На 11 март 2011 година земјотрес предизвика седумметарски бранови крај брегот на Пацификот кај Јапонија. Цунамито ја уништи нуклеарката во Фукушима. Десет години подоцна, регионот ни од далеку не е вратен во нормала, а последиците од нуклеарните хаварии како оние во Чернобил и оваа во Фукушима сѐ уште се чувствуваат, пишува британски „Би-би-си“
Деценија по катастрофата во Фукушима, безбедноста сè уште најголем предизвик за атомската енергија
На 11 март 2011 година Јапонија ја погоди земјотрес со јачина од девет степени и притоа успеа да ја помести оската на движење на Земјата за четири метри источно. Разорниот потрес предизвика цунами во висина од 14 метри, кое го погоди главниот остров Хоншу и збриша цели градови од картата, а загинаа над 18.000 лица. Нуклеарната централа во Фукушима се најде на удар на силен бран што ги проби надворешните бедеми и ги поплави реакторите што доведе до нуклеарна катастрофа. Властите веднаш ја евакуираа областа каде што се излеа големо количество радиоактивен материјал, при што 150.000 жители беа принудени да ги напуштат своите домови. Една деценија подоцна, оваа област и натаму се расчистува, а повеќето жители не се осмелуваат да се вратат назад. Властите веруваат дека ќе бидат потребни до 40 години за целосно да се заврши санирањето на областа, која досега ја чинеше Јапонија илјадници милијарди јени. Нуклеарната централа Фукушима е лоцирана во близината на градот Окума во префектурата Фукушима. Се наоѓа на источното крајбрежје на околу 220 километри североисточно од главниот град Токио. На 11 март 2011 година во 14.46 часот по локално време, земјотресот познат меѓу народот како Големиот источен јапонски земјотрес или Тохоку го погоди источниот град Сендај на 97 километри северно од централата. Жителите имаа само 10 минути да ги напуштат живеалиштата пред огромното цунами да го погоди крајбрежјето. Речиси половина милион жители беа принудени да ги напуштат своите домови како резултат на земјотресот, цунамито и на нуклеарната хаварија.
Што се случи во Фукушима?
Системите во нуклеарната централа го регистрираа потресот и автоматски ги исклучија нуклеарните реактори. Генераторите на дизел-гориво за вонредни состојби се вклучија за да ги ладат јадрата, кои беа неверојатно вжештени и покрај тоа што реакторите беа исклучени. Но за кратко време, бран висок 14 метри ја погоди нуклеарната централа. Водата се прелеа преку одбранбените бедеми во морето, ја поплави централата и ги онеспособи генераторите за вонредни состојби. Работниците веднаш реагираа за да ја санираат состојбата, но само по неколку дена нуклеарното гориво во трите реактори се прегреа и ги стопи јадрата. Во нуклеарната централа се случија и неколку водородни експлозии што сериозно го оштетија објектот. Радиоактивен материјал почна да се излева во атмосферата и во Тихи Океан што доведе до евакуација на населението и областа беше претворена во зона за забрането движење.
Колку лица настрадаа?
Во нуклеарната катастрофа немаше загинати, но најмалку 16 работници беа повредени во експлозиите додека десетици повеќе беа изложени на радијацијата додека ги ладеа реакторите и ја стабилизираа централата. Наводно три лица беа пренесени во болница по изложеност на силна радијација. Долгорочните ефекти од радијацијата се предмет на дебата. Светската здравствена организација (СЗО) објави извештај во 2013 година во која посочи дека катастрофата нема да предизвика значително зголемување на стапката на канцер во регионот. Научните во и надвор од Јапонија веруваат дека освен во регионот околу нуклеарната централа, ризиците од радијација се многу ниски.
На 9 март 2021 година, во пресрет на одбележувањето на десет години од хаваријата, Обединетите нации во својот извештај наведоа дека „не биле откриени негативни здравствени ефекти“ кај жителите на Фукушима, кои директно биле изложени на радијацијата од катастрофата. Понатаму во извештајот се наведува дека секакви идни здравствени ефекти поврзани со радијацијата „веројатно нема да се забележат“. Но многумина веруваат дека опасноста е многу поголема, а жителите и натаму не сакаат да се вратат во своите домови. Иако властите ги укинаа ограничувањата во многу области, сепак малкумина се вратија назад. Во 2018 година, јапонската влада соопшти дека еден работник починал откако бил изложен на радијација и затоа семејството ќе добие соодветен надомест. Од друга страна, потврдено е дека голем број лица починале во евакуацијата, вклучувајќи десетици болнички пациенти, кои морале да бидат пренесени поради страв од радијација. Хаваријата во Фукушима се смета за нуклеарна катастрофа од седми највисок степен според Меѓународната агенција за атомска енергија, веднаш зад Чернобил.
Каде лежи вината?
Критичарите сметаат дека вината лежи во неподготвеноста за вакви настани, како и конфузниот одговор од операторот на централата, Токиската енергетска компанија („Тепко“) и Владата. Една независна истрага по барање на јапонскиот парламент донесе заклучок дека Фукушима „дефинитивно е катастрофа предизвикана од човечки фактор“ и притоа ја обвини енергетската компанија затоа што не успеала да ги исполни безбедносните стандарди или да направи планови во случај на ваков настан. Сепак во 2019 година, јапонскиот суд ослободи тројца од поранешните директори на „Тепко“ од обвиненијата за несовесно раководење, во она што се сметаше за единствен криминален случај по хаваријата. Во 2012 година, тогашниот јапонски премиер Јошихико Нода порача дека државата ја дели вината за катастрофата. Еден суд донесе пресуда во 2017 година дека Владата има делумна одговорност и треба да им плати отштета на евакуираните жители.
Процесот на расчистување на областа сѐ уште трае
Десет години подоцна, во неколку града во североисточна Јапонија и натаму е забранет влезот. Властите работат на расчистување на теренот за жителите да можат во иднина да се вратат назад. Но сепак, пред нив сè уште претстојат големи предизвици. Десетици илјадници работници ќе бидат потребни во наредните од 30 до 40 години за безбедно да се отстранат нуклеарниот отпад, нуклеарното гориво, а над еден милион тони радиоактивна вода сè уште се чува во објектот. Некои жители одлучија никогаш повеќе да не се вратат назад поради стравот од радијација, па така веќе живеат на други места во државата и воопшто не сакаат да се населат повторно во погодените региони. Медиумските извештаи во 2020 година наведоа дека Владата сака да започне со исфрлање на таа вода преку нејзино филтрирање за да се намали радиоактивноста и истата таа да се испушти во Тихи Океан во текот на оваа година. Некои научници сметаат дека ваквата вода ќе се раствори во океанот што би било од низок ризик за човекот и за животинскиот свет. Групата за заштита на животната средина „Гринпис“ порача дека водата содржи супстанции што можат да ја нарушат човечката ДНК. Властите соопштија дека конечна одлука не е донесена како понатаму да се постапи со радиоактивната вода.
Нема откажување од нуклеарките
Во меѓувреме нуклеарната катастрофа во Јапонија не предизвика промени во политиката во однос на употребата на атомска енергија. Повеќе од осум години во земјата е на власт десноконзервативна коалиција, која и натаму стои зад нејзино користење. Заради потребното доопремување со техника за безбедност, само секоја шеста од првично 54 централи можеше повторно да започне со работа. Анкетите покажуваат дека мнозинството Јапонци се против атомска енергија, но тоа не се одразува на изборните резултати, појаснува експертката за Јапонија, Кристина Ивата Вајкгенант од Универзитетот во Нагоја. Сепак барем во Фукушима акцентот се става на еколошка електрична енергија. Уделот од денешните 40 проценти до 2041 година е планирано да се зголеми на полни 100 проценти струја од обновливи извори на енергија.