Агенцијата не ја предупреди Европа навреме за кризата, велат експерти

Два месеца пред Европа да биде прогласена за епицентар на пандемијата, Европскиот центар за превенција и контрола на болести требаше да го вклучи алармот додека ситуацијата сѐ уште не беше катастрофална, но не се случи тоа

ЕВРОПСКИОТ ЦЕНТАР НЕ ГО ВКЛУЧИ АЛАРМОТ ЗА КОВИД-19

Иако сè уште не се познати многу нешта во врска со коронавирусот, европските земји ги имаат неопходните капацитети за да спречат и за да контролираат појава на епидемија веднаш штом ќе бидат откриени случаи, стои во извештајот на агенцијата од 25 јануари. Позната како Европски центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), основната мисија на агенцијата е да ги идентификува, процени и координира тековните и новите закани по здравјето на луѓето, предизвикани од заразни болести. Околу 280 луѓе работат во агенцијата со седиште во Стокхолм, чиј буџет за 2019 година беше нешто помалку од 60 милиони евра. Таа би требало да дава совети на европско и на национално ниво.

Од Кина, вирусот се прошири во Австралија, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и во Тајланд. Кога Франција ги објави своите први потврдени случаи кон крајот на јануари, ЕЦДЦ се држеше до својата анализа. Во неа се наведува дека француските откритија се всушност „доказ за високо ниво на подготвеност за спречување и контрола на можни инфекции на ковид-19“. До крајот на март, Франција веќе објави војна против вирусот. Во телевизиско обраќање, францускиот претседател Емануел Макрон објави повик за вооружување, порачувајќи им на гледачите: „Ние сме во војна“. Макрон ја повтори фразата шест пати во период од 20 минути. Пандемијата веќе беснееше низ Северна Италија, каде што околу 1,2 милион луѓе во регионот на Ломбардија беа затворени во карантин.

Потоа, Европската комисија даде застрашувачко соопштение. Говорејќи пред речиси празната сала на европратениците во Брисел на 27 март, Марош Шефович, еврокомесар задолжен за „меѓуинституционални односи и предвидувања“, им рече на европратениците дека 200 милиони маски за лице и 30 милиони респиратори ќе бидат потребни „на неделно ниво најмалку три месеци“. Тој го истакна огромниот недостиг од медицинска опрема потребна за борба против пандемијата што веќе уби илјадници лица во ЕУ. Европската комисија не беше во можност да провери дали тие бројки се навистина точни и изјавата на еврокомесарот остана да виси во воздух. Но целата сага укажува на систем на надзор од страна на ЕЦДЦ, чија основна мисија зависи од придонесот од разни извори за кои се чини дека се сомнителни. Стивен Блокманс, експерт во Бриселскиот центар за европски студии на политиката, вели дека ЕДЦЦ во суштина не успеа во своите должности.

– Тоа е официјалната агенција на ЕУ што е задолжена за зајакнување на одбраната на Европа од заразни болести, а, сепак, таа не даде рано предупредување за оваа криза – рече тој.
ЕЦДЦ, пак, го бранеше своето соопштение од 25 јануари. Во извештајот се вели дека нивната процена на ризикот, всушност, се засновала врз најдобрите докази што биле достапни во тоа време. И покрај тоа што комуницира со мрежата на национални центри во секоја земја-членка на ЕУ, агенцијата не кажа како биле изведени доказите. Наместо тоа, се вели дека нивната анализа во тоа време укажувала дека спречувањето и контролата на ковид-19 е изводливо. Сепак, во исто време, се чини дека има две противречни позиции. Од една страна, се вели дека земјите-членки на ЕУ имаат добро опремени лаборатории. Од друга страна, се тврди дека сепак има недостиг од лаборатории.

– Додека постои јака мрежа на добро опремени лаборатории низ земјите на ЕУ, според последното истражување на почетокот на март, лабораториите изразија недостиг од комплети за тестирање, реагенси и персонал поради големиот пораст на побарувачката – се вели во извештајот.
Противречните констатации и временскиот распоред на настаните влеваат сомнеж во нивната анализа. Тој што прв се обиде да алармира во декември беше уапсен од кинеските власти. Ли Венлианг, офталмолог во централната болница во Вухан, се обиде да ги предупреди другите здравствени работници за појавата, укажувајќи им да носат заштитна облека за да избегнат инфекција. Тој беше едно од осумте лица што полицијата го испрашуваше поради „ширење гласини“.

Еден ден откако неговата порака излезе во јавноста, Кина му објави на светот дека се појавила група на потврдени случаи на пневмонија во Вухан, поточно во покраината Хубеи. Набргу потоа, во јануари, Светската здравствена организација (СЗО) тврдеше дека нема „ограничен пренос од човек на човек“ на вирусот. Таа порака ја повтори ЕЦДЦ.
– Од 16 јануари 2020 година, не постои јасен показател за одржлив пренос од човек на човек – се наведува во извештајот.
Помалку од еден месец подоцна, Ли почина. Тој беше заразен од ковид-19.