Од упади на животни до неисправен компјутерски чип што чинел помалку од еден долар – алармантно долгиот список на инциденти покажува колку лесно може по грешка да избие нуклеарна војна
Ноќта на 25 октомври 1962 година, камион иташе по пистата во Висконсин. Само неколку минути претходно, стражар во Центарот во Дулут здогледа силуета на нешто што се обидуваше да се искачи на оградата од објектот. Тој пукаше кон него и го активира алармот, плашејќи се дека сето тоа е дел од поголем советски напад. Веднаш алармите се активираа во секоја воздушна база во областа.
Ситуацијата ескалира неверојатно брзо. Во близината на воздухопловната база „Волк филд“, некој го активирал погрешниот прекинувач, па наместо вообичаеното безбедносно предупредување, пилотите слушнале сирена за итни случаи. Сите побрзаа да полетаат со своите авиони вооружени со нуклеарно оружје. Тоа беше во екот на кубанската ракетна криза и сите беа на работ на нервите.
Единаесет дена претходно, шпионски авион снимил фотографии од тајни лансери, проектили и камиони на Куба, што сугерирало дека Советите се мобилизирале за да погодат цели во САД. Светот знаеше дека е потребен само еден напад од која било сила за да се предизвика непредвидлива ескалација. Но во таа ситуација немало натрапник, барем не човечки. Силуетата на оградата била од една голема црна мечка. Сѐ беше една голема грешка.
Но во „Волк филд“, пилотите сè уште не го знаеле тоа. На пилотите им беше кажано дека нема да има никакви вежби и додека се качуваа во своите авиони, тие беа целосно убедени дека почнала трета светска војна. На крајот, командантот на базата сфатил што се случило. Пилотите биле пресретнати од службеник, кој возел камион кон нив додека ги стартувале авионите на пистата.
Атомските тензии од 1960-тите денес се речиси заборавени. Егзистенцијалните грижи се префрлија на други закани како што се климатските промени. Лесно е да се заборави дека има речиси 14.000 нуклеарни оружја во светот, кои заедно можат да убијат околу три милијарди луѓе, па дури и да доведат до изумирање на цели видови ако предизвикаат нуклеарна зима. Знаеме дека шансите кој било лидер намерно да детонира нуклеарка се мали. Конечно, тој би морало да биде луд. Она што не го земаме како фактор се инцидентите. Се смета дека досега имало најмалку 22 алармантни инциденти откако е откриено нуклеарното оружје. Досега, светот беше доведен на работ на нуклеарна војна од невини настани како група лебеди во лет, Месечината, мали проблеми со компјутерите или необично вселенско време.
Во 1958 година, авион случајно фрли нуклеарна бомба во градината на едно семејство. За чудо, никој не беше убиен, иако кокошките беа збришани. Инцидент имаше дури и во 2010 година, кога САД привремено ја загубија можноста за комуникација со 50 нуклеарни проектили, што значи дека привремено не можеше да се открие и запре автоматско лансирање.
Наспроти неверојатните трошоци и технолошкиот прогрес на нуклеарното оружје – САД се очекува да потрошат 497 милијарди американски долари за развој на своите капацитети помеѓу 2019 и 2028 година – историските податоци раскажуваат своја приказна и покажуваат колку лесно можат заштитите што ги градиме да бидат урнати поради човечка грешка или некое љубопитно животно.
На 25 јануари 1995 година, тогашниот руски претседател Борис Јелцин стана првиот светски лидер во историјата што го активира „нуклеарниот куфер“, кој ги содржи упатствата и технологијата за активирање нуклеарни бомби. Радарските оператори забележале дека била лансирана ракета крај брегот на Норвешка. Каде се упатила и дали била непријателска? Со куферот во рацете, лидерот брзо се консултирал со своите советници дали да изврши противнапад. По неколку минути, тие сфатија дека ракетата е упатена кон отворено море и не претставува закана.
Подоцна беше утврдено дека тоа не бил нуклеарен напад, туку научна сонда, која била испратена да ја испитува поларната светлина. Норвешките претставници останале збунети зашто предизвикале таква вознемиреност, бидејќи лансирањето било најавено најмалку еден месец претходно.
Клучно е што не е важно дали има нуклеарен напад поради погрешна или вистинска закана. Откако ќе се изврши, нема враќање.
– Ако претседателот одговори на лажна тревога, тогаш случајно ќе почне нуклеарна војна. Не може ништо да се стори. Ракетите не можат да се вратат назад и не можат да бидат уништени – вели Вилијам Пери, кој беше министер за одбрана на САД во администрацијата на Бил Клинтон и заменик-министер за одбрана во администрацијата на Џими Картер.
Зошто имало толку многу опасни инциденти и што можеме да сториме за да спречиме да се случат во иднина? Потенцијалот за грешки лежи во системите за рано предупредување од Студената војна. Наместо да чекаат нуклеарни ракети да ја погодат целта, што би било доказ за напад, тие се стремат да ги детектираат рано за да може да се изврши одмазднички напад пред да биде уништено оружјето со кое тој би можел да се спроведе. За да се направи ова, потребни се податоци.
САД во моментот имаат голем број сателити околу Земјата, меѓу кои и четири сателити што набљудуваат на далечина од 35.400 километри од планетава. Тие имаат постојан преглед на областа што ја надгледуваат, за да можат да детектираат каква било потенцијална закана во кој било момент. Тие не можат да следат ракета додека патува, но затоа САД имаат стотици радарски станици, кои можат да ги определат нивната позиција, брзина и патека. Откако има доволно индикации дека е во тек напад, за тоа се информира претседателот на САД.
За пет до десет минути по лансирањето на ракетите, претседателот ќе дознае за тоа.
Тоа е доста сложен систем и функционира речиси секогаш. Но ние зборуваме за настан со мала веројатност и со големи последици – вели Пери.
Со други зборови, доволно е да се случи само еднаш. Постојат два вида грешки што можат да доведат до лажна тревога, технолошки и човечки (или двата истовремено). Првата се случила кога Пери работел во администрацијата на Картер во 1980 година. Тој раскажува дека „шокот“ почнал со телефонски повик во три часот по полноќ, кога командата на американското воздухопловство го известила дека нејзините компјутери детектирале 200 ракети на Советскиот Сојуз упатени кон САД. За надзор откриле 200 ракети упатени директно од Советскиот Сојуз кон Соединетите Американски Држави. Тие набрзо сфатиле дека не станува збор за вистински напад туку за компјутерска грешка.
– Тие, всушност, ја повикаа Белата куќа пред да ме повикаат мене. Го побараа претседателот. Повикот го проследи неговиот советник за национална безбедност – вели Пери, додавајќи дека тој, за среќа, решил да почека малку пред да го разбуди претседателот, а за тоа време веќе било утврдено дека се работи за лажна тревога.
Но, ако не чекаа, ако веднаш го разбудеа Картер, светот денес би можел да биде многу различно место за живеење.
– Ако самиот претседател го примеше повикот, ќе требаше за околу пет минути да одлучи дали ќе нареди напад. Ова се случуваше среде ноќ и немаше шанси да се консултираме со никого – вели Пери.
Од тој момент, тој никогаш не ги сметал изгледите за погрешно лансирање за теоретски проблем. Тоа било вистинска и алармантно реална можност. Во таа пригода, проблемот бил неисправен чип на системите за рано предупредување. Подоцна бил заменет и тоа чинело помалку од еден долар. Една година порано, Пери доживеал уште еден инцидент кога еден техничар во компјутерот вметнал симулација за обука, но случајно објавил податоци како за реален (иако измислен) ракетен напад во главните центри за предупредување.
Сево ова нѐ доведува до заклучокот дека луѓето се битија што прават грешки. Но наспроти сите техничари, ние најмногу треба да се грижиме за оние што всушност имаат моќ да наредат нуклеарен напад, односно светските лидери.
– Американскиот претседател има целосен авторитет да лансира нуклеарно оружје и тој е единствениот што го има тоа овластување – вели Пери.
Ова важи уште од деновите на претседателот Хари Труман. За време на Студената војна, одлуката им била пренесена на воените команданти. Но Труман верувал дека нуклеарното оружје е политичко средство и дека треба да биде под контрола на политичар. Како и сите претседатели пред него, така и актуелниот претседател Трамп има можност да изврши нуклеарен напад. Него постојано го следи помошник, кој го носи „нуклеарниот фудбал“, кој ги содржи кодовите за лансирање за нуклеарното оружје. Како што нагласуваат многу организации и експерти, концентрирањето на оваа моќ во рацете на една индивидуа е голем ризик.
– Неколкупати се случувало претседателот да пие или да е под влијание на лековите што ги зема или можеби да страда од психолошка болест. Сите овие работи се случиле во минатото – посочува Пери.
Тој неодамна објави книга со наслов „Копчето: Трката за нуклеарно оружје и претседателската моќ од Труман до Трамп“. Во неа се нагласува несигурноста на заштитните мерки за нуклеарниот арсенал и се предлагаат некои можни решенија.
Прво, се повикува да се стави крај на единствениот автор така што одлуките за употреба на ова оружје би се носеле демократски, што во САД би значело гласање во Конгресот.
– Ова ќе ја забави одлуката за напад – вели Пери.
Обично се претпоставува дека нуклеарната реакција мора да биде брза, пред да се изгуби можноста за контранапад. Но дури и ако многу градови и сите копнени проектили во САД да се уништени со нуклеарно оружје, Владата сè уште може да овласти воени подморници да извршат напад. Во таков случај, единствената оправдана одмазда е ако нападот навистина се случил, односно ако проектилите слетале, а не ако станува збор за лажна тревога. Забавувањето на темпото ќе им овозможи на државите да ги задржат заканите од заемно загарантирано уништување, но со значително помала шанса за почнување нуклеарна војна зашто, на пример, мечка се качила на ограда.
Вториот предлог е нуклеарните сили да се употребуваат само за одмазда. Кина, на пример, тврди дека нема прва да употреби нуклеарно оружје во криза и тврдењето има одреден кредибилитет зашто Кина ги раздвојува своите боеви глави со нуклеарен материјал од ракетите односно од системот за испорака. Ова значи дека Кина ќе мора да ги соедини пред да почне напад, а со толку сателити околу земјата, некој сигурно би го забележал тоа. Од друга страна, САД и Русија немаат таква политика, односно тие го задржуваат правото да лансираат нуклеарно оружје, дури и како одговор на конвенционални воени напади.
Третиот предлог е државите целосно да ги пензионираат своите копнени интерконтинентални балистички ракети, затоа што тие би можеле да бидат уништени при нуклеарен напад и затоа тие најверојатно први би биле активирани ако има претпоставен, но не и потврден напад. Друга можност е да се овозможи откажување на нуклеарните ракети ако се потврди дека нападот е всушност лажна тревога. Државите не го прават тоа за проектилите и технологијата да не завршат во рацете на непријателот. Но има и други начини како технологијата на една земја да се употреби против неа, а денес ризикот е сѐ поголем поради можноста хакери да предизвикаат лажни напади и евентуална нуклеарна војна. Од друга страна, државите сакаат нивното нуклеарно оружје што побрзо да може да се употреби, со притискање копче, а тоа неизбежно ја отежнува контролата. Иако Студената војна одамна е завршена, сѐ уште живееме во свет во кој најголемата закана доаѓа токму од системите што би требало да нѐ штитат од нуклеарно уништување.