираат вооружените паравојски во наредните години или дали се подготвени за бунт дома. Новиот претседател ќе мора да потроши огромно количество енергија на домашната нестабилност.
Ниту меѓународните сојузи на САД не може да се земат здраво за готово. Од една страна, остануваат низа економски спорови, а Европа и Азија размислуваат за поголема стратегиска автономија. Актуелните партнери, како што се НАТО, Јапонија и Јужна Кореја, исто така, ќе се обидат да ги држат опциите отворени меѓу Кина и САД што е можно подолго. Од друга страна, голем број сојузници не се во добра состојба. Јапонија останува стагнантен регионален играч и населението во многу европски земји денес нема од што да штеди за да ја задржи сопствената воена моќ. Иако сега е време за единство, пред сѐ има многу сомнеж и стратегиски опортунизам.
Последиците за Европа се огромни. Стратегиската автономија не значи само критички став кон САД. Ниту, пак, значи дека можеме да им дозволиме на европските институции да формулираат поскапи ветувања. Тоа секако не значи дека, како сега, ние со половина срце треба да лутаме меѓу Кина и САД. Пред сè, тоа значи дека сите земји-членки мора да бидат посветени на огромни напори за здружување во однос на трговијата и безбедноста. Тоа означува посветеност и патриотизам од сите европски граѓани. Или ќе има вистинска стратегиска автономија или стратегиска ирелевантност.
Исходот наскоро ќе стане очигледен во наредните години.
Џонатан Холслаг
Авторот е професор на Слободниот универзитет во Брисел