Се заострува реториката меѓу Франција и Германија за тоа дали нуклеарната енергија е корисна за животната средина, покрај ризиците што самата ги носи, пишува угледниот магазин „Економист“
Атомот постоеше уште многу пред еврото, шенгенот, европската химна „Ода на радоста“, вишокот резерви на путер и договорот од Мастрихт. „Мирниот атом“, како што еднаш напиша Жан Моне, продавачот на коњак што стана еден од основачите на Европската Унија (ЕУ), требаше да „го предводи обединувањето на Европа“. Европа, инаку, првично беше замислена како нуклеарен проект, пред да прерасне во нешто сосема друго. Во 1957 година, основачите на Унијата го потпишаа Договорот од Рим за формирање на Европската економска заедница (ЕЕЗ), претходничката на блокот. Во исто време тие ги ставија своите потписи за формирање една помалку позната организација, односно Европската заедница за атомска енергија (Евроатом), која има задача да ја надгледува нуклеарната енергија на континентот. Тогаш идејата за заедничкиот пазар беше небулозна, но, од друга страна, јасен беше потенцијалот на нуклеарната енергија.
Светла иднина или нездраво минато?
Онаму каде што нуклеарната енергија некогаш се сметаше за извор на единство за Европа, денес е извор на раздор. Заедничкиот пазар прерасна во денешната ЕУ, додека во Евроатом се јавува стагнација. Од 27 членки на ЕУ, само 13 произведуваат нуклеарна енергија. Некои дури и ја забрануваат. Франција и Германија, двете земји кои доминираат во креирањето на политиките на ЕУ, се наоѓаат на директно спротивставени страни. Франција произведува над 70 отсто од својата енергија од нуклеарни реактори. Германија вети дека ќе ги затвори сите свои нуклеарни централи до 2022 година. За Франција и нејзините атомски сојузници, нуклеарната енергија има светла иднина. За Германија и нејзините скептични следбеници, ваквата технологија е нездраво минато.
Наспроти ова, ЕУ треба да одговори на едно прашање, а тоа е дали нуклеарната енергија се смета за зелена (бидејќи испушта многу малку јаглерод диоксид) или не (бидејќи нуклеарните несреќи, иако исклучително ретки, се опасни)? Зелените индустрии ги очекува иднина во која ќе опстојуваат од субвенции и од евтин капитал, додека владите ги заоструваат правилата за инвестирање во други сфери. Другите сектори што важат за поголеми загадувачи се соочуваат можеби со потежок период пред себе. Како ЕУ ќе управува со своите одлуки, открива многу нешта за блокот.
Неочекувани сојузи
Меѓутоа, најпрво да се тргне политиката настрана од оваа сфера. Со тоа што француско-германскиот мотор на нуклеарната политика се соочува со тешкотии во функционирањето, како последица се формираа неочекувани сојузи. Франција и земјите како Полска и Чешка обично се спаринг-партнери. Француските политичари генерално го гледаат тој регион како скапа помошна рака и извор на работна сила што ги поткопува француските работници. Земјите во Источна Европа ги гледаат Французите како протекционисти што ѝ се додворуваат на Русија. Сепак, кога станува збор за нуклеарната енергија, двете држави имаат цврсто пријателство. Примамливо е ЕУ да се подели на поедноставни блокови, без разлика дали се работи за медитеранските држави на југот или за штедливите на северот. Реалноста на европската политика е калеидоскопска, а нуклеарната енергија не е исклучок.
Дебата на хегемоните
Во оваа дебата Германија најверојатно ќе биде на губитничката страна. Берлин се откажа од нуклеарната енергија по катастрофата што се случи во Фукушима, Јапонија, во 2011 година, кога земјотрес и цунами предизвикаа топење на реакторот во нуклеарната централа. Канцеларката Ангела Меркел тогаш вети дека ќе им стави клуч на германските нуклеарни централи за една деценија. По нејзин пат тргнаа земјите од Белгија до Бугарија, кои ги укинаа плановите за изградба на нуклеарни централи и ветија дека ќе ја забранат нивната работа. Сепак, мислењата се сменија. Германија знае дека нема поддршка за да спречи нуклеарната енергија да биде оценета како зелена. Австрија и Луксембург веројатно би застанале како нејзина поддршка, но малкумина други би го сториле истото тоа. За некој што има репутација на доминантна сила, Германија не се покажува како особено како хегемон во оваа област.
Во исто време, Франција станува сè повлијателна. Европа, која повторно се вљубува во нуклеарната енергија, е само еден пример од многуте политички дебати што се движат во француска насока. За сè, од индустриската политика, каде што блокот сега е ентузијастички државно управуван, до експанзивната реторика во надворешната политика, ЕУ зборува на француски јазик. (Иако Франција не успева во своите обиди да го натера европскиот блок повеќе да го користи францускиот јазик.) Нуклеарната енергија е уште една дебата во која Париз на крајот ќе победи.
За иднината на нуклеарните централи
Денес нуклеарната енергија сочинува само мал дел од вкупната светска енергетска потрошувачка, но некои држави може да бидат сведоци на обновување на нуклеарните капацитети во наредните неколку децении како еден начин да се намали штетната емисија на стакленичките гасови. Американската администрација за енергетика прогнозира дека производството на струја од нуклеарна енергија ќе се зголеми речиси тројно во земјите во развој во наредните триесет години, но ќе продолжи да сочинува релативно мал дел од вкупната енергетска потрошувачка, а се очекува да се задржи досегашното темпо во најбогатите земји. Од друга страна, некои експерти не ја гледаат улогата на овој вид енергија во борбата против климатските промени. Тие укажуваат токму на катастрофалните ризици што ги претставува по животната средина, како несреќата во Фукушима, како и на зголемената конкуренција во енергетските алтернативи, како соларната и ветерната енергија.
И гасот влегува во игра
Без оглед на тоа за каква тема станува збор, ЕУ е машина за правење договори, со тоа што консензусот се постигнува преку мешавина на поткуп, уцена и правење услуги. Гасната енергија е подложена на ист вид дебата како и нуклеарната енергија. Додека гасот генерира емисии на јаглерод, тој е почист од јагленот, како што тврдат неговите поддржувачи. Некои земји ја поддржуваат нуклеарната енергија, но се против гасот, а други, пак, обратно. Некои се противат на двете енергии, додека некои ги бараат и двете. Навидум темите се различни, меѓутоа во реалноста тие се врежани во главите на националните влади и пратениците што го имаат конечниот збор. Преклопените интереси водат меѓусебен натпревар за компромис, кој, во најдобар случај, ќе ги остави речиси сите еднакво несреќни.
Нуклеарната енергија како политичко прашање
Ако политиките се сметаат за поврзани, истото тоа важи и за политичките последици. Како пример може да се земе уште една горлива дебата, а тоа е реформата на правилата за трошење на ЕУ. Веројатен компромис е дека иако строгите правила би можеле да останат да важат за секојдневните трошоци, земјите би можеле послободно да трошат во име на зелената транзиција. Ако нуклеарната енергија е означена како зелена во приватниот сектор, станува потешко да се избегне слична ознака кога станува збор за јавните пари. На крајот, германските гласачи може да гледаат преку Рајна како нивните француски соседи се расфрлаат со пари на енергија што ја сметаат за опасна.
Политиката продира во секоја институција на ЕУ. На хартија, Европската комисија, која ја носи првичната одлука за тоа како да се третира нуклеарната енергија, е полна со државни службеници што нудат технократски одговори. Во практика, тие знаат дека прашањето за нуклеарната енергија е политичко. Тие, исто така, знаат дека животот ќе биде полесен ако одговорат брзо, по можност пред да се формира новата германска влада, во која би се вклучила антинуклеарната Зелена партија. Меркел може да ја напушти функцијата со уште еден компромис зад нејзиното име. Зелените, ако дојдат на власт, можат да ја обвинат претходната влада за свршен чин. На крајот на краиштата, и Макијавели беше државен службеник.
Чистата енергија бара валкани зделки
Нуклеарната политика е потсетник дека судбините во ЕУ се поврзани, без разлика дали станува збор за енергијата, животната средина или економијата. Како што се интегрира енергетскиот пазар на ЕУ, оние земји што се гордеат само со користење најчиста енергија ќе имаат корист од оние што се потпираат на поспорни извори. ЕУ е сè похомогена ѕверка, со помалку исклучоци за оние што сакаат да ги прават работите поинаку. Колективните одлуки имаат колективни исходи. Моне напиша дека „би било лудо да пристапиме одделно на нашата атомска иднина“. ЕУ заедно ќе чекори кон својата атомска иднина, без разлика дали тоа им се допаѓа или не на некои земји.