Се вели дека 2017-та беше година на подемот на криптовалутата. Нејзината комбинирана пазарна капитализација достигна голем успех, што предизвика огромно медиумско внимание и поддршка од познати личности, кои застанаа зад биткоинот и зад другите слични валути. Сепак, годинава драстичниот пораст беше заменет со драматичен пад. Лани во декември, еден биткоин се проценуваше на вредност од речиси 20.000 долари. До крајот на јули годинава, цената на дигиталната валута изнесуваше нешто повеќе од 8.000 долари.
Среде август, валутата што потекна од блокчејн-технологијата вредеше околу 6.500 долари, а сега повторно се зголемува.
Општиот пад на вредноста може да поттикне нови инвеститори да влезат на пазарот на криптовалути. Најновите резултати на меѓународното истражување на ИНГ покажуваат дека релативно малку потрошувачи вложиле во биткоинот или во другите виртуелни валути. Девет отсто од европските потрошувачи изјавиле дека во март годинава поседувале еден вид криптовалута, во споредба со осум отсто во САД и со седум отсто во Австралија. Луксембург и Белгија имаат најмал удел во Европа, додека во Турција 18 отсто од испитаниците рекле дека поседуваат некој вид дигитална валута. Според резултатите, мнозинството испитаници се загрижени за ризиците од инвестирањето во криптовалутите.