Прогноза за идните безбедносни превирања
Ако НАТО и западните сили не интервенираа во Либија, таму со сигурност ќе следуваше масакр на стотици илјади луѓе, пишува Корт Дебеф за „ЕУ опсервер“
Од дебаклот во Авганистан, сè повеќе аналитичари го кренаа својот глас против интервенциите на Западот. Според некои, тој треба да интервенира воено само кога е загрозен личниот интерес и ако нема друга алтернатива. Многумина веруваат дека интервенцијата во Либија била грешка. Тоа што либискиот покоен лидер Моамер Гадафи сè уште ќе биде на власт, немаше да биде важно за нашите интереси. Со други зборови, аналитичарите се убедени дека обично е подобро да не се реагира отколку да се преземат некакви мерки.
По Тунис и Египет, Либијците излегоа на улица за првпат на 17 февруари 2011 година, за да бараат крај на режимот на Гадафи, кој претставуваше владеење на теророт од 1969 година. Тоа се случи прво во Бенгази, вториот по големина град во Либија, кој тогаш имаше население од околу 630.000 жители. Во март 2011 година, војската на Гадафи со огромна сила маршираше кон Бенгази, за да го пресече во корен целиот отпор практично „од куќа до куќа, од улица до улица“. Никој не се сомневаше дека десетици илјади, ако не и стотици илјади луѓе ќе бидат убиени. Се очекуваше да се случи геноцид десет, а можеби 50 пати поголем од Сребреница. Самите Либијци, особено идниот премиер Махмуд Џибрил, прво го убеди Европскиот парламент, а потоа тогашниот француски претседател Никола Саркози и на крајот американската државна секретарка Хилари Клинтон да се обидат да го спречат овој масакр. Кога авионите полетаа од Франција кон Либија, на 17 март, либиската војска буквално веќе беше пред портите на Бенгази. Беше избегнат голем масакр, благодарение на либиската опозиција и на НАТО.
Хаос во Либија
Противниците на НАТО-интервенцијата ги црпат своите аргументи во хаосот и војната што оттогаш владеат во Либија. Се разбира, точно е дека состојбата во земјата е ужасна и дека исто така таа доведе до миграција на десетици илјадници луѓе во Европа. Меѓутоа, работите можеа да излезат поинаку доколку европските земји тогаш постигнеа долгорочна визија и да им дадеа поддршка на Либијците во нивната демократска транзиција. Знаејќи ги своите ограничувања, Либијците многупати побараа помош од Европа. Таа не доби финансиска поддршка, туку помош со гранични контроли, политичка организација и поддршка за решавање на политичкиот конфликт, кој делумно се разгоре поради влијанието на различни земји од Персискиот Залив. За жал, Европа беше премногу поделена за да ги исполни тие барања. Особено Франција и Италија со години се бореа меѓусебно за да го приграбат огромниот профит од нафтата на Либија, наместо да бараат решенија за војната што се подготвуваше. Токму поради ваквите краткорочни размислувања, Либија е заглавена во хаос. Ние им дозволивме на земјите од Персискиот Залив, Турција, Русија и сите видови милиции да ја преземат земјата, додека Европа се ограничи на лажни мерки против бегалските бранови, кои само се зголемуваа. Фактот што денес, по седум години, конечно повторно постои влада на национално единство, со претстојните избори, се должи на иницијативата на Германија, која ги донесе сите страни на преговарачката маса во име на Европската Унија (ЕУ) и Обединетите нации. Ако Европа е обединета и има политичка волја да направи нешто, а не ништо, тогаш може да врати на вистинскиот пат дури и поуништена држава од Либија.
Цената на непреземањето акција
Вистина е дека потешко може да се проценат последиците од непреземањето акција. Сепак, во некои случаи тоа е многу јасно. Цената за ништо да не се направи во Сирија е исто така јасна, до одреден степен. Кога режимот на претседателот Башар ал Асад користеше хемиско оружје против цивили во летото 2013 година, преминувајќи ја таканаречената црвена линија на американскиот претседател Барак Обама, сите очекуваа воена интервенција. Во тоа време, режимот на Асад беше на работ да пропадне, а Исламската држава во Сирија практично не постоеше. Фактот дека Обама во последен момент одлучи да не интервенира имаше и сè уште има огромни последици. Така се распадна бунтовничката армија поддржана од Западот, која беше единствената група што им се спротивстави на џихадистичките милиции. Асад се чувствуваше недопирливо и продолжи да убива со уште помалку скрупули отколку порано. Бројот на жртвите одамна ја помина границата од половина милион. Одеднаш Сирија стана наш проблем. Хаосот беше токму она што ѝ беше потребно на Исламската држава од нула да создаде варварски калифат. Овој пекол на земјата предизвика милиони луѓе да избегаат во 2014 и 2015 година во соседните земји, но и во Европа, што доведе до нашата таканаречена бегалска криза. Покрај тоа, истата таа Исламска држава изврши терористички напади во Брисел, Париз и многу други градови во ЕУ. Така, иако најавената интервенција во Сирија во 2013 година не изгледаше во наш најдобар интерес, последиците од тоа да не направиме ништо ни се вратија како бумеранг.