Европа може да изгуби дури 15.000 километри од своето крајбрежје, поради ерозијата предизвикана од климатските промени. Најпогодени од овој еколошки проблем ќе бидат плажите на Британија, Франција, Украина, Ирска, Грција, Шпанија и на Италија
Животниот стил покрај вода, одморите во тропските одморалишта, но и плановите за селење покрај морскиот брег може наскоро да завршат во историјата. Речиси половина од светските песочни плажи ќе бидат блиску до исчезнување до 2100 година, како резултат од крајбрежните поплави настанати од глобалните климатски промени, но и од човечкото мешање во природата. Ова се наведува во новата студија на Заедничкиот истражувачки центар (ЗИЦ) на Европската комисија.
Покрај загрозување на животинскиот свет и изолираните заедници, ерозијата на песокот може да им нанесе проблеми на големите урбани средини, богати со инфраструктура и масовен туризам. Како што ќе се повлекуваат плажите, ваквите места повеќе нема да бидат заштитени од опустошувањата што ги прави океанот. Владите веќе почнаа да инвестираат во контрамерки што би го намалите ваквото влијание, кое истовремено е и скапо, но и неодржливо.
За само 30 години од сега, ерозијата ќе уништи 36.097 километри или 13,6 отсто песочни површини во светот. Тоа понатаму ќе прогресира во текот на втората половина на векот, бришејќи дополнително уште 95.061 километар или 25,7 отсто од крајбрежјата во светот.
Овие прогнози се далеку од најкатастрофални досега. Тие, всушност, се потпираат на оптимистичката прогноза на „зелените“ глобални економии, кои го спречуваат глобалното затоплување. Според ова сценарио, со намалено топење на ледените површини и зголемување на нивото на водата, океаните би требало да се зголемат за просек за 50 сантиметри во овој век. Подемот би бил на уште повисоко ниво од 80 сантиметри, ако продолжиме да ги ослободуваме сегашните количества јаглерод диоксид, предупредува Меѓународниот институт за климатски промени. Ако се случи тоа, вкупно 131.745 километри плажи, или 13 отсто од брегот на планетата што не е по мраз и од кој една третина е со песок, ќе отидат под вода.
Во светот, просечното повлекување на брегот ќе биде 86,4 метри (според сценарио со ниски јаглеродни емисии) или 128,1 метри (според сценариото со високи јаглеродни емисии). Вистинската ерозија ќе биде висока или ниска во зависност од секоја локација низ светот.
На пример, Британија во најдобар случај ќе загуби околу 1.531 километар или 27,7 отсто од песочното крајбрежје. Во најлош случај, се предвидува дека островската земја ќе загуби околу 2.415 километри песочно крајбрежје или 43,7 отсто, што се наоѓа на 13-то место на меѓународната листа на земји, кои во иднина ќе ги загубат песочните плажи. Иако е еден од најголемите губитници на крајбрежјата во Европа (пресметано во километри), Британија, сепак, ќе задржи релативно поголем број плажи во однос на земјите на ЕУ како Франција, Ирска, Грција, Шпанија и Италија.
Вкупно, Европејците во наредните години можеби ќе се збогуваат со 15.780 километри или 42 отсто од нивните песочни плажи, што претставува 22 отсто од вкупното светско крајбрежје.
– Должината на загрозените морски плажи опфаќа локации што ќе бидат потопени некаде можеби за повеќе од 100 метри под претпоставка дека таму нема физички граници за потенцијалното повлекување – вели Михаљис Вусдокас, океанограф во Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија и автор на студијата.
Според него, прагот од стотина метри е конзервативен, бидејќи повеќето плажи имаат широчина под 50 метри, особено во близината на населените места и на малите острови на Медитеранот.
Зголемувањето на морето на светското ниво ја влошува ситуацијата и со вештачките градби, но и крајбрежните бариери (како зградите, патиштата, браните), кои во исто време го осиромашуваат природното снабдување со материјал на песочните плажи. Дополнителен фактор на ерозијата е и засилувањето на невремето поврзано со климатските промени.
Студијата предвидува дека британските брегови, кои се соочуваат со најголема ерозија се токму оние на источниот и западниот брег од островот, кои истовремено сѐ повеќе се изложени на бранови отколку јужните. До крајот на векот околу 63 отсто од географските региони, окарактеризирани како депресии може да исчезнат под вода и да бидат разурнати. Од друга страна, забележливо е дека густината на населението е поголема во регионите што се наоѓаат над морското ниво.
– Човечкото проширување кон морето веројатно ќе продолжи во наредниот период, претежно во незагадените и неурбанизирани крајбрежја, кои се особено широки и ги има претежно во Азија и во Африка, со што неопходни се итни мерки да се спречи тоа – вели Вусдокас, автор на студијата.
Некои експерти сметаат оти само профитабилните крајбрежја вредат да се заштедат. Морската брана од 62 милиони фунти, која беше завршена со изградба во 2017 година, го штити британското летувалиште Блекпул од поплави. Ваквиот објект покрај тоа што бара големи суми за одржување, според некои тврдења, тој сега претставува повеќе проблем отколку решение за проблемот. Браната го нарушува природниот процес на дополнување со песок на плажите, што во исто време ја влошува состојбата со ерозија на крајбрежјето. Токму поради оваа причина, Агенцијата за животна средина реши да ги обновува плажите со ископувања подводен песок. Еколозите, пак, сметаат оти со ископот на песок од морското дно се нарушува тамошниот екосистем. Но процесот е скап. Од 1994 година се потрошени милиони фунти за обнова на крајбрежје од 20 километри. Поради тоа, помалку вредните области ќе бидат оставени на својата судбина, без човечка интервенција за обнова. На овие места ќе бидат жртвувани илјадници објекти поради поплавувањето на крајбрежјата.