Како некогашно движење од маргините, зелените партии сè повеќе ја обликуваат дебатата во државите низ светот, но останува да се види колку навистина имаат ефект и што ќе се случува во иднина, вели Џејмс Мекбрајд за ЦФР
Зелените партии, кои некогаш важеа за радикални аутсајдери, сè почесто го наоѓаат своето место во главните политики, особено во Европа. Зелените во светот еволуираа од обични екологисти во пошироки политички партии, со капацитет да освојуваат избори и да служат во највисоките кругови на власта. Со тоа што климатските промени се горлив проблем, а традиционалните партии ја губат поддршката, овие партии се во позиција да одиграат досега најголема улога. Во Германија, која е четврта најголема светска економија, зелените дури имаат шанси и да ја водат идната влада.
Зелените политички партии одразуваат пошироко општествено движење, кое има цел да ја преориентира цивилизацијата во поодржлива и похумана насока. Нивните платформи генерално се против војната и воената индустрија, особено нуклеарните оружја, скептични се за глобалните трговски договори и потрошувачкото индустриско општество, претпочитаат децентрализирано носење одлуки и се посветени на општествената правда, како и на расната, економската и родовата еднаквост.
Која е нивната важност?
Зелените партии претежно ја имаат улогата во креирањето на владите во едни од највлијателните држави, па така нивните избори би можеле многу почесто да ги обликуваат јавната политика и иднината на демократијата. Некои набљудувачи велат дека демократските системи во светот бележат пад, а според „Фридом хаус“, светот веќе 15 години е во „демократска рецесија“. Во меѓувреме, некои податоци покажуваат дека економските и општествените превирања како последица на пандемијата дополнително ја нарушија јавната доверба во властите. Во Европа, водечките партии со години ја губат поддршката. Експертите велат дека последователните шокови од финансиската криза од 2008 година, низата терористички напади и бегалската криза од 2015 година ги натераа гласачите да се свртат кон алтернативите партии од левицата и десницата. Во ваквите турбуленции, зелените дополнително се мешаат во политичкиот калкулус. Нивниот статус на аутсајдер значи дека можат да извлечат корист од незадоволството од актуелниот систем, додека нивната карактеристична идеологија привлекува поддржувачи од традиционалниот левичарско-десничарски спектар.
Кратка историја
Зелените партии потекнуваат од бранот социјални движења што се ширеа во индустриските општества во 1960-тите години. Првите зелени партии беа формирани во Австралија, Нов Зеланд и Обединетото Кралство во 1972 година. Во 1983 година, зелените од Западна Германија станаа политичка сила што влезе во парламентот со 27 пратенички места, а до 1990-тите години тоа стана честа практика на локалните, федералните и парламентарните избори во Европа. Првите зелени партии во Западна Европа се сметаа за двигатели на пошироки протестни движења предводени од генерацијата од 1968 година, која се залагаше за активизам, особено против трката за нуклеарно вооружување, консумеризмот, алчноста, бескрајниот економски раст и опресивните општествени норми. Надвор од Европа, зелените политики добија популарност, но се соочија со различни изборни исходи.
Каква улога играат во владите?
Од обично протестно движење, зелените прераснаа во влијателна сила само за неколку децении. Во некои земји се дел од владата, но во некои сè уште се на маргините. Во ЕУ, зелените партии ги достигнаа највисоките нивоа на моќ. Во 1995 година во Финска, зелената партија првпат влезе во националниот кабинет, така што нејзиниот лидер беше назначен за министер за животна средина. Зелените забележаа поголем успех во Германија во 1998 година, кога станаа помлад коалициски партнер на СПД. Нивниот лидер Јошка Фишер стана вицеканцелар и министер за надворешни работи.
Во првите две децении од 21 век, зелените партии сè повеќе се наметнаа во водечките европски политики. Летонија прва доби премиер од зелената партија во 2004 година, додека зелените влегоа во владите на Белгија, Франција, Италија и други земји. Од друга страна, зелените партии забележаа мешани резултати во земјите од британскиот Комонвелт. Во САД, овие партии не успеаја да се изборат да влезат во федералната власт, но од 2020 година беа силни поборници за новиот зелен договор, кој стана популарен меѓу демократите и беше вклучен во политиките на претседателот Џо Бајден.
Во Латинска Америка, зелените успеаја да влезат во законодавниот дом или во локалната самоуправа во неколку земји. Во Мексико, тие имаат 47 пратенички места во Долниот дом и девет места во Сенатот. Во Бразил, зелените партии имаат мешана идеологија. Во Колумбија, Зелената алијанса игра значајна улога во политиката на државата, а нејзини членови се на градоначалничките позиции на поголемите градови, меѓу кои и Богота.
Во други делови од светот, зелените партии не уживаат голема популарност. Таков е примерот во Африка, каде што од движењето за заштита на животната средина најпопуларно е Зелениот појас. Руанда е единствената држава на континентот што има зелена партија во парламентот. Многу држави низ Азија и Блискиот Исток имаат зелени партии, но само мал дел од нив има претставници во владите.
Кои се главните разлики во рамките на зелените партии?
Зелените партии одамна имаат внатрешни поделби што водат до борби за лидерство, расцепканост и долги дебати како да се искористи зголемената популарност. Најсуштинската разлика се базира на самата природа на движењето. Некои го гледаат како активистички напор за поттикнување директна акција и граѓанска непослушност, а други претпочитаат поконвенционална изборна стратегија. Зелените партии внатрешно се разликуваат во неколку сфери. Во однос на енергетската политика, покрај противењето на нуклеарната енергија, некои од нив, особено во Финска, почнуваат да го менуваат својот став поради итната потреба за намалување на емисиите на стакленички гасови. Во однос на глобализацијата, технологијата и економскиот раст, некои зелени имаат порадикални критики. Тие бараат драстично намалување на производството и потрошувачката до нивоа што тие ги сметаат за одржливи. Од друга страна, други апелираат за „зелен раст“ и се отворени за технолошки решенија, како геоинженерство. Зелените партии во суштина се залагаат за разоружување и ненасилно решавање конфликти, но германските зелени поддржаа разни воени интервенции и НАТО. Повеќето европски зелени партии ја поддржуваат функцијата на Унијата, но тоа не е отсекогаш така. Шведските зелени беа против државата да влезе во блокот, а данската зелена партија беше избркана од Европската зелена конфедерација поради евроскептицизмот.
Критики за зелените
Политичките противници на зелената партија одамна ја прикажуваат како партија со идеалистичка младина и богати урбанисти. Во Европа, зелените работат да ја отфрлат таа слика за да се натпреваруваат со гласачите од работната класа. Експертите велат дека мала популарност уживаат во Јужна и Источна Европа, каде што растот е бавен, а невработеноста висока. Дури и во побогатите земји, како Германија, критиките на зелените за индустрискиот развој понекогаш предизвикуваат недоверба. Претставници на синдикатите велат дека зелените треба да најдат начини за подобро да ги насочат своите политики кон секторите со силни синдикати, како што е автомобилската индустрија.
Каква иднина ги чека?
Зелените партии ги очекува светла иднина во наредните неколку години. Пред претстојните парламентарни избори во септември, германските зелени имаат висок рејтинг во анкетите. Некои набљудувачи очекуваат да влезат во идната влада, а нивната лидерка Аналена Баербок би можела да стане новата канцеларка. Иако партијата под водство на Баербок се залага за поагресивни климатски цели за намалување на штетните емисии за 70 отсто до 2030 година, во други области се позиционира како центристичка алтернатива. Нејзината надворешната политика силно ја поддржува Унијата, НАТО го карактеризира како „неопходно“ и е покритички настроена кон Кина и Русија за разлика од која било друга главна партија. Имено, партијата е против изградбата на гасоводот „Северен тек 2“, кој ја има поддршката на владата на Ангела Меркел покрај противењето на американската влада.
Во преостанатиот дел на Европа, зелените во голема мера станаа незабележителни на политичката сцена, приспособувајќи се на коалициските политики и насочувајќи ја политиката во поеколошка насока додека се покажуваат како пофлексибилни за други прашања, како во Австрија. Со тоа што сè поголем број луѓе во Европа и во светот сметаат дека климатските промени се „главна закана“ по нивната нација, зелените би можеле уште повеќе да го зголемат своето влијание во иднина.